Меѓу проектите што ќе бидат поддржани со европски пари се и оние насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа

Нова финансиска помош од Европската комисија за Западен Балкан

Од 14 одобрени проекти за земјите од Западен Балкан, три проекти се апликации на Македонија. Тие се однесуваат на проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Станува збор за Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), во која нашата земја аплицира на секој повик и во која редовно имаме поддршка на проекти. Во последниот повик вредноста на финансиската помош изнесува 24 милиони евра за три проекти, нѐ информираа од Секретаријатот за европски прашања

Европска комисија преку оперативниот комитет на Инвестициската рамка за Западен Балкан одобри нов финансиски пакет, во висина од 2,1 милијарди евра, со кои ќе поддржи 14 водечки инвестициски компании и приватниот сектор во земјите од регионот. Споменатиот пакет се содржи од 528 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА три), потоа дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка, како и заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан.

Колку за Македонија?

Меѓу проектите што ќе бидат поддржани со овој финансиски пакет е и изградбата на автопатски делници и подделници од коридорот 8 во Македонија. Нашата земја ќе добие поддршка и за проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа.

Станува збор за Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ), во која нашата земја алицира на секој повик и во која редовно имаме поддршка на проекти, а во последниот повик 24 милиони евра за три проекти, како што нѐ информираа од Секретаријатот за европски прашања.

Имено, на 30 јуни 2023 година во Осло, Норвешка, на оперативниот борд на Инвестициската рамка за Западен Балкан се одобрени 14 проекти за земјите од Западен Балкан. Од 14 одобрени проекти, три проекти се апликации на Македонија, кои се однесуваат на проект за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Грантот е во износ од 2,2 милиони евра, а вкупната инвестиција од 27,5 милиони евра е поддржан со заем од Светската банка.

Вториот проект е за зајакнување на мрежата за пренос на струја во југоисточниот регион. Грантот е во износ од 8 милиони евра, а вкупната инвестиција од 34,7 милиони евра е поддржана со заем од ЕБРД.

Финансиска помош е одобрена и за реализација на градежни зафати на коридорот 8, за изградба на косини на експресниот пат Крива Паланка – Страцин. Грантот е во износ од 14 милиони евра, а вкупната инвестиција од 36,7 милиони евра е поддржана со заем од Светската банка.

Во пакети на одобрени проекти се и проекти од регионално значење, каде што корист ќе имаат претпријатија и јавен сектор од нашата земја. Тие се однесуваат на обезбедување сигурен и безбеден транспорт и за таа намена се одобрени средства во износ од 80 милиони евра. Вкупната инвестиција е околу 494,8 милиони евра заем од Светската банка. Преку овој проект ќе се финансира проектот за воспоставување интелигентен транспортен систем на Министерството за транспорт и врски, кој е проценет на околу 12 милиони евра и вкупна инвестиција од 27,7 милиони евра.

Преку ГГФ (Зелен развоен фонд), за промовирање зелени заеми во Западен Балкан е доделен грант во износ од 24 милиони евра, а вкупната инвестиција е 231 милион евра. Средствата ќе се канализираат преку меѓународните финансиски институции и домашните комерцијални банки.

За одржлив пристап до финансирање за претприемаштво, од програмата САФЕ е доделен грант за поддршка на малите и средните претпријатија од 10,4 милиони евра, а вкупната инвестиција е 40,4 милиони евра. Дигитално во Западен Балкан се доделени грант во износ од 27,6 милиони евра и инвестиција до 177,7 милиони евра. Тоа е поддршка за малите и средните претпријатија за дигитализација, автоматизација и зголемување на конкурентноста, објаснуваат од Секретаријатот за европски прашања.

Пакетите како конкретна порака од ЕУ до земјите од Западен Балкан

Одобрените проекти за земјите од Западен Балкан се во износ од вкупно 528 милиони евра, чија вкупна инвестиција треба да достигне 2,1 милијарди евра. Сите одобрени проекти се во насока на спроведување на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, промовиран пред три години од страна на комесарот за проширување Вархеји, односно во 2020 година.

Во текот на летото, Европската комисија ќе промовира околу 20 гарантни фондови за приватниот сектор за да се поттикне развојот на претпријатијата во Западен Балкан, да се подобри нивното работење и да се одржат приватните инвестиции. Досега Европската комисија помагаше во пристапот кон финансиите, а во наредниот период ќе го преземе и ризикот од инвестициите за да го олесни и подобри приватниот сектор. Дополнителни информации за овие гаранции ќе се објават во септември годинава.

– Одобрувањето на новиот инвестициски пакет е јасна порака дека партнерите од Западен Балкан имаат иднина во ЕУ и оти е постигнат стабилен напредок во затворањето на јазот во економски развој – истакна европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.

Нашата земја ќе добие поддршка и за проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа
Поддршката и соработката со Европска Унија, како што велат во на АД ЕСМ, се од клучно значење и ќе придонесат за побрза и полесна транзиција кон зелената агенда за Западен Балкан, со заложбата за транзиција кон чиста енергија, која има цел да се намалат емисиите на стакленички гасови за 61 процент.

Со новиот финансиски пакет поддржан од Европската Унија се дава и финансиска поддршка за изградба на делници од автопатот на коридорот 5ц во БиХ. Беа одобрени грантови за изградба на 11,9 километри автопат во близината на Жепче и Маглај и централна Босна, вклучувајќи пет тунели и девет моста, како и грантови за обнова на хидроцентралите во Србија и БиХ и за воведување еколошки јавен превоз во Тирана. Европската комисија одобри четири проекти за Босна и Херцеговина во вредност од 298 милиони евра. Сите проекти се од ентитетот Федерација Босна и Херцеговина, а ниту еден од Република Српска.

Петтиот инвестициски пакет во рамките на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан ќе ги поддржи транспортните и енергетските компании, животната средина и компаниите за човечки капитал. Целта на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан во износ од 30 милијарди евра инвестиции, вклучувајќи и до девет милијарди евра грантови од ЕУ, е да се поттикне долгорочното закрепнување, да се забрза зелената и дигиталната транзиција и да се поттикнат регионалната соработка и зближувањето на ЕУ.
М.Ј.