Во двата актуелни случаи што се предизвик за борбата против корупцијата, како една од причините односно оправдувањата за нејзината досегашна неефикасност е посочено одложувањето за донесување на законот за потекло на имот, кој сега е преименуван како закон за конфискација на имот без судска пресуда. Но без разлика како се вика, нашите соговорници велат дека и тој е „во фиока“ и отворено прашуваат „како може да се направи конфискација (како алатка за борба против корупцијата) ако не се испита потеклото на имотот. Меѓутоа, законите ги предлага Владата, тоа е нејзина одговорност, а ги донесува Собранието, тоа е негова одговорност
Некои дилеми за законскиот арсенал за ефикасна борба против корупцијата,
високоорганизираниот криминал, непотизмот, клиентелизмот, партизацијата…
Објавувањето на американската амбасадорка Ангела Агелер на името на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко како прва личност од македонската политичка елита што се најде на т.н. црна листа на САД (од истрагата на американскиот тим, спроведена на крајот од минатата година) даде нова енергија на гласност во земјава на реториката за крајната потреба од борбата против корупцијата, високоорганизираниот криминал, непотизмот, клиентелизмот, партизацијата… и сите други девијации што го загрозуваат владеењето на правото и правната држава во Македонија. Она што и понатаму останува како загриженост во јавноста е што, и покрај тоа што и претходно биле изразувани гласни и официјални заложби за борба против девијациите од практикувањето на власта што ја загрозуваат правната држава, сепак нема забележителен напредок во некој таков процес на спроведување на правдата. Напротив, се чини дека политичарите што се посочени за такви дејства и нивните поддржувачи оставаат да мине време и да стивне „вревата“ во јавноста, за да поминат со најмали можни последици, а подоцна да се продолжи со старите практики.
Како дополнителен прилог, аферата со струшкиот градоначалник што се најде на црната листа на САД е засилена со случајот на бизнис-подвигот на 24-годишниот внук на лидерот на партијата ДУИ, кој добива дел од сопственоста (изразена во милиони евра) на деловен трговски центар во центарот на Скопје. И тоа без никаков сопствен влог, само на „доверба во неговиот претприемачки дух“.
Овие последни случаи со кои изминатава седмица се анимира македонската јавност, во кои се препознаваат очигледни сомневања за коруптивни активности, претставуваат сериозен предизвик за институциите што се задолжени за организирана превенција и борба против корупцијата: од Државната комисија за спречување корупција, преку Обвинителството, па и судството (најчесто е споменуван Судскиот совет). Во однос на процесирањето на случаите за струшкиот градоначалник Мерко дури имаше и меѓусебни обвинувања за несоодветно постапување меѓу институциите, односно ДКСК и Судскиот совет.
Во двата актуелни случаи што се предизвик за борбата против корупцијата, како една од причините односно оправдувањата за нејзината досегашна неефикасност, од страна на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, е посочено одложувањето за донесување на законот за потекло на имот. Особено тоа се појавува како предизвик во случајот со внукот на лидерот на ДУИ, 24-годишниот Дрин Ахмети, кој не е избрано или именувано лице на функција.
– Внукот на Али Ахмети не е избрано именувано лице и директно ние немаме надлежност да постапуваме за него… Ако сакаме вистинска борба против корупцијата, ние мораме да донесеме закон за потекло на имотот. Тој закон почна да се работи пред три години, со поддршка на Советот на Европа, како проектна задача на претходниот вицепремиер за борба против корупцијата. Меѓутоа сега претрпе повеќе измени, кои целта на законот ја ставија во сенка. Нашето барање и ризиците што сме ги утврдиле со нашето работење (на пример дека постои имот регистриран да друго име без да се каже со какви средства е купено) и сите други барања што ние ги поставивме како цел да бидат дел од некој закон, се потиснати, тргнати се… Така што не гледам дека и тука постои искрена волја и желба да се направи нешто. Името е сменето, не е веќе закон за потекло на имот, туку сега е закон за конфискација на имот без судска пресуда. Како може да се направи конфискација ако не се испита потеклото на имотот. Меѓутоа, законите ги предлага Владата, тоа е нејзина одговорност, а ги донесува Собранието, тоа е негова одговорност. Ние сме укажале, сме дале насоки како сметаме дека е најдобро за да се спречи корупцијата, а понатаму институциите што имаат одговорност за тоа треба да си ја преземат – изјави за медиумите Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Притоа, Ивановска наведува дека тие како комисија имаат ограничени ингеренции и неефикасна соработка со преостанатите институции од системот во борбата против корупцијата. Оттаму, таа не препознава вистинска политичка волја за борба против корупцијата.
Наспроти ограничените ингеренции на ДКСК поради недонесувањето на законот за потекло на имот, неодамна директорката на УЈП, Сања Лукаревска, поврзано со идејата на премиерот за испитување на потекло на имотот на вработените во Управата (кои се закануваа со штрајк), изјави дека имаат ингеренции за таква постапка.
– Управата за јавни приходи има законска надлежност да води посебна постапка за имот на физички лица чие потекло не може да се докаже, од која не се изземени и вработените во Управата за јавни приходи – кажа Лукаревска во едно интервју, што укажува дека постојат институции со надлежност за испитување на потекло на имотот, доколку постои волја доследно и ефикасно да се спроведува борбата против корупцијата.