Огромниот натпис со слоганот „Ја сакам Чемерија“, напишан на англиски јазик со албанска лексика на неколкуметарско платно, и утрово повторно осамна на надвозникот кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје.
Сѐ уште никој не знае од кого е поставен, со која цел и каква точно е неговата намена. Во консултација со повеќе соговорници, професори по историја и географија, политички аналитичари, политиколози и социолог, дојдовме до интересни мислења и ставови поврзани со јавно поставениот банер во близина на споменикот на Скендербег, во центарот на Скопје, за кој општината Чаир сѐ уште нема прецизна информација, нема одговор на гореневедените прашања, ниту пак издала дозвола за негово истакнување.
Внимателно со пораката, може да биде протолкувана и како провокација
Соговорниците потсетуваат дека во Скопје во изминатите две години, во истиот период од годината, се одржувала манифестација под името „Неделата на Чамите“ чија цел била „укажување на правата на Чамите“. Настанот во рамки на кој се одржувале јавни активности, вклучително и таканаречениот „Марш на мирот за Чемерија“ (од старата чаршија до грчката Амбасада во Скопје), биле организирани од страна на неколку невладини организации во Македонија, во координација со здружението „Чемерија“ од Албанија и партијата Правда, интеграција и единство (ПДИУ) од Албанија. Притоа, во текот на маршот јавно биле извикувани пароли како што се „Чемерија во нашите срца“, „Чемерија е Албанија“ итн. Посебно гласните пароли како втората, на кои што организаторот воопшто не реагираше, нашите соговорници потсетуваат дека ја разбудиле колективната меморија, при што „ваквата порака можеше да се протолкува и како провокација, бидејќи укажува на веќе познати територијални големоалбански претензии и на облик на иредентизам“.
Зарем повторно јавна промоција на „Голема Албанија“?!
Интересно е мислењето на нашите соговорници кои, како што велат, „земајќи ги предвид околностите, постои оправдан сомнеж и дека на овој начин скришно се актуелизира идејата за создавање „голема Албанија“ која периодично провејува со оглед на постојаните тенденции за обединување на Албанците во регионот. Во повеќе наврати е забележана во политичката реторика, преку нон-пејпери, меѓу навивачките групи, активисти и јавни личности на Балканот, иако европските политичари повторуваат дека прашањето за менување на балканските граници е затворено.
Посебно истакнуваат соговорниците, дека има индикатори дека транспарентот е ставен во точно одбран моментум и на точно одбрана локација, да биде виден и да биде коментиран, бидејќи овие два дена во Скопје има два големи јавни настани и собири. Едниот е концертот во објектот на Македонската филхармонија, која е во непосредна близина, во организација на регионалната иницијатива за интеграција „ЕвроБалкан“ и каде ќе дојде светски познатиот диригент Зубин Мехтај и белградскиот симфониски оркестар. Вториот собир е маршот на ЛГБТ заедницата, што исто така има меѓународен карактер. Поради тоа, пораката на банерот, според соговорниците, би била многу видлива и коментирана.
Неколку информации за Чемерија за кои нашите соговорници обрнаа внимание
Терминот Чемерија, не се употребува од страна на неалбанското население во Македонија, туку тоа исклучиво го употребуваат етничките Албанци. Не е на одмет да се спомене дека во таа област, освен Грци, Власи, Роми и Македонци, живееле претежно етнички Албанци.
Имено, споменатата територија на конференцијата во Лондон во 1913 година ѝ припаднала на Грција. Потоа, за време на Втората светска војна, припадниците на Албанците (Чамите), кои биле воглавно припадници на Бали Комбтар (во превод Национален фронт – профашистичка организација ), во тесна соработка со италијанската фашистичка власт, настапувале со паролата за создавање албанска етнички чиста голема држава, во која ќе влезат Косово, голем дел од Македонија, Црна Гора и Чемерија во Грција.
Грчките власти во повеќе наврати реагираа на, како што велат, неприфатливите и навредливи квалификации за наводните албански региони во Грција, како и референци и мапи во кои грчките географски области се јавуваат како Чемерија. До скоро, грчката влада преку своето Министерство за надворешни работи, секоја година редовно ја активираше таканаречената полициска операција „Метла“ во која ги пронаоѓаше, лишуваше од слобода и ги протеруваше лицата, најчесто од Албанија, кои илегално престојувале на територијата на Грција, односно Чемерија.
Чемерија денес всушност постои како топоним што Албанците национал-романтичари главно го користат како мечта и идеализација на една анахрона идеја за сеалбанско обединување. Името се однесува за крајбрежните области на Епир во северозападна Грција. Најголем дел од територијата на Чемерија денес е опфатена во грчките префектури Теспротија и Превез и мал дел во префектурата Јанина и од областа Саранда. За издвојување е дека во Грција употребата на името Чемерија воопшто не е пожелно, бидејќи се врзува за албанскиот иредентизам. С.Н.М.