Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека по отстранувањето на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко од партијата, потребна е детална истрага и за лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
– Дури сега, откако не е член на ДУИ, за Мерко, со дозвола на Бујар, може да се отвори детална истрага. Сеопфатна истрага е потребна за Али Ахмети. Сите други тој ги именува и пред него одговараат – пишува Хајредини.
Професорката Мирјана Најчевска, која редовно пишува за актуелните политички случувања во земјата, вели дека на раководните позиции има луѓе кои не ја чувствуваат Македонија како своја држава и затоа треба да бидат тргнати од позициите.
Моментално на раководни позиции се наоѓаат луѓе кои не ја перципираат Македонија како своја држава, кои не ги перципираат граѓаните на Македонија како луѓе во чиј интерес треба да работат и кои не одговараат за ниту едно прекршување на законите. Тие луѓе мора да бидат тргнати од раководните позиции – напиша Најчевска.
ДУИ бара институциите во државата веднаш да започнат сеопфатна истрага за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за сите можни тврдења и информации што произлегуваат од одлуката на американскиот Стејт департментот за негово ставање на „црна листа“ на САД поради „значителна корупција“, изјави вчера министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
Тој информираше дека партијата ја прифатила одлуката на Мерко по неговата вчерашна средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за замрзнување на неговото членство во Централното претседателство и Генералниот совет на партијата додека трае истрагата против него, а во исто време партијата ги прекинува и сите внатрепартиски изборни активностите во Струга додека не се создадат нови околности.