Последното незадоволство и протестите на пензионерите, кои бараат поголем износ на минималната пензија и линеарно зголемување на пензиите за сите корисници на пензија, беа повод за разговор со претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, Станка Трајкова. Во интервјуто за „Нова Македонија“ таа дава одговори и се осврнува на низа актуелни прашања за тоа кои се карактеристиките на пензиските системи во светот и кај нас, кое е клучното влијание за висината на пензијата, зошто кај нас има голем број корисници со ниски пензии и како да се подобри тоа, но и каков е ставот на СЗПМ за протестите
ИНТЕРВЈУ СО СТАНКА ТРАЈКОВА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА НАЈГОЛЕМАТА ПЕНЗИОНЕРСКА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО ДРЖАВАТА
На почетокот, пожелно е да ни кажете некои важни карактеристики за пензиските системи како значајна област во секоја држава?
– Во светот постојат различни пензиски системи, и тоа како универзални, кои обезбедуваат пензии за сите граѓани, без оглед дали плаќале или не придонес за пензиско и инвалидско осигурување, но најчести се пензиските системи што се поврзани со придонес, односно обезбедување пензија само на оние лица што плаќале придонес за пензиско и инвалидско осигурување. Тие системи обично се организираат на принципот на пресметана пензија по формула утврдена со закон за која постои гаранција од државата за нејзината исплата, како што е пензијата за пензионерите што оствариле пензија во систем со еден столб. Таква е и пензијата на пензионерите што протестираат. Тие однапред знаеле колкава ќе биде нивната пензија, бидејќи таа е определена од платата што ја оствариле во својот работен век и вложениот придонес изразен преку должината на пензискиот стаж. Кога зборувам за пензиските системи, да кажам и дека главни карактеристики на еден пензиски систем се: целите, кој е вклучен, кој ги плаќа придонесите, избор, финансирање, кој ризикува, кој гарантира, видови на пензија, заменска стапка (процент за определување на пензијата од пензиската основа), платата што е вклучена, определувањето на висината на пензијата и индексирањето. Што се однесува до целите на пензискиот систем, несомнено е дека самата држава одлучува кои од нив ќе ги вгради во сопствениот пензиски систем, како на пример обезбедување ист стандард на живеење што го имале додека работеле. Важна е и околноста дали ќе имате и редистрибуција односно префрлување на приходите од една на друга целна група.
Зошто во македонскиот пензиски систем има голем број корисници со ниски пензии, што сега се рефлектира и преку протестите и изразеното незадоволство?
– Како што е познато, пензијата е индивидуално право, неотуѓиво и материјално и зависи од платата што осигуреникот ја остварувал во својот работен век, најрано од 1970 година. Важни елементи од кои зависи висината на пензијата се висината на платата и должината на пензискиот стаж. Во нашата земја има околу 85 000 пензионери со ниски пензии. На прашањето зошто кај нас има толку голем број најниски пензии, јас би го дала следниот одговор:
Прво, постоењето на ниски пензии го генерира самиот пензиски систем и тоа поради следното: постоење на докуп на стаж, плаќање придонес со дисконт, ниска основица за земјоделски осигуреници, низок износ на паричен надоместок за време поминато како пријавен осигуреник од Агенцијата за вработување, фиктивно пријавување да се оствари пензиски стаж до 15 години или престанок на плаќање на придонесот по навршени 15 години, овозможување на осигуреникот плаќање придонес на најниска основица, а исплата на преостанатиот дел на плата на „црно“, бизнисмени, адвокати и други што свесно не го плаќале придонесот како што треба и др. Во сите претходни случаи придонесот се плаќал на најниска основица и пензијата е определувана од најниска плата и минимум на пензиски стаж од 15 години.
Второ, за ниските пензии е одговорен и самиот осигуреник, бидејќи тој знаел дека со плаќање придонес на најниска основица и стаж од 15 години не може да очекува висок пензиски приход во третата доба.
Како е регулиран сега најнискиот износ на пензија?
– Право на најнизок износ на пензија имаат пензионери на кои пензијата им е помала од утврдениот најнизок износ на пензија, износ што е утврден од просечната плата и должината на пензискиот стаж. На пример, ако личната пензија на пензионерот пресметана според неговата плата и стаж изнесува 5.000 денари, тогаш му се доплаќа до најнискиот износ врз основа на принципите на заемност и солидарност на другите осигуреници. Најнизок износ остваруваат и пензионери што остварувале пензија според меѓународен договор за социјално осигурување доколку странската и македонската пензија се помали од најнискиот износ на пензија.
Каков е ставот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, но и вашиот личен став, како претседателка на најголемото здружение на пензионери, во врска со протестите?
– Протестот е демократско право и се користи во практикувањето на демократијата. Според моето мислење, секој протест е значаен, било да е во помал обем или во поголеми размери, бидејќи од него можете да извлечете одредени заклучоци. Несомнено е дека протестот е законско право, меѓутоа важни елементи за протестирање се: кој протестира, времето и местото на протестирање, целта, начинот и многу е важно кој е организатор на протестот.
Деновиве пензионери од неколку општини излегоа на протести со барање за зголемување на минималната пензија и линеарно усогласување на сите пензии. Значајна околност во врска со протестите е дека тие не се организирани од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија ниту од здруженијaта членки на Сојузот. Одговорно тврдам дека и Сојузот и здруженијата се граѓански организации во кои се организирани пензионерите со цел да го остваруваат својот пензионерски активизам. Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, како што впрочем реков, во континуитет ги следи и ниските пензии и сите прашања во врска со правата на пензионерите и ги решава по институционален пат, со давање иницијативи, предлози и мислења до надлежните органи во државата.
Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 отсто од први март 2023 година и очекувано усогласување од околу 6 отсто од први септември, значи вкупното усогласување во 2023 година се очекува да изнесува околу 15 отсто, но сепак има групи незадоволни пензионери што бараат поголемо усогласување на ниските пензии и линеарно зголемување на сите пензии.
Каков е ставот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија во однос на износот на минималната пензија и линеарното зголемување за сите корисници на пензија?
– По прашањето за минималната пензија, Сојузот работи уште пред протестите и за таа цел подготви предлози за најнискиот износ на пензија, а истите тие во најкраток рок ќе бидат разгледани заедно со Министерството за труд и социјална политика. Дадените предлози од страна на Сојузот се базираат на анализи и сметаме дека се одржливи и остварливи и нема да предизвикаат финансиска нестабилност на државниот пензиски фонд. При подготвувањето на предлозите за минималната пензија се имаше предвид следното: најнискиот износ да се решава во рамките на пензискиот систем, а не со посебен закон, да се изврши рационализација на сегашните девет групи на најнизок износ што по својата висина се разликуваат, како параметар за определување на најнискиот износ да се користи просечната плата, да се имаат предвид принципите и постулатите на пензискиот систем и, најважно, предложениот износ да биде реален и остварлив. Во врска со линеарното усогласување се истакнува дека линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување ниту во пензиските системи на европските земји. Меѓутоа, кога станува збор за корисниците со ниски пензии, многу се значајни мерките надвор од пензискиот систем. Имено, во изминатиот период Сојузот во соработка со Министерството за труд и социјална политика и други државни органи презеде повеќе активности за подобрување на материјалната положба на пензионерите, и тоа: покрај пензијата беше доделувана и соодветна парична помош, беше субвенционирана електричната енергија, беа обезбедени пакети со прехранбени производи, имаше ослободување од плаќање партиципација за болничко лекување за корисници на пензија чии примања изнесуваат до 14.500 денари и друго. Од страна на здруженијата на пензионери се обезбедуваат средства и за социјални и солидарни намени. Социјалните намени опфаќаат средства за: парична помош, социјални пакети или ваучери за набавка на одредени прехранбени производи, помош за здравствени потреби (набавка на лекови, бањско лекување, набавка на ортопедски помагала и друго), помош со учество на средства за набавка на огрев, покривање дел од штетите од елементарни незгоди и несреќи и друго. Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија во континуитет ги следи пензиите, меѓу кои и ниските пензии, со доставување иницијативи, предлози и мислења, со цел да влијае на јавното мислење при креирањето на политиките за обезбедување минимум материјална и социјална сигурност на корисниците на пензија
Кои се следните активности и што ќе биде преземено во иднина од страна на Сојузот и на здруженијата?
– Како сојуз, и во иднина ќе продолжиме да даваме иницијативи, предлози и барања врз база на нашите анализи и согледувања за сите прашања од интерес на пензионерите. Истите тие ќе бидат доставувани до Министерството за труд и социјална политика и други институции. Ќе користиме искуства и од сојузи на здруженија на пензионери од опкружувањето и пошироко. Ќе поттикнуваме проекти за заштита на стандардот на пензионерите. Здруженијата и понатаму ќе се грижат за своето членство. Од средствата за солидарни намени, здруженијата ќе доделуваат, како и досега, разна помош со согласност со своите програми, покрај другото, и за колективен превоз во јавниот сообраќај, рекреативни патувањa, чистење во домовите и домашно снабдување, билети за културни манифестации и друго. За сите овие намени за членството, кои најмногу се наменети за пензионерите со ниски пензии, во согласност со одлуката за единствени критериуми во материјално-финансиското работење на Сојузот и здруженијата, здруженијата имаат обврска да издвојуваат најмалку 25 отсто од вкупните расходи во тековната година. Грижата за пензионерите продолжува и понатаму со проактивна улога на претседетелите и нивна поголема присутност по разграноците, каде што се одвива реалниот пензионерски живот, информирајќи се за нивните потреби и за нивно решавање преку органите на здружението и на Сојузот.
Редакција на „Нова Македонија“