Експертите сметаат дека Европската Унија премногу се фокусира на гаснење на шумските пожари, а не на решавање на коренот на проблемот, пишува Алис Тајди за „Јуроњуз“
Старо-нов проблем на Стариот Континент
Со почетокот на летото во Европа, новите „канадери“ и други противпожарни возила беа испратени низ земјите на Европската Унија (ЕУ) и стотици пожарникари веќе беа однапред позиционирани за да се справат со секој шумски пожар што може да појави. Статистиката за сезоната на шумски пожари во Европа сугерира дека 2023 година може да биде катастрофална. За некои, ова е доказ дека начинот на кој ЕУ се справува со шумските пожари е ограничен, со преголем акцент на службите за итни случаи и недоволно на превенцијата. Исто така, постои загриженост дека политичарите бавно се справуваат со загадувањето на воздухот предизвикано од шумските пожари, за кое постои сомневање дека е многу посмртоносно од самите пожари.
Шпанија и Франција веќе се силно погодени
Според Европскиот информативен систем за шумски пожари, повеќе од 119.000 хектари веќе изгореа низ ЕУ до 18 јуни, што е значително над просекот од 80.000 хектари регистрирани во периодот 2003-2022 година. Речиси десетина земји, вклучувајќи ги Грција и Италија, кои се две од традиционално најпогодените од пожари, бележат потпросечни бројки. Изгорената површина во двете земји досега оваа година претставува само десет отсто од просеците што вообичаено ги забележуваат во овој период од годината.
Но Шпанија и Франција немаа толку среќа. Изгорената површина во Франција веќе достигна над 21.000 хектари, што е околу 3,5 пати повеќе од просекот во последните две децении. Низа земји во Централна и во Источна Европа, исто така, забележаа скок на бројки, иако од многу ниско ниво, но сепак потврдувајќи го трендот забележан во последните неколку години, според кој, шумските пожари сега постепено се движат и кон север.
Гаснење пожари наместо нивното спречување
Лани беа опустошени повеќе од 830.000 хектари, што беше втора најлоша година регистрирана од 2006 година, со штети проценети на околу 2,5 милијарди евра. Како одговор, ЕУ го зајакна својот арсенал за борба против шумските пожари со удвојување на својата противпожарна флота оваа година, која има 28 авиони стационирани во 10 земји. Втора година по ред, стотици пожарникари се однапред позиционирани, овој пат во Грција, Франција и во Португалија. Ова е секако добредојдено, но за професорот д-р Јохан Георг Голдамер, кој е директор на Глобалниот центар за следење пожари (ГФМЦ) со седиште во Германија, ова не е доволно за решавање на суштинските причини. Според него, во моментот речиси сите влади го повторуваат истото што беше направено претходно во Јужна Европа, фокусирајќи се на сузбивање на пожарите, распоредување модерни возила, авиони и учество во механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Климатски и демографски промени
Климатските промени играат улога во ширењето и интензитетот на шумските пожари. Според Европската опсерваторија за суша, повеќе од една четвртина од територијата на ЕУ е во услови за предупредување за суша со дополнителни десет отсто во состојба на готовност, поради силните врнежи и дефицитот на влага во почвата. Потоа, тука е зголемената концентрација на жива. Европа се загрева двојно повеќе од глобалниот просек од 1980-тите и минатата година беше приближно 2,3 степена Целзиусови над просекот од прединдустрискиот период.
Сето ова значи дека низ големи површини на континентот копното е многу посуво од нормалното, што го олеснува ширењето на шумските пожари. Но и демографските промени носат голема вина. Опустувањето на руралните средини во корист на урбаните центри значи дека земјиштето повеќе не се управува на ист начин. Биомасата што традиционално се користеше за земјоделство, греење или други локални човечки активности, сега е изложена на шумски пожари, според Голдамер. Краткорочните мерки како превентивно горење за намалување на запаливата биомаса на одредени коридори можат да помогнат, но тие не се магично решение. ГФМЦ им препорачува на европските влади да го направат руралниот простор попривлечен за помладите генерации и да инвестираат во традиционално, но и иновативно управување со земјиштето за да се намали запаливоста.
Каде што има чад, таму има и оган
Ако старата поговорка вели дека каде што има чад има и оган, обратното исто така важи, односно и чадот може да биде уште поопасен. Марк Парингтон, постар научник во Европскиот центар за среднорочна временска прогноза, вели дека кога има запалена вегетација се испуштаат многу токсични и опасни гасови, како и ПМ-честички, што има директно влијание врз квалитетот на локалниот воздух. Според Европската здравствена опсерваторија се верува дека загадувањето на воздухот со ПМ 2,5 честички предизвикано од пожарите на вегетација низ Европа предизвикало 1.400 предвремени смртни случаи во 2005 година и дополнителни 1.000 во 2008 година. Во меѓувреме, 865 луѓе загинаа во шумските пожари помеѓу 1945 и 2016 година во Грција, Португалија, Шпанија и на италијанскиот остров Сардинија.
Зорана Ј. Андерсен, претседателка на Комитетот за животна средина и здравје при Европското респираторно здружение, истакна дека здравствените ефекти поврзани со овие огромни изложувања на загадениот воздух вклучуваат зголемен ризик од респираторни и кардиометаболни симптоми. Ова може да доведе до тешки последици, кои бараат потреба од лекови или хоспитализација. Таа додаде дека кај ранливите пациенти, овие епизоди на загаден воздух може да предизвикаат дури и смрт. Особено ранливи се пациентите со хронични болести, особено тешка астма, децата, како и постарите граѓани, срцевите болни, бремените жени и луѓето што работат на отворено.
Загадувањето на воздухот е на највисоко ниво блиску до пожарот. Но во случај на мегапожари, какви што беа забележани во Франција, Португалија, Шпанија и во Грција во последниве години, кога се воспоставени вистинските, или подобро кажано погрешни, метеоролошки услови, тоа може да се прошири. Топлотните бранови дополнително го намалуваат квалитетот на воздухот и го влошуваат загадувањето, потсетувајќи дека решенијата за загадувањето на воздухот и климатските промени одат рака под рака.