По четирите победи на 10 километри на претходните шампионати, конечно славниот тркач од Етиопија му го препушти приматот на својот сонародник Кенениса Бекеле. Елена Исинбаева беше главна ѕвезда во Хелсинки, а Бланка Влашиќ во Осака

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (4)

Во Париз во 2003 година беа постигнати два најдобри резултата во светот во брзо одење. На 20 км тоа го стори Џеферсон Перез од Еквадор, а на 50 км Роберт Корженовски од Полска, но на борилиштата на популарниот „Стад д` Франс“ во париското предградие Сен Дени немаше светски рекорди.
Затоа, пак, овој шампионат ќе остане запаметен по појавата на одличниот долгопругаш од Етиопија, Кенениса Бекеле, кој беше достојна замена за славниот Хајле Гебресиласие, кој до оваа трка, во која заврши како втор, дури четири пати ја освојуваше титулата светски првак на 10 км. За доминацијата на Етиопјаните над Кенијците да бидe комплетна се погрижи Сихине, кој беше трет. Кенијците во Париз останаа со празни раце, Корир беше дури петти. Разочарувањето на Кенијците беше дополнето и со поразот на Езекиел Кембои во трката на 3.000 метри стипл-чез. Овде тој загуби од својот сонародник Саиф Саед Шахен, кој трчаше за својата нова земја, Катар.
Трката на 100 метри ќе биде запаметена по сензационалната победа на Ким Колинс од Сент Кид и Невис, како и по дисквалификациите на тројца од фаворитите, Британецот Двајн Чемберс и Американците Монтгомери и Драмонд, уште пред финалната трка.
Во Париз заврши доминацијата на Германците во фрлање диск и од овој шампионат почна ерата на одличниот Литванец Виргилиус Алекна. На „Стад д` Франс“ продефилираа 1.979 атлетичари од 198 држави.

Кенениса
Бекеле

ХЕЛСИНКИ: ИСИНБАЕВА СО СВЕТСКИ РЕКОРД

Хелсинки во 2005 година по вторпат (по првиот во 1983-та) беше организатор на Светското првенство. Интересно е дека овој собир мина во знакот на дамите. Елена Исинбаева во скок со стап, и покрај лошото време, дождот и лизгавото залетиште, беше прва, со нов светски рекорд од 5,01 метри. Русинката беше супериорна и веќе од поодамна беа „избришани“ нејзините конкурентки Моника Пирек од Полска, која беше втора со само 4,60 метри, и Павла Хамачкова од Чешка, која со 4,50 го освои третото место.
Но Исинбаева не беше единствена атлетска хероина. Покрај неа, и Кубанката Ослејдис Менендез се запиша во списокот на светските рекордерки во фрлање копје, со резултат од 71,70 метри. Во Хелсинки причина за славење имаше и Русинката Олимпијада Иванова, која постави најдобар светски резултат во одење на 20 километри.
Во Париз заврши ерата на Мароканецот Хишам ел Геруж, кој по четврти пат во низа триумфира на патеката од 1.500 метри. Тој и натаму не е надминат и тешко може да се верува дека некој ќе успее да ги повтори неговите подвизи во класичната атлетска трка на 1.500 метри.
На 800 метри, пак, најдобриот европски тркач, Русинот Јури Борзаковски, исто како и две години порано во Париз, и овде во финишот ја загуби трката, овој пат од Рашид Рамзи од Бахреин, и по вторпат заврши на втората позиција. На Олимпискиот стадион во Хелсинки се појавија спортисти од 191 земја. Меѓу учесниците имаше 21 победник од претходните првенства.

ОСАКА: ВЛАШИЌ И ЛАГАТ ГЛАВНИ ЗВЕЗДИ

Јапонскиот град Осака мина без светски рекорди, но со две ѕвезди што посебно го обележија 11-то СП. Хрватката Бланка Влашиќ со своите скокови во височина, грациозноста и специфичниот начин на кој го изразуваше задоволството по успешните скокови, ги освои гледачите. Кога таа се подготвуваше за скок, се чувствуваше некоја посебна атмосфера на трибините, една зовриеност, исчекување. А, таа, знаејќи го и чувствувајќи го сето тоа, се погрижи амбиентот да биде комплетен. Откако во првите обиди лесно „леташе“ од 185 до 197 сантиметри, малку подзастана на два метра и беше успешна во вториот обид, за на следната височина од 203 сантиметри повторно да ја прелета летвичката во првиот обид и да го крене целиот стадион на нозе. Поголемите проблеми дојдоа на 205 сантиметри, кога, сепак, во третиот обид ја совлада височината. Откако ги имаше обезбедено триумфот и златниот медал, тргна во напад и на светски рекорд од 210 сантиметри. Но во трите обиди беше неуспешна, па, така, Бугарката Стефка Костадинова и натаму остана на првото место на вечната листа во оваа дисциплина.
Американецот Џереми Воринер, кој на 400 метри го освои второто злато, со таа разлика што од пред две години претходно во Хелсинки, овој пат во Осака беше побрз, постигнувајќи резултат од 43,45 секунди и за половина секунда го остави зад себе сонародникот Мерит. Воринер во оваа трка се доближи на само 27 стотинки до тогашниот светски рекорд на Мајкл Џонсон.
Уште еден натурализиран Американец, Бернард Лагат ќе ја памети Осака по несекојдневниот подвиг. Имено, тој стана првиот човек во историјата што успеал да победи на 1.500 и на 5.000 метри на еден ист светски шампионат.
На најкратката патека кај мажите супериорен беше Американецот Тајсон Геј. Тој победи и на 200 метри, трка во која Усеин Болт беше втор и со тоа го најави своето брзо доаѓање на спринтерскиот врв. Во женска конкуренција традиционално продолжи борбата меѓу спринтерките од Јамајка и САД. Во Осака имаше 1.800 учесници од 197 држави.

(Утре: СП во Берлин, Даегу и Москва)