Какви последици може да се очекуваат од климатските експерименти
Досега невиденото загревање на Атлантски Океан и феноменот Ел Нињо во Тихи Океан ја водат климата во непознати води, смета Умер Ирфан за „Вокс“
Температурата на водата во Атлантски Океан на почетокот на летото оваа година беше нешто повисока од просекот во изминатите три децении. Разликата од два степена рефлектира огромно количество дополнителна енергија складирана во океанот. Од лани, Атлантски Океан се соочува со бран на екстремни горештини, а во текот на летото температурата на водата само ќе продолжи да се искачува. Гарбиел Веки, кој е климатски научник на универзитетот „Принстон“, вели дека топлата вода во Атлантски Океан има многу глобални влијанија.
Температурите на површината на Атлантски Океан влијаат на врнежите и бурите во Бразил, Индија, регионот Сахел во Африка и југозападниот дел на САД. Топлата вода е исто така гориво за ураганите, за кои е потребно површината на морето да биде најмалку 26 Целзиусови степени за да се формираат. Повисоките температури водат до посилни бури. Тие исто така можат да ги намалат резервите на риби, со кои се хранат три милијарди луѓе.
Ова не е случај само за Атлантски Океан. Океаните низ светот бележат неверојатно високи просечни температури. Од другата страна на Земјината топка, површината на Тихи Океан исто така се загрева додека влегува во фазата на Ел Нињо од својот циклус. Температурата на површината на морињата е критична метрика, бидејќи објаснува што се случува кога има испарување. Тоа е моторот на глобалната клима, поттикнувајќи ги пасатите, океанските струи, врнежите и температурата.
Луѓето си играат со тој мотор, испуштајќи стакленички гасови, честички и аеросоли во атмосферата и секакви форми на загадување во океаните. Иако океаните минуваат низ природни циклуси на загревање и ладење, тие сега се наоѓаат во длабоко изменет свет, создавајќи услови на кои човештвото никогаш досега не било сведок.
Зошто Атлантски Океан толку се затоплува?
Еден од најважните фактори за затоплувањето на водата во Атлантски Океан е тоа што луѓето ја зголемија просечната температура на Земјата од почетокот на Индустриската револуција со согорување фосилни горива и емитување гасови што ја задржуваат топлината. Така, најголемиот дел од затоплувањето, околу 90 отсто, се случува во океанот. Според НАСА, од 1955 година океаните впиле 345 зетаџули енергија. Еден зетаџул е 87 пати поголем од количеството енергија произведено од сите нуклеарни централи во светот во една година. Но, овој тренд на затоплување трае повеќе од еден век. Зошто сега ненадејно се зголемуваат температурите во северниот дел на Атлантски Океан?
Тука влијаат неколку фактори што се спојуваат. Еден од нив е Азорскиот антициклон, кој е полупостојан регион со висок атмосферски притисок што се наоѓа над северниот дел на Атлантски Океан. Тоа создава столб од воздух што тоне, кој генерира пасати што дуваат од исток кон запад над водата. Кога ветерот се движи над водата, тоа доведува до поголемо испарување што ја лади површината на водата.
Друг фактор е што Атлантски Океан поминува низ свои температурни циклуси на различни временски размери. Атлантскиот меридијален режим е промена на температурниот градиент во водата што се менува меѓу годишните времиња, годините или децениите. Тој може да ги промени насоките на ветерот, топлината и врнежите, а оваа година е во топла фаза. Во подолги временски размери, Атлантската мултидекадна осцилација игра улога. Ова е уште еден периодичен пораст на температурите на површината на водата во Атлантски Океан и исто така сега е во топла фаза од својот циклус.
Кога загадувањето на воздухот може да има позитивен ефект?
Покрај тоа, постојат докази дека намалувањето на загаденоста на воздухот во изминатиот половина век имаше неочекувано несакан ефект. Од крајот на Втората светска војна, аеросолите со сулфур и азот од издувните цевки на автомобилите, чадовите од бродовите и оџаците на фабриките лебдеа над северниот дел на Атлантски Океан од САД до Европа. Тоа помогна да се одржи ладната вода во океанот. Но додека градовите се полни со токсичен, загаден воздух, граѓаните од двете страни на Атлантикот бараа построги ограничувања за загадувањето на воздухот. Тоа доведе до регулативи што ги намалија аеросолите над океанот, што пак доведе до поголемо затоплување на површината. Една нова регулатива во 2020 година, која драстично го ограничи сулфурот од превозните средства, исто така можеби одигра улога. Сега се чувствува влијанието на комбинацијата од сите овие ефекти, како климатските промени, слабиот Азорски антициклон, температурните циклуси на Атлантски Океан и намаленото загадување на воздухот.
Последици од затоплувањето
Сè уште е рано да се видат многу од последиците од рекордно високите температури на површината на водата во северниот дел на Атлантски Океан, но кај научниците веќе постои загриженост. Повисоките температури на површината на водата може да доведат до поголемо испарување, а со тоа и до повеќе врнежи. Тоа може да ги измести насоките на ветерот, така што некои места може да станат повлажни, а други да се борат со суши. Во меѓувреме, поголемата топлина предизвикува зголемување на нивоата на океаните.
Температурата на водата има огромни ефекти и врз животот во океанот. Како што се загрева водата, таа задржува помалку кислород и може да ги задуши рибите. Топлата вода на површината исто така го забавува издигнувањето, критичен механизам што носи хранливи материи од длабочините на океанот на површината. Половина од уловените риби во светот се од региони каде што се случува овој механизам, така што повисоките температури на морската површина би можеле да го намалат приносот во рибарството.
Друга последица на повисоките температури е тоа што ја прави водата покисела, забрзувајќи го тековното закиселување на океаните што се случува бидејќи морињата апсорбираат повеќе јаглерод диоксид. Заедно со истекувањето на вештачките ѓубрива, потоплите температури на Атлантски Океан, конкретно, придонесуваат за рекордно цутење на саргасумот, смрдлива отровна алга што сега ги загадува плажите во Флорида и на Карибите.