Живков укажа дека постојат некои нерасчистени прашања меѓу Бугарија и Македонија, но дека тие проблеми од нивна страна се решени и јасни и не треба да бидат спорни. „Македонскиот проблем во Бугарија не постои, доколку вие не го поттикнувате. Јас сум му го кажал тоа и на другарот Тито и сум му го кажал и на другарот Колишевски“, подвлекол Живков
Први и единствени бугарско-македонски разговори во комунизмот (2)
На 27 октомври 1988 година, претседателот на Извршниот совет на Македонија, Глигорие Гоговски, беше примен од Тодор Живков, претседател на Државниот совет на Бугарија, генерален секретар на партијата, неприкосновен властодржец цели триесет години. По куртоазните поздрави станало збор за општата соработка меѓу Бугарија и Југославија, а во тие рамки и меѓу Бугарија и Македонија. Живков ја искажал потребата од таа соработка дека тоа е бугарски интерес и дека успешната стопанска соработка ќе овозможи побрз и поуспешен развој во сите други области.
Потоа се прејде на другата жешка тема. Живков укажа дека постојат некои нерасчистени прашања меѓу Бугарија и Македонија, но дека тие проблеми од нивна страна се решени и јасни и не треба да бидат спорни.
– Македонскиот проблем во Бугарија не постои, доколку вие не го поттикнувате. Јас сум му го кажал тоа и на другарот Тито и сум му го кажал и на другарот Колишевски – подвлекол Живков.
Бугарија секогаш водела политика на два колосека
Потоа продолжил. „Ние едно време имавме претензии и кон Егејска и кон Вардарска Македонија. Во врска со тоа едно се зборуваше јавно, а друго работеше раководството. Значи, се водела политика ’на два колосека‘, односно имало разлика меѓу јавно декларираните ставови за добрососедство, а друго се правеше во практиката“.
По ова Живков предложил дека „треба јавно да се каже дека Бугарија нема апсолутно никакви територијални ниту национални претензии спрема Вардарска и Егејска Македонија, па дури и спрема Турција каде што имаме над 400 илјади Бугари“.
– Македонското прашање ние го решивме на Пленумот на Централниот комитет на партијата во април 1963 година. Јас тогаш јавно изјавив дека ние немаме никакви територијални и други претензии спрема СР Македонија, го признаваме тоа население, тоа си ја формира македонската национална свест и тоа треба да се прими како завршена работа. Тоа од нас еднодушно се прими иако во одделни средини имаше недоразбирања и отпори. Македонската нација постои и тоа не е спорно. Ние само укажавме дека не е добро националното сознание да се гради врз антибугарска основа. Но тоа не се оствари. Стварноста е поинаква. Но верувам дека ќе дојде ден кога и тоа позитивно ќе се реши – рекол Живков.
Зборувајќи за состојбите во Пиринска Македонија, за националното чувство на тоа население, Живков подвлекол дека „таму националната свест е бугарска, таму е создавана бугарската историја и култура. Тоа е неспорна вистина. Ако сакате да ја видите состојбата еве ние предлагаме да се формира меѓународна комисија, да се организира референдум да се види дали има македонско национално малцинство во Благоевград. Апсолутно не страхуваме од ништо, готови сме да ги отвориме границите“.
Гоговски: Македонија очекува македонското малцинство да биде признаено
По ова збор зеде претседателот на македонската влада, Глигорие Гоговски. Тој истакна дека клучно прашање за Македонија во тој контекст се положбата, статусот и правата на македонското национално малцинство во Бугарија, подвлекувајќи дека враќање на порано признаените права на припадниците на македонското национално малцинство е оној чекор што Македонија очекува да го направи бугарската страна.
– Тоа битно би ја подобрило атмосферата, ќе ги подобри вкупните односи и доверба и значително ќе ја забрза и унапреди соработката. Неповолната положба на македонското малцинство во Пиринска Македонија и немањето соодветни права претставуваат своевиден лимитирачки фактор за развој, збогатување и унапредување на меѓусебната соработка, иако тоа не услов за таа соработка – подвлекол Гоговски.
Гоговски потоа направи ретроспектива за состојбите таму во периодот по Втората светска војна. Укажа дека на Десеттиот пленум на ЦК на БКП од 1946 година се утврдени и донесени официјални ставови за формирање многубројни институции на македонски јазик, основање училишта на македонски јазик, отворање библиотеки, читалници, книжарници и слично со публикации на македонски јазик. Од Македонија биле испратени стотина учители во пиринскиот дел, почнало основање на Македонски народен театар во Благоевград со актери од Скопје и од пиринскиот крај итн.
Македонците ги има на три пописи – каде исчезнале во меѓувреме?
Тоа беа евидентни докази за новата бугарска политика за признавање на правата на македонското национално малцинство и создавање културна автономија во пиринскиот крај како израз на официјални ставови на политиката на највисоките државни и партиски органи на НР Бугарија. Сето тоа се случуваше кога на чело на партијата беше Ѓорѓи Димитров, познат како „периодот на Димитров“.
Гоговски ги изнесе и статистичките податоци за националниот состав на населението во НР Бугарија, особено во пиринскиот дел, кои се официјални податоци на бугарската статистика. На пописот од 1956 година, дури осум години по Информбирото, во пиринскиот крај над 178 илјади лица се изјасниле како Македонци. Тие податоци како точни се објавени и во 1960 година. Тие податоци не треба да се кријат, како што се прави во поново време. Логично е да постави прашањето – што стана со тој број Македонци и нивните потомци и како можеле толку брзо и едноставно да се намалат на седум–осум илјади забележани подоцна, а на последните неколку пописи на населението целосно да исчезнат. Враќањето на нивните порано признаени права би било историски оправдано, правно основано и човечки праведно, подвлече Гоговски, водачот на македонската делегација.
(продолжува утре)