Антиупатства за лична употреба

Волтер Пејтер, еден од стилски најпрефинетите толкувачи на ренесансата, го издвојува единствениот скулпторски стил на творецот на живиот камен како ex forti dulcedo – „благост на силата“. Среќниците што се соочиле со фигурите на Давид, Пиета, Мојсиј, биле облеани со таа смирена сила на овие ремек-дела, различна од драматичноста на масивните тела со енергични дејства на сикстинскиот свод.

Во животот на Микеланџело, кој, според сведоштвата, наспроти уметничката генијалност, имал незгоден, кавгаџиски темперамент, постои период, поинаков од претходните, кога во него се смирува жестокоста и како кај неговиот Мојсиј владее таа „благост на силата“. Периодот на интимното пријателство со Виторија Колона. Кога во Рим ја запознава оваа поетеса, аристократка (маркиза од Пескара), со широко хуманистичко образование, вдовица на Фернандо д’Авалос, еден од омилените команданти на императорот Карло Петти, Буонароти е веќе навлезен во седмата деценија од животот. И Виторија, веќе заситена од предлози за договорени бракови поради политички цели, се заветува за вдовство. Заемната првична наклонетост меѓу умната, мисловно слободоумна маркиза и уметникот „во трета доба“ (иако Микеланџело, кој доживува длабока возраст отсекогаш имал изглед повозрасен од неговите години) се продлабочува во смирен однос со капки ведрина што прилично им недостигале во дотогашните животни искушенија. Во дијалогот меѓу Виторија и Микеланџело, запишан од португалскиот сликар и архитект Франческо д’Оланда, кој престојува во Италија 1538 – 47 г. (во времето на нивната длабока и едновремено нежна поврзаност, до годината на нејзината смрт), тие едно неделно попладне, во празната римска црква разговараат за карактеристиките на различни школи во уметноста, а потоа за списите на апостол Павле, зашто, пишува Д’Оланда, „веќе добија навики и склоност да уживаат во бессончаните задоволства на уморни луѓе чие интересирање за надворешните нешта слабее“.

Виторија, која во тоа време е во петтата деценија на својот земен живот, важи не само за една од најсилните поетеси на италијанската ренесанса туку и за прва што навлезе во дотогашната машка привилегија да пишува љубовни песни. Самосвојноста на својот талент и дух го поткрепуваше со прилично богатство што го поседуваше и што уште повеќе ѝ ја чуваше независноста.

(продолжува)