Серијата опожарени возила на припадниците на полицијата загрижува, а надлежните засега немаат расчистено ниеден случај / Фото: Игор Бансколиев

На сите овие кривичноправни случаи со пиромански заеднички именител на сторителите работат специјално обучени и искусни полициски инспектори, кои, за жал, сѐ уште немаат докази за да можат да поднесат издржани кривични пријави по кои обвинителството би можело со сигурност да поднесе обвинителен акт до судовите…

ЗАЧЕСТУВААТ ИНЦИДЕНТИТЕ ВО КОИ СЕ ПАЛАТ АВТОМОБИЛИ НА ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ

Пред само неколку дена, рано наутро во Штип, на паркингот на улицата Ванчо Китанов било опожарено возило марка „ауди 5“, во сопственост на началникот на СВР-Штип, Боби Гидиоски. Настанот и официјално го потврдија од СВР-Штип. Оваа појава, односно подметнувањето пожар на патнички моторни возила во сопственост на полициски службеници, не е воопшто нова.
Како потврда на тоа е актот што веќе неколку месеци по ред, и вработените во затворот „Идризово“ добиваат закани во форма на – палење на нивните возила. Некои од полициските службеници, освен запалените автомобили, заработија и материјална штета на нивните домови, бидејќи беа опожарени и нивните гаражи!
Оваа пироманија трае со месеци, истрагата „тапка во место“, а оштетените полициски службеници поради неефикасноста на МВР за пронаоѓање на мотивите и сторителите на ваквите дела веќе се плашат за своите животи, но и за животите на своите најблиски.

ОФИЦИЈАЛНО ШЕСТ, неофицијално осум подметнати пожари на движен и недвижен имот во приватна сопственост на полициски службеници од затворот „Идризово“

Досега, според информациите до кои дојде „Нова Македонија“, официјално, односно евидентирани во Министерството за внатрешни работи се шест запалени возила на вработени во затворот „Идризово“. Неофицијално, од наши извори, запалени се седум автомобили и еден дуќан во Маџари.
Хронолошки, редоследот на овие пиромански кривичноправни настани започна уште во 2022 година, кога на 16 јуни, во два часот наутро, му беше запалено возилото на вработениот во затворот Бобан Лазовски. Неколку месеци подоцна, на 15 април, годинава, беше запален „мерцедесот“ на Африм Реџепи, исто така вработен во затворот. Само два дена подоцна, на седумнаесетти, изгоре службениот „пасат“ на заменик-директорот на затворот, Феми Јонузи. Иако според досегашните „жртви“ на палењата на возилата и овој пожар настанал како последица на подметнување, во април Јонузи истакна дека не добивал никакви закани и оти вештаците истакнале дека пожарот избувнал поради некаков електронски дефекти.
– Не можам да потврдам дека овој случај е поврзан со случајот од пред неколку дена кога на затворски полицаец, кој имал закани, му беше запалено возилото бидејќи немам закани од никого. Но тоа треба да го потврдат вештаците и полицијата – рече тогаш Јонузи.
Само десетина дена по тој инцидент, опожарено беше возилото на Љупчо Кузмановски, повторно вработен во „Идризово“. Сторителите го подметнале пожарот нешто околу два часот наутро. На 26-ти минатиот месец, во четири часот наутро, опожарени беа возилото и гаражата на Горан Божиновски.
Деновиве, поточно на 16-ти месецов, во селото Кадино по вторпат му беше запалено возилото на командирот на смена Бобан Лазовски, чие возило веќе еднаш беше опожарено на 16 јуни.

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КОМАНДИРИТЕ, СЕМЕЈСТВАТА И ФАМИЛИИТЕ

Во затворот „Идризово“, на осми јуни беше прогласена кризна состојба токму заради спречување безбедносни закани и заради одржување на редот во затворот. Оттогаш, на затворската полиција ѝ помагаат полицајци од Министерството за внатрешни работи и војници од армијата.
Со оглед на сѐ почестите инциденти со палењето автомобили претежно на приватните имоти на командирите, вработените во затворот заедно со управата бараат командирите на смена и чуварите од затворската полиција да добијат обезбедување додека се дома бидејќи постојано добиваат закани.
– Побаравме обезбедување и ја разгледуваме можноста командирите да добијат обезбедување додека се дома. Закани добиваат постојано и за нив тоа и не е толку страшно оти знаат каде работат, во затворот меѓу другото беше прогласена кризна состојба, но тешко и стресно е за семејствата. Ова го бараме за да ги заштитиме токму семејствата. Сите пожари на автомобили беа дома кај вработените, затоа бараме сите што добиваат закани, што се на изложените места во затворот, да добијат обезбедување дома – изјави директорот на затворот, генералот Зоран Јовановски.

СЕ ЗНАЕ КОИ СЕ НАРАЧАТЕЛИТЕ, НО СЕ НЕМА ДОВОЛНО МАТЕРИЈАЛНИ ДОКАЗИ

Според извори на „Нова Македонија“, кои се многу добро упатени во овие инциденти, причините поради кои се палат возилата на командирите во „Идризово“ се поради тоа што тие како личности, професионалци и со своето принципиелно работење, во рамките на законите и правилата на службата, не се вклопуваат во сценаријата на работењето на т.н. „затворска мафија“.
– Јавна тајна е дека во затворот меѓу затворениците има криминал со дрога и многу други работи, на што чуварите не се прават слепи, напротив, реагираат и се обидуваат да ги спречат. Свесни се дека ова трае затоа што не ги оставаат на мир да шверцуваат дрога, да излегуваат кога сакаат… криминалците таму се моќни и силни, верувајте, од внатре работат цели развиени илегални бизниси и сега некој им дошол да им го растура есапот. Тука е и проблемот, „затвореничката мафија“ се обидува на секој можен начин да ги заплаши, да ги замолчи, да си заминат полицајците од работа, да се пасивизираат или да замолчат. Таа мафија, поврзана со криминални структури што се на слобода, веројатно поврзани во пошироки криминални мрежи, се обидуваат да пратат закани, заплашувања, застрашувања кон полициските службеници. Постојат индиции за точните идентитети на нарачателите, но малку може да се преземе. Она што е потребно е да се разбие мафијата што работи внатре во затворот. Треба да се разместат нејзините членови во различни затвори во земјава, а не во различни соби – вели нашиот извор.
Според него, иако сите случаи се пријавени во полиција, се сомневаат на откривање на сторителите.
– На сите овие случаи работат специјално обучени и искусни полициски инспектори, кои, за жал, сѐ уште немаат докази за да можат да поднесат издржани кривични пријави по кои обвинителството би можело со сигурност да поднесе обвинителен акт до судовите – вели добро упатен извор на „Нова Македонија“.
Од Министерството за внатрешни работи истакнаа дека во изминатиот период, во СВР-Скопје се евидентирани шест пријави за опожарени возила на лица што работат во затворската полиција, односно во КПУ „Идризово“.
– За сите случаи се преземени сите неопходни мерки и активности во координација со јавен обвинител и по негови насоки се преземаат дополнителни мерки и активности за нивно целосно расчистување – велат од МВР.