Според последните информации, и најновиот пресврт со класична воена перипетија поврзана со руско-украинскиот судир е дека првиот човек на паравоената формација „Вагнер“, Евгениј Пригожин, се согласил да го запре напредувањето на своите паратрупи кон Москва, а чија цел беше да изврши воен удар против Министерството за одбрана на Русија. Пригожин за возврат добил гаранции дека кривичната постапка против него ќе биде повлечена, а наедно добил и безбедносни гаранции за неговите паравоени трупи

Секојдневни перипетии на руско-украинскиот фронт

Настаните на руско-украинското боиште викендов ја вознемирија Русија, но и внесоа голема забуна во преостанатиот дел од светот. Што всушност се случуваше викендов на руско-украинското боиште?

Бунт или не против руското воено раководство?

Накратко, командантот на руската паравоена организација „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави „бунт против руското воено раководство“!
Притоа, вооружените формации на „Вагнер“ ја презедоа контролата врз воените постројки во јужна Русија. Со нивно брзо регрупирање, според јавно достапните информации, тие започнале „засилен марш упатувајќи се кон главниот град Москва“ за, како што рече командантот на паравојската Пригожин, „да го соборат военото раководство на земјата“!
Командантот на „Вагнер“, Пригожин, кој дотогаш војуваше против украинските вооружени сили, во содејство со руската армија, според информациите од јавноста, „се завртил против своите сојузници од Кремљ“. Според достапните информации, маршот на паравоените трупи на Евгениј Пригожин, „Вагнер“, стигнал до 200 километри пред Москва, кога се случил нов пресврт на ситуацијата. Имено, Пригожин се согласил да го запре напредувањето на своите сили кон Москва по предложеното „решение за смирување на бунтот на вагнеровците“, кое содржи безбедносни гаранции за трупите на командантот Пригожин. Тоа наводно било постигнато благодарение на белорускиот претседател Лукашенко, кој директно посредувал меѓу командантот на паравојската „Вагнер“ и Кремљ. Ваквата информација во јавноста беше лиферувана од кабинетот на претседателот на Белорусија, Лукашенко. Наводно и рускиот претседател Владимир Путин телефонски во саботата вечер му се заблагодарил на својот белоруски колега Александар Лукашенко за сработеното за решавање на ситуацијата околу приватната воена компанија „Вагнер“, според прес-службата на белорускиот претседател, пренесе ТАСС.

Кремљ потврди дека постапката против Пригожин започнала, но и дека засега таа е суспендирана

Во врска со ова портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека кривичната постапка против Пригожин навистина ќе биде повлечена. За каква кривична постапка всушност станува збор?
Имено, Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), по инцидентот со „најавениот преврат на Пригожин и вагнеровци“, поведе кривична постапка против водачот на групата „Вагнер“ поради повикување на „оружен бунт“.
И претседателот на Русија, Владимир Путин, ја опиша окупацијата на Ростов на Дон од страна на приватната платеничка група „Вагнер“ како „оружен бунт“ и рече дека ќе бидат преземени „одлучни дејства“ за стабилизирање на ситуацијата во југозападна Русија.
Путин рече дека Пригожин ја „издал“ својата земја од „лична амбиција“.
Допрва ќе бидат анализирани вистинските димензии на овој настан, како и можните последици, но според она што е досега познато, можат да се извлечат одредени заклучоци.
Западните медиуми наведуваат дека пред сѐ паѓа во очи информацијата дека Пригожин, во повторувачките тиради против руските воени водачи во изминатите неколку месеци, се потруди да не го става директно на нишан претседателот Владимир Путин. Дури и во саботниот проглас дека неговите сили ќе се повлечат од фронтот во Украина и ќе тргнат на „марш на правдата“ во Русија, беше очигледно дека повнимателно од кога било тврди дека Путин не е негова цел.

Против кого всушност се побунија Пригожин и „Вагнер“?

