На виделина сѐ повеќе недостатоци на највисокиот државен политичкоправен акт
Уставните постулати треба да бидат изразени со јасни правни, политички и јазични формулации, без нејаснотии и непрецизности, кои и сега предизвикуваат недоречени состојби, а можат дополнително да искомпликуваат појави на тешки несогласувања и конфронтации, бидејќи предизвикуваат суштински разлики во интерпретацијата, што е извор на секаков вид нестабилност и системска деградација
Со пречестото отворање на Уставот на Македонија, „за да се поправат некои општествени предизвици“ што се појавија во текот на „детството на новата суверена и самостојна држава Македонија“, се внедрија и дефекти што низ годините покажуваат дека имаат потенцијал за големи национални и општествени хаварии.
Силната желба за своја национална држава (со сите атрибути на сувереност и самостојност) и од друга страна и неискуството за управување со еден таков сложен механизам, во овие триесетина години се чини дека доведоа до состојба кога со необјаснива леснотија се пристапува кон промени на конститутивниот акт за решавање дневнополитички прашања, па се закануваат дека со такви брзоплети и непромислени потези чекориме кон колапс на државотворноста на македонскиот народ, перманентно саботирајќи го Уставот, од неговото непочитување, па сѐ до амандманските измени и интервенциите во преамбулата.
Дијагностицирање на уставотворното вметнување фабрички грешки
Актуелниот предизвик за уставни измени, кој доминира во македонскиот политички дискурс изминатава година, откако се наметна како услов за ефективно започнување на преговорите со ЕУ, ги исфрли на површина непредвидените стапици од нестандардните и не сосема прецизно формулирани дефиниции во Уставот. Барањето, претставено како европско-бугарско, за Бугарите да бидат внесени во преамбулата на македонскиот устав, го активираше интересот за повнимателно исчитување, особено на преамбулата, и согледување на недоследностите, кои оставаат простор за нејаснотии и манипулативни толкувања.
Формулацијата „дел од народ“ во преамбулата, како своевиден „оригинален“ еуфемизам во македонскиот устав за меѓународно стандардизираната категорија „малцинство“, е предмет на континуирана дебата во македонското општество за политичките, преку формалноправните, па до јазично-граматичките недоследности и импликации што произлегуваат од сето тоа. Според повеќе политички аналитичари и познавачи на меѓународното право, споменувањето во конститутивен акт одредена зборовна конструкција со именката „народ“ во опис на малцинствата остава отворена врата за сепаратистички тенденции што произлегуваат од правото на народите за „самоопределување до отцепување“. Таквиот потенцијален ризик за македонскиот устав, во својата анализа ја обработува магистер Свето Тоевски, особено посветувајќи внимание на конструкцијата „државотворен народ“, што често се нагласува од бугарска страна во барањата Бугарите да бидат внесени во преамбулата.
– Според меѓународното право, етничките малцинства располагаат со право на самоопределување до отцепување, но над овој принцип на меѓународното право е поставен повисоко принципот на неповредливоста на територијалниот интегритет на односните држави, во кои живеат етничките малцинства. Но ако односните етнички малцинства добијат уставен третман како „државотворен народ“, тогаш тие добиваат според автоматизам право на самоопределување до отцепување од онаа државна заедница во која дотогаш живееле.
Но што значи еден етнички ентитет, колективитет да биде признаен како народ? И згора на сето тоа со нагласен атрибут „државотворен“?
Меѓународниот принцип на државотворноста на еден народ јасно е образложен во студијата на д-р Франсоаз Компанен, професорка за меѓуетнички прашања од универзитетот „Врије“ во Амстердам, Холандија, и други автори, со наслов „Истражување на Кавказот во 21 век: огледи за културата, историјата и политиката во динамичен контекст“. Во оваа студија се нагласува: „Народите имаат право на држава. Тоа значи дека, ако односниот народ во мултиетничката држава во текот на подолг временски период бара внатрешно самоопределување и ако не го добие тоа, тогаш ќе следува негово отцепување од мултиетничката држава.“
Ете зошто во средината на годинашниов мај претседателот на Бугарија, Румен Радев, на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи во Софија го повтори барањето Бугарите да бидат впишани во преамбулата на Уставот на Македонија, но исклучиво како „еден од државотворните народи“! Ете зошто лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од 2019 година позачестено го изнесува барањето и Албанците да бидат впишани во преамбулата како „државотворен народ“, а истото барање го споделуваат и сите други албански политички партии! – пишува м-р Тоевски.
Јазично-граматичката (не)коректност на текстот на преамбулата
Во јавната дебата, произлезена од граѓанскиот интерес за Уставот, Иван Мирчевски, директор на македонски медиум, го отвори предизвикот за преиспитување на јазично-граматичката коректност на текстот на актуелната преамбула, што може да биде извор на суштински промени во статусот на етникумите што се наведуваат како „дел од народ“. Според Мирчевски, единствена етничка група што според постојната текстуална содржина на преамбулата е „дел од некој народ“ – се Албанците. Другите се наведени како народи, еднакви на македонскиот.
– Правници, лектори, експерти, лингвисти и др. (јас не припаѓам ниту во една од овие категории) со цел да ја потврдат или отфрлат мојата теза дека и сегашната преамбула е ДЕФЕКТНА!!!
Имено, таа во својот почеток гласи: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Сметам дека, за да бидат правилно нотирани сите етнички групи, би требало да стои пред сите народи оваа фраза – „дел од…“, или можеби можела да биде напишана вака:
„Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, делови од: албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи“.
Или „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот, турскиот, влашкиот, српскиот, ромскиот, бошњачкиот народ и другите народи“.
Уште еднаш – моето мислење дека во сегашната преамбула на Уставот на Македонија само Албанците се буквално нотирани како малцинство, а другите делови на народи (малцинства) имаат потполно ист статус, како и мнозинскиот, македонскиот народ “ – наведува во своето согледување Иван Мирчевски.
Наведените забелешки за уставните дефекти и предлози, кои би требало да доведат до конструктивно решение за македонскиот устав, покажуваат само дел од импликациите што ги создаваат постојните непрецизности во формулациите на највисокиот правен акт, кој треба да биде базичниот документ на кој се темели државата.
Основниот фундамент на Македонија како држава е македонскиот народ и тоа треба да биде јасно изразено
Основниот фундамент на Македонија како држава е македонскиот народ и тоа треба да биде јасно изразено, како во преамбулата така и во нормативниот дел од Уставот. Секако, македонскиот устав, поставен на демократски принципи, треба да им ги гарантира сите колективни и индивидуални права на малцинствата и на сите граѓани на државата. Но, пред сѐ, уставниот акт треба да генерира политичкоправна монолитност на нацијата што ја создава државата, нејзин одржлив развој на сите полиња од државното живеење: економско, политичко, социјално, културно, безбедносно, институционално и да обезбеди стабилност и долгорочна визија на заедничкиот живот на сите граѓани во државата. Затоа, уставните постулати треба да бидат изразени со јасни правни и јазични формулации, без нејаснотии и непрецизности, кои и сега предизвикуваат недоречени состојби, а можат дополнително да искомпликуваат појави на тешки несогласувања и конфронтации, бидејќи предизвикуваат суштински разлики во интерпретацијата, што е извор на секаков вид нестабилност и системска деградација.
Државотворноста се врзува со терминот „народ“
Во меѓународното право и во релевантните меѓународни институции се оперира со термините мнозинство и малцинство, односно во актите со кои се регулираат основните човекови права се зборува за малцински права, како дел од оваа правна материја. Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ, во една претходна анализа за „Нова Македонија“ наведе дека при воведувањето на формулацијата „дел од народ“ во македонскиот устав „не биле земени предвид сите аспекти на таквата формулација, зашто во меѓународното право, самоопределувањето со право на отцепување се врзува со терминот – народ“.
– Неоспорна е државотворноста на македонскиот народ за државата Македонија, поради неговата историска борба, а и затоа што е мнозински народ. Но истовремено, државотворни се и сите што се наведени во преамбулата на Уставот како „дел од народ“. Во суштина се работи за малцинства, но поради одредени ситуации во минатото, при менување на Уставот во 2001 г., за да се задоволат барањата и на мнозинството и на малцинствата (особено на едно малцинство), дојдено е до таа специфична македонска уставна формулација – „дел од народ“.
Постојат „легенди“ (бидејќи нема документирани записници од процесот на договарањето на уставните измени во 2001 година) дека формулацијата „дел од народ“ ја напишал Хавиер Солана, тогашниот комесар за надворешна политика на ЕУ. Но очигледно не биле земени предвид сите аспекти на таквата формулација, зашто во меѓународното право, самоопределувањето со право на отцепување се врзува со терминот – народ – вели универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ.