Фото: ЕПА

Кога станува збор за каматните стапки и Европа, со најголема веројатност е сценариото во кое следува „нешто подолг период на зголемување на каматите“. Поради геополитичките тензии и војната во Украина, фискалната експанзија и недостигот од работна сила, во овој момент е тешко да се предвиди колку долго ќе трае високата инфлација во Европа, бидејќи, за разлика од САД, таа е помалку независна од енергија и храна. Економското закрепнување ќе биде побрзо во САД отколку на Стариот Континент

САД и Германија покажуваат сериозни знаци на немоќ пред високата задолженост и скапата енергија

Растечкиот долг на сојузно, државно и на локално ниво и континуираното вложување на критериумите на управување на јавниот долг се причина за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД. Највлијателната агенција за евалуација на кредитниот рејтинг, агенцијата „Фич“, во вторникот го „коригираше“ рејтингот на САД од највисокото ниво ААА, кој е симнат за еден степен, на ниво АА+. Нискиот кредитен рејтинг во иднина може да ги зголеми трошоците на задолжување на американската влада, а наедно и дополнително да ги поларизира политичките односи во САД околу владините потези за потрошувачката и даноците, што може да резултира со дополнително фискални оптоварувања на граѓаните и економските субјекти.
Агенцијата „Фич“ ги информирала официјалните институции на администрацијата на Џо Бајден дека протестите во Капитол, на 6 јануари 2021 година, биле значаен фактор во процесот на евалуација и донесувањето на намалувањето на рејтингот, бидејќи овие настани укажувале на „нестабилна влада“. Ова е вторпат во историјата на САД да има намалување на кредитниот рејтинг од 2011 година, кога другата агенција за евалуација на кредитниот рејтинг, „Стандард и пурс“, им ја одзеде највисоката оцена на САД од ААА, по долгата борба околу лимитот на задолжување на американската влада. Тогаш, буџетскиот дефицит за една година е зголемен, како и трошоците за задолжување за 1,2 милијарда долари.

Континуирана стагнација и во Германија

Новите глобални економски процеси негативно се одразија и на германската економија, која во последното полугодие не успева да оствари раст, покажуваат најновите прогнози и статистички податоци. Германија не успева да се справи со високите цени на енергијата, зголемените трошоци за задолжување и најважната причина – економското заостанување во заздравување во однос на главниот трговски партнер Кина.
Економското производство во Германија стагнира и во периодот април-јуни, соопшти Сојузниот завод за статистика. Ова следува по падот од 0,1 отсто во првите три месеци од годината и падот од 0,4 отсто во последните три месеци во 2022 година, бидејќи енергетскиот шок од војната во Украина најмногу се одрази на најголемата европска економија. Меѓународниот монетарен фонд минатата недела прогнозираше дека Германија ќе биде една голема светска економија, која годинава ќе оствари слаби резултати, наспроти слабиот економски раст во светот, поради порастот на каматните стапки и заканите од растечка инфлација.

Силната трансмисија на претходните зголемувања на каматните стапки
продолжува

Европската централна банка повторно одлучи да ги зголеми трите клучни каматни стапки за нови 25 базични поени. Така, практично тргна по патот на американската централна банка, која исто така одлучи да ги зголеми каматните стапки за 0,25 отсто. Растот на цените е забавен во последните месеци, додека ЕЦБ неколкупати ги зголеми каматните стапки со цел да ја забави инфлацијата, која во јуни во еврозоната изнесуваше 5,5 отсто на годишна основа
– Инфлацијата продолжува да се намалува, но сепак се очекува да остане висока уште долго време. Административното штедење децидно се залага за значително враќање на инфлацијата на средната цел од два отсто – се наведува во соопштението на ЕЦБ.
Минатонеделното зголемување на каматните стапки се заснова на оцената на Управниот совет во однос на инфлаторните перспективи, основната динамика на инфлацијата и силата на преносот на монетарната политика.
– Движењата во периодот по последната средба го потврдуваат очекувањето дека инфлацијата ќе продолжи да се намалува до крајот на годината, но на подолг период ќе остане повисока од целното ниво. Иако постојат знаци на олеснување кај одредени мерки на инфлација, базичната инфлација и понатаму е нашироко висока. Силната трансмисија на претходните зголемувања на каматните стапки продолжува: условите за финансирање повторно се заострија и имаат сè понеповолно влијание врз побарувачката, што е важен фактор за враќање на инфлацијата на целното ниво. По зголемувањето на каматната стапка на главните операции за рефинансирање, каматните стапки на маргиналната кредитна линија и на депозитната линија од 2 август ќе се зголемат на 4,25 отсто, 4,50 отсто, односно 3,75 отсто, објави ЕЦБ.
Кога станува збор за каматните стапки и Европа, најверојатното сценарио е дека се очекува нешто подолг период на зголемување на каматите. Поради геополитичките тензии и војната во Украина, фискалната експанзија и недостигот од работна сила, сега е тешко да се предвиди колку долго ќе трае високата инфлација во Европа, бидејќи, за разлика од САД, таа е помалку независна од енергија и храна. Економското закрепнување ќе биде побрзо во САД отколку на Стариот Континент. Може да се очекува дека американските каматни стапки на крајот ќе паднат побрзо отколку што сега очекуваат пазарите, но растот на БДП на САД ќе продолжи постепено да се забавува, прогнозираат економските експерти и меѓународните финансиски институции. М.Ј.