И покрај тоа што Пригожин со своите платеници „Вагнер“ тргна против „военото раководство на Русија“, поточно директно против министерот за одбрана Сергеј Шојгу, аналитичарите укажуваат дека тој де факто го предизвикал самиот режим на Владимир Путин. Во претходните тиради, Пригожин редовно ги критикуваше Шојгу и началникот на Генералштабот на вооружените сили, Валери Герасимов, за начинот на кој ја водеа војната, тврдејќи дека не им давале муниција на неговите сили. Овој пат тој не само што ја обвини војската дека цели на неговите единици со ракети и оган од вооружени хеликоптери туку и сугерираше дека самата војна е неоправдана, оспорувајќи го тврдењето дека Русија се соочува со закана од напад од Украина и НАТО.
– На 24 февруари 2022 година не се случи ништо невообичаено. Сега Министерството за одбрана се обидува да ја измами јавноста, да го измами претседателот и да раскаже приказна дека има некоја луда агресија од страна на Украина, дека – заедно со целиот НАТО-блок – Украина планира да нè нападне – рече Пригожин.
Првите јавни коментари на Путин по ваквиот потег на Пригожин покажаа дека тој ќе се обиде да го искористи, како што рече, предавничкиот „удар во грб“ за да создаде единство меѓу Русите и да извлече некаква победа од челуста на можниот пораз. Р.Н.М.


Факти за приватната воена компанија „Вагнер“

Според повеќе извори, педесет и едногодишниот поранешен офицер на руската армија Дмитриј Уткин ја основал „Вагнер“ и ѝ го дал името на групата – неговото поранешно кодно име. Тој е ветеран од војните во Чеченија, поранешен офицер на специјалните сили и потполковник на ГРУ, руската воена разузнавачка служба.
На чело на групата денес е Евгениј Пригожин, богат бизнисмен од Санкт Петербург, кој го доби прекарот Готвачот на Путин, затоа што доставувал храна и пијалаци за официјални настани во Кремљ. Формирана на почетокот како мала група од воени платеници, руската обезбедувачка и воена организација под името „Група Вагнер“ со текот на времето претрпе значајна трансформација. Денес таа практично е армија што располага со авиони, артилерија и свое биро во Санкт Петербург. Се верува дека повеќето од нив се искусни поранешни војници, вклучувајќи и некои од елитните руски единици. Меѓу нив постои строга хиерархија, а профитот е на прво место, без разлика за кого се борат.
Групата „Вагнер“ (официјално наречена „ПМЦ Вагнер“) е приватна воена организација водена од поранешниот близок пријател и соработник на рускиот претседател Владимир Путин.
Групата формирана од Дмитриј Уткин, поранешен руски офицер, и од финансиерот Евгениј Пригожин, кој претходно беше познат како Готвачот на Путин за угостителски државни настани, е создадена во 2014 година и беше вклучена во украинско-рускиот конфликт истата година.
Првично тоа беше тајна организација, имаше само околу 5.000 борци – главно ветерани од елитните руски полкови и специјалните сили. Од 2015 година, групата „Вагнер“ е активна во Сирија, Либија, Африка и на Блискиот Исток. Покрај тоа, Централноафриканската Република (ЦАР) ја покани групацијата „Вагнер“ да ги чува рудниците за дијаманти, а се смета дека ги чува рудниците за злато во Судан.
Групата „Вагнер“ беше силно вклучена во руското заземање на градот Бахмут, во источна Украина.
Според Министерството за одбрана на Обединетото Кралство, групата сега командува со над 50.000 борци во Украина и стана клучна компонента на украинската кампања.


Медиуми: САД знаеле за бунтот уште во средата

Повикувајќи се на релевантни извори, „Њујорк тајмс“ објави дека високи функционери за национална безбедност на САД уште во средата имале докази дека Евгениј Пригожин се подготвува да преземе воена акција против руското министерство за одбрана.
На брифинг во четвртокот, со претставници на претседателската администрација и на Пентагон, мала група конгресни лидери биле информирани за настаните. Во тој момент соговорниците не знаеле каков ќе биде резултатот од воените дејства на Пригожин, но тие биле загрижени како може да влијае тоа на контролата на рускиот нуклеарен арсенал.
„Вашингтон пост“ објави дека првите сигнали за бунтот се појавиле веќе во средината на јуни. Според нив, непосреден повод за тоа е барањето на Министерството за одбрана од сите „волонтерски“ организации (ова ги вклучува и приватните воени компании) да потпишат договори со него.