Несреќен момент во кариерата на Емини беше што во негово време во лесните категории настапуваа и олимпискиот шампион Трстена и носителот на два европски медала Шоров. Двете сребра од Медитеранските игри и големото искуство како борач беа виза за вклучување во тренерската фела

Абаз Емини (2)

Абаз Емини во годините кога беше активен борач постигна неколку вредни резултати од кои најмногу ќе се паметат двата сребрени медала од најголемиот регионален спортски натпревар, Медитеранските игри (МИ). Честопати пласманот на МИ се сметаше како виза за настап пред сѐ на ЕП и СП, во некои спортови дури и за Олимписките игри (ОИ). Тоа придонесуваше тие да бидат уште попривлечни за спортистите од земјите што гравитираа кон Медитеранот, оти отвораа можност некои од нив да стигнат и до најголемите спортски приредби. Добра околност е што и Македонија, благодарејќи на авторитетот на првиот претседател на МОК, Васил Тупурковски, се најде во медитеранската група држави, па така, нашите спортисти имаат шанса да учествуваат на уште еден квалитетен меѓународен собир. Што се однесува, пак, на годините пред распадот на поранешната држава, кога Емини беше активен борач, настапите на југословенските спортисти не беа спорни оти и онака преку Јадранот државата му припаѓаше на Медитеранот.
Но тоа е дел од спортската историја на овој медитерански регион. Сега е интересно да видиме како младиот борач Абаз Емини стигна до двете сребра и воопшто како изгледаше тоа време, кога тој мораше да се бори со многу повозрасни борачи од него.

ОНЕСВЕСТЕН ВО КАЗАБЛАНКА

Емини се уште беше младинец кога требаше да се бори со сениорите од медитеранските земји. Тоа се случи во 1983 година на Игрите во Казабланка.
– Ја уживав довербата на селекторот Насе Насев. Тој уште од пионерските денови ме следеше и веруваше во мене. Затоа, да бидам искрен, и покрај силната конкуренција не бев изненаден кога се најдов на списокот на патници за МИ во Казабланка (Мароко) во 1983 година, кога сѐ уште немав ни 18 години. Тоа беше голема обврска, но и одговорност за мене. Бев свесен дека морам да ја оправдам укажаната доверба. И навистина беше така, го освоив сребрениот медал, но патот до него не беше ни малку лесен, дури крајот на еден меч го дочекав во несвест!
Што, всушност, се случило? Во борбата со искусниот Италијанец Пероти, кој зад себе имаше многу вакви настапи, Емини во финишот во буквална смисла на зборот бил неспортски „задавен“ од него. Кога гонгот го означил крајот, тој веќе бил во несвест. Потоа биле потребни неколку минути за да се освести. Но и натаму бил зашеметен, дури и почнал несвесно да се загрева за борбата, која веќе била завршена. Тогаш на сцена стапил тренерот Ѓатовски, кој го прашал, зошто се загрева, а Емини му одговорил дека го прави тоа за борбата што го очекува.
– Абаз, ти борбата ја заврши, туку оди одмори се за следниот меч – му одговорил Ѓатовски.
Дури тогаш, кога малку се созел, на Емини му се вратил филмот и му станало јасно што, всушност, се случило.
– Го платив данокот на неискуството. Цврсто верував во себе и во секој дуел влегував агресивно. Но не требало да биде така. Напротив, сум требало да знам кој ривал стои спроти мене и со какви квалитети располага, па дури потоа да размислувам за тоа каква борба да применам. За жал, за Италијанецот Пероти претходно не се заинтересирав кој е, не знаев реч си ништо за него и верував само во себе и мојата агресивност. Дури по мечот дознав оти тој, не само што бил искусен туку бил борач од светска класа со многу медали од големите првенства. Но ова беше една добра школа за мене, да внимавам на сите детали и да бидам подготвен да му се спротивставам на секаков противник. На крајот од МИ во Казабланка бев задоволен и среќен зашто, освен случката со Пероти, сѐ друго се одвиваше како што посакував. Брзо го заборавив поразот и почнав да редам победи, кои ме доведоа до второто место и сребрениот медал. Стигнав до пиедесталот и ги покажав мојата цврстина и желба за успех. Се вратив на душекот уште посилен и не дозволив да паднам во депресија – се присетува Емини.

СИЛНА ТРОЈКА ВО ПОЛЕСНИТЕ КАТЕГОРИИ

Во меѓувреме, Емини како член на репрезентацијата учествуваше на многу турнири на кои обезбедуваше високи пласмани. Но со оглед на тоа што неговата категорија се совпаѓаше со онаа на Шабан Трстена беше нормално олимпискиот шампион Трстена секогаш да има предност при изборот на категоријата во која ќе настапи.
– Но и јас не останував без настапи на врвните приредби иако некогаш одев во пониска категорија до 52 или 48 кг, а некогаш и во повисока до 57 кг. Сепак, бев задоволен што сум во репрезентативниот тим на поранешната држава. Во лесните категории бев во сенка на Трстена, но и на Зоран Шоров. Сите тројца бевме квалитетни. За медалите на Трстена сите знаеме, но и она што го постигна Шоров е за пофалба оти да се биде втор и трет во Европа претставува огромен успех. Затоа и не жалам што бев во сенка и на двајцата – потенцира Емини.
Сепак и во годините на голема конкуренција и меѓусебен престиж на оваа тројка, Емини настапи на Светското првенство (СП) во Будимпешта во 1985 година. Таму немаше среќа со ждрепката, веднаш налета на светскиот првак, Германецот Рајш, и во една бескомпромисна и рамноправна борба беше елиминиран.
– Германецот поведе со 6-0, но не се предавав. Напротив. Си реков, Абаз сега покажи што знаеш. Почнав да се борам феноменално и израмнив на 6-6, но на крајот за еден поен бев поразен. Во средината на 80-тите години на минатиот век настапив и на две европски првенства, во Шведска и во Полска, но и на двете налетав на Бугаринот Ценов, кој беше борач со многу освоени медали. Но морам да кажам оти не бев инфериорен. Напротив, во двете борби бев покус за еден поен. Но, што да речам, таква ми била судбината – коментира Емини.

ПО ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПАК ВТОР НА МЕДИТЕРАНОТ

Меѓу настапите на врвните приредби македонските борачи за да се подготват што подобро и да ги измерат силите со најелитните светски борачи, учествуваа на голем број турнири.
– Најтешки за мене беа „Дан Колов“ во Бугарија и „Јашар Догу“ во Турција. Тие турнири имаа квалитет како ЕП или СП. Конкуренцијата беше силна, а јас во неколку наврати успеав да стигнам до најдобрата тројка. Се сеќавам на турнирот во Истанбул кога за противници имав двајца големи шампиони, Унгарецот Биро и Турчинот Арслан. Стигнав до завршницата откако претходно го победив Биро, но во финалето со Арслан иако беше 2-2, сепак судиите му ја доделија победата на Турчинот. Имав и две победи на „Македонски бисер“, кој во минатото беше многу силен турнир на кој учествуваа асови како седумкратниот светски првак Валентин Јорданов од Бугарија и прославениот турски борач Ахмет Ак. Со него имав една незаборавна борба. Тој поведе со 6-1, јас израмнив на 6-6, но во финишот Ак освои поен и ме победи. Не жалев за поразот оти тоа беше една машка и квалитетна борба. Учествував и на турнири во Италија, Швајцарија и во Унгарија и речиси насекаде бев меѓу првите тројца – вели Емини.
Но, покрај овие многубројни настапи, погледите на Абаз Емини беа свртени кон вториот настап на МИ, овој пат во Латакија (Сирија) во 1987 година. Овде посакуваше да го повтори успехот од пред четири години од Казабланка и повторно да се бори за медал.
– Во мојата категорија имаше многу силни борачи, но јас бев решен да одам на сѐ или ништо за повторно да дојдам до медал. Најмногу стравував од турскиот претставник Арслан, оној истиот со кој ремизирав 2-2 на турнирот „Јашар Догу“. Тој беше борач што не избираше средства само да дојде до победа. Така беше и во Латакија во финалето против него. Се обидував да изведам зафат, но рацете ми се лизгаа и просто се вртев околу самиот себе. Се чудев што е ова, зошто толку ми се лизгаат рацете, па затоа побарав интервенција од судијата. Му објаснив во што е работата, а тој дојде кај Турчинот, со раката само помина на неговото рамо и даде знак борбата да продолжи како ништо да не е. По борбата, која ја загубив, се откри дека Арслан употребувал некоја маст што се меша со потта и дека не може да се открие дека тоа е мамка. Како и да е, и тоа го преживеав и повторно освоив медитеранско сребро – се сеќава на тоа време Емини.
Потоа дојдоа години кога Емини заврши со активното борење и сега е тренер. Сака на помладите да им ги пренесе своите искуства, но вели оти за да се стигне до врвот во борењето треба да се создадат адекватни услови.
– Не треба да импровизираме, туку треба да работиме стручно и да го подигнуваме квалитетот на младите борачи. Таленти имаме, но со нив треба да се тренира, како ние на времето кога работевме дури и по пет часа дневно. Но свесен сум оти за да се оствари ова, треба да се исполнат многу предуслови, а пред сѐ да се обезбедат средства за да може да формираме една база, како што во минатото беше Сарај. Таму низ тренинзи ја минувавме речиси целата година и, нормално, резултатите не изостануваа. Јас сум и против тоа да носиме борачи од странство со што практично им ја затвораме вратата на нашите таленти – рече на крајот нашата боречка легенда Емини.