Спиењето е суштинска телесна функција за луѓето од сите возрасти. Тоа нѐ одржува здрави и полни со енергија и ги подобрува менталната јасност, меморијата, концентрацијата, расположението и другите витални аспекти. Од друга страна, недостигот од сон е поврзан со негативни здравствени ефекти, како што се лошо ментално здравје, дебелина, срцеви заболувања, висок крвен притисок, па дури и прерана смрт.
Колку сон навистина ни треба? Одговорот во голема мера зависи од возраста.
Новороденчиња (0-3 месеци)
Додека Американската академија за медицина на сон нема одредени препораки за тоа колку треба да спијат новороденчињата, Канадскиот институт за здравје на децата и младите препорачува од 14 до 17 часа сон дневно.
Бебиња (4-12 месеци)
Како што растат, на бебињата и понатаму им треба уште многу сон, поточно од 12 до 16 часа на ден, вклучувајќи и дремки.
Мали деца (1-2 години)
Дел од здравиот развој на оваа возраст е од 11 до 14 часа сон дневно.
Деца (3-6 години)
На децата од предучилишна возраст им требаат помеѓу 10 и 13 часа сон. Многу е важно децата на оваа возраст да воспостават редовно време за спиење, будење и дремка за да обезбедат здрави навики.
Училишна возраст (7-12 години)
На децата што растат сè уште им треба повеќе сон од возрасните. Во училишна возраст тоа е помеѓу 9 и 12 часа на ден.
Тинејџери (13-18 години)
На тинејџерите им требаат од 8 до 12 часа сон дневно. Приближувањето до зрелоста е одлично време да започнете со градење доживотни навики за спиење, кои вклучуваат намалување на сината светлина пред спиење, нејадење пред спиење и придржување кон рутината.
Возрасни (18-64 години)
Препорачаното време за спиење за возрасни е од 7 до 9 часа навечер. Квалитетот на сонот е исто толку важен колку и бројот на часови.
Постари (65+ години)
Постои верување дека на постарите лица не им треба толку многу сон, но тоа не е точно. Постарите луѓе исто така имаат потреба од 7 до 9 часа сон дневно, но некои луѓе не успеваат да спијат доволно. Вреди да се трудите, бидејќи доволното спиење помага да се спречат состојби како Алцхајмерова болест и губење на мускулите.
Професор од Харвард тврди
Глупост е дека ни требаат осум часа сон во текот на ноќта
Многупати досега сме слушнале дека ни требаат осум часа сон во текот на ноќта, но, според д-р Даниел Е. Либерман, тоа е глупост. Овој професор на универзитетот „Харвард“ во поткастот на „Дајери оф ЦЕО“ изјави дека идејата дека луѓето спијат осум часа навечер е обична глупост.
Либерман е најпознат по неговите истражувања за човечката еволуција, палеоантропологијата, еволутивната медицина и вежбањето. Тој вели дека правилото за осум часа сон постои одамна, уште од индустриската револуција.
Меѓутоа, тој и неговите колеги спроведоа истражување на луѓе што спијат шест или седум часа и не предремуваат во текот на денот.
– Заклучивме дека едноставно не е точно дека ни требаат осум часа сон – му откри тој на водителот на поткастот Стивен Бартлет.
Тој смета дека на луѓето треба да им се препорача седумчасовен сон.
– Кога ќе ги погледнете податоците, луѓето што не спијат многу се во неволја, но оние што спијат седум часа се во ред – тврди тој.
Неговото тврдење не е целосно неточно, со оглед на тоа дека препорачаното време за сон зависи од возраста. Седум или повеќе часа сон во текот на ноќта се препорачуваат за возрасни, а некои организации наведуваат од седум до девет часа.
– Ќе ви треба повеќе сон ако сте болни, но седум часа се оптимални за повеќето луѓе – заклучува д-р Либерман.