Институтот за македонски јазик на свечен начин вчера го одбележа својот 70-годишен јубилеј. Седумдесетте години на Институтот за македонски јазик се една современа отсечка на стандардизирано битисување на македонскиот јазик во долгата линија на временски континуитет, која се протега до времињата на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата во 9 век од сесловенските просветители Кирил и Методиј
Со свечена академија, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ вчера го одбележа 