Најефикасен начин за борба против организираниот криминал е „да се нападнат парите“ што ги користат и добиваат и од кои се финансираат чинителите во синџирот на организираниот висок криминал. Членовите на организираните вериги што го чинат организираниот криминал сега се многу помалку вклучени во насилен криминал, а сѐ повеќе се со пософистицирано криминално поведение, каде што се поврзани со луѓе од политиката, бизнисот…
Организираниот криминал добива заштита од судската и од извршната власт
Италијанецот Пино Арлачи (72), универзитетски професор, претседател на Меѓународниот форум за борба против организираниот криминал со седиште во Пекинг, еден од најблиските пријатели и соработници на судијата Џовани Фалконе и Паоло Борселино, кој беше убиен од мафијата во 1992 година, говори отворено за организираниот криминал, за дрогата и за мафијата. Тој е човекот што го предводеше тимот за подготвување на меѓународната конвенција за борба против организираниот криминал (Конвенција од Палермо), а беше потсекретар на ОН и е автор на неколку книги за борба против мафијата. Арлачи работеше на откривање членови на италијанската мафија. Како експерт за оваа тематика, тој го дава своето мислење за начините за борба против организираниот криминал, дали тој постои без врска со државата и што е тоа што ги влече луѓето да се занимаваат со незаконски активности.
ПАРИТЕ СЕ МОТИВОТ
Според Арлачи, главниот мотив што е поттикнувач за некој да се впушти во каков било вид криминал, дури и организиран, се парите. Тој вели дека кога сакаат да станат големи и моќни, организираните групи се обидуваат на различни начини да се поврзат со луѓе од полицијата, обвинителството, судот.
– Тоа го постигнуваат преку корупција, па дури и убиства на сведоци, претставници на судството. Во овој контекст особено е значаен случајот со полицискиот генерал Дела Киеза, кој беше испратен на Сицилија. Тој беше италијански херој затоа што го уништи тероризмот во Италија во 1970-тите. Десет години подоцна, тој беше испратен на Сицилија да се бори против мафијата. Од член на мафијата добивме информација дека премиерот соработува со мафијата и Дела Киеза почна да собира докази врз основа на тоа. Полицискиот генерал беше, пред сè, опасност за премиерот Андреоти, не толку за мафијата на Сицилија бидејќи немаше широки овластувања. Тој се обидел да собере доволно силни докази против членовите на мафијата. Сепак, тој беше убиен само три месеци откако беше испратен на Сицилија. Тоа предизвика жестока реакција од државата. Почна конфронтација меѓу државата и мафијата – вели тој.
Арлачи вели дека тогаш мафијата возвратила онолку колку што можела, односно до убиството на судијата Фалконе, а потоа започнал нов напад на мафијата и таа била речиси искоренета.
– Горд сум што учествував, односно што бев дел од напорите на државата да ја разбие мафијата – вели тој.
И покрај многубројните докази дека италијанскиот премиер соработувал со мафијата, сепак не бил уапсен. Арлачи вели дека, за разлика од минатото, сето ова да се случувало денес, Андреоти би завршил зад решетки.
– Бев шокиран кога судијата Фалконе ми кажа дека Андреоти е поврзан со мафијата. Тој вредно работеше на собирање докази против него. Тој знаеше дека е блиску до откривање нелегални активности кога врз него беше извршен обид за атентат во доцните 1980-ти. Иако неговиот живот бил во опасност, Фалконе продолжил да работи на разоткривање на мафијата. За жал, тој не дочекал Андреоти да биде обвинет за соработка со мафијата, бидејќи бил убиен неколку месеци пред тоа. Андреоти беше осуден во првостепената постапка, а ослободен во второстепената постапка, но во третостепената постапка Врховниот суд направи некаков компромис и утврди дека Андреоти бил поврзан со мафијата до 1980 година. Наводно, за периодот потоа немало докази – раскажува тој.
КАКО ДА СЕ СУЗБИЈАТ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ и КОРУПЦИЈАТА
Со оглед на тоа што историјата се сеќава дека Италија имала премиер што во судските процесирања е докажано дека бил поврзан директно со италијанската мафија, сосема е логично прашањето дали воопшто може да постои организиран криминал без држава, на што експертот вели дека тоа се групи речиси осудени на пропаст, без никаков криминален просперитет.
– Така само мали групи можат да постојат или да опстанат, без перспектива во криминалниот свет. За да постои организиран криминал, треба да има судска или политичка заштита, идеално и двете. Во Италија ваква ситуација постоеше цел век, а можеби и подолго. Мафијашите беа осудени за разни кривични дела, но не се знаеше дека тие практично претставуваат криминална организација, тајно друштво – вели тој.
Според него, најефикасен начин за борба против организираниот криминал е да се пресечат сите начини на кои криминалните организации се стекнуваат со пари.
– Најефикасен начин за борба против организираниот криминал е да се нападнат парите што ги користат и добиваат и од кои се финансираат. Членовите на организираните групи сега се многу помалку вклучени во насилство, ама се поврзани со луѓе од политиката, бизнисот, но сето тоа е на многу пониско ниво од порано. Сите големи мафијашки групи беа разбиени. Сега профилот на членовите на мафијата е поинаков отколку на почетокот на оваа борба – заклучува тој.