Македонскиот национален совет како организација на Македонците во Швајцарија најавува дека во иднина ќе ги интензивира своите активности за промоција на македонските вредности, како и конкретна поддршка на проекти од организации, здруженија и поединци од Република Македонија што се залагаат за афирмирање и промоција на македонските национални интереси, култура, историја, идентитет, традиција
Во Швајцарија избрано ново раководство на Македонскиот национален совет
Во рамките на одличната соработка со нашиот весник, Македонскиот национален совет во Швајцарија деновиве нѐ информира дека се извршени промени во структурата и реорганизација на раководството. Промените следуваа откако Златко Николовски се повлече од функцијата претседател поради приватни обврски и желба да му се посвети на своето семејство. За нов претседател на организацијата што ги преставува Македонците во Швајцарија беше избран Иљчо Китанов, а во потесното раководство влегуваат Гонца Перунковска како потпретседателка, Јасмина Митева и Ердован Етоски.
Бидејќи во изминатиов период МНС реализира повеќе успешни проекти во интерес на македонскиот народ, преку промовирање голем број друштва со цел зближување и меѓусебно координирање, истражување во швајцарските архиви, поддржување на македонскиот јазик, историја и географија на ниво на цела Швајцарија, како и промоција на македонската културата, јазикот и храната при Обединетите нации, весникот „Нова Македонија“ стапи во контакт со новото раководство за да ја информира пошироката јавност за идните планови и цели на оваа македонска организација.
Ќе продолжи да дејствува за унапредување на Македонија
– Македонскиот национален совет во Швајцарија е непрофитна и политички неутрална асоцијација, во својот статут ги има дефинирано своите основни цели и задачи, па врз основа на така детерминираната рамка на дејствување ги планираме и нашите тековни и идни активности. Новото раководство ќе продолжи да дејствува во иста насока, без радикално менување на нашите основни цели, но со внесување свежина со нови идеи и проекти, како и со реорганизација во внатрешната структура, заради поголема ефикасност во нашето дејствување – вели Гонца Перунковска, потпретседателка на МСН.
Иљчо Китанов, новиот претседател, има долгогодишна активност во редовите на македонската дијаспора, член е на црковната општина Наум Охридски, а наедно и основач на фудбалски клуб што го носи името Македонија. Во однос на идните активности, Китанов вели дека Советот има желба да даде активен придонес за Македонија, а наедно да се покажат единство и позитивни активности на македонската заедница.
Според Китанов, во наредниот период МНС ќе одлучи кои од новите проекти се вредни и имаат солидна основа да се реализираат, а кои од нив ќе останат за некоја блиска иднина. МНС како македонска организација, како што вели Китанов, ќе продолжи да дејствува врз принципите за унапредување на Македонија, како и сѐ што е во интерес на афирмирање на македонската богата национална историја, култура, традиција и идентитет.
– Имам верба во тимот, можат повеќе да придонесат да станеме сериозен фактор во Швајцарија, како и во Македонија, да продолжиме со промоцијата на македонскиот јазик и култура, како и со развојот и продлабочувањето на швајцарско-македонските односи – ни рече Иљчо Китанов.
Прием во Обединетите нации
Гонца Перунковска, новата потпретседател на МНС, вели дека ќе продолжат да работат на реализирање на веќе планираните и започнати проекти. Перунковска живее во Швајцарија веќе 19 години, а пошироката јавност ја запозна преку нејзините фотографии, односно нејзините девет индивидуални изложби во Швајцарија, како и објавени фотографии во локални весници, интервјуа, како учесничка во неколку колективни изложби.
Во однос на идната активност, Перунковска вели дека акцентот ќе биде ставен на манифестација (прием) во зградата на Обединетите нации во Женева во септември, на кој ќе биде претставена Македонија, со нашата култура, историја, традиција, храна, знаменитости, природни убавини, изложба на фотографии со видеопроекција, со присуство на дипломати и амбасадори од целиот свет, а во соработка со Теута Агаи-Демјаха, амбасадорка и шефица на Постојаната мисија при ООН во Женева.
– Исто така предвидено е на 4 август во Струмица да се одржи „Иселеничка вечер“, како и бизнис-форум со присуство на афирмирани компании и бизнисмени со македонско потекло што стопанисуваат во Швајцарија и Македонија, но и создавање база за економска соработка, а наедно и инвестирање и поддршка на капитални проекти во Македонија – посочува Перунковска.
Идни проекти на Македонскиот национален совет во Швајцарија
Македонскиот национален совет во Швајцарија за во иднина најавува создавање македонски културен центар, отворање дополнителни училишта на македонски јазик во регионите каде што има потреба и интерес, вечерни курсеви за возрасни што имаат потреба од совладување некој од официјалните јазици во Швајцарија за подобра интеграција во земјата, како и финализирање на некои започнати теми од правен и економски аспект што ги засегаат Македонците во Швајцарија.
Новото раководство исто така најавува дека во моментов има многу нови идеи и проекти, односно организирање трибини и јавни дебати со македонски историчари, научници, лингвисти, градоначалници, организирање промоции на книги и монографии од и за Македонија пред швајцарската публика, како и организирање изложби на фотографии и уметнички дела од наши познати фотографи и уметници од Македонија и нивна промоција во Швајцарија.
Во иднина исто така е предвидена изработка на платформа за заедничко дејствување и соработка со претставници на сите македонски друштва, здруженија, асоцијации, клубови, црковни општини и поединци што се активни во Швајцарија, како и понуда на конкретни проекти, меѓусебна координација и размена на искуства и информации. Се предвидува и конкретна поддршка на проекти од организации, здруженија и поединци од Република Македонија што се залагаат за афирмирање и промоција на македонските национални интереси, култура, историја, идентитет, традиција, како и интензивирање на соработката со Македонската амбасада во Берн, Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Агенцијата за иселеништво и другите македонски државни институции, но и поврзување со македонските друштва и асоцијации од македонската дијаспора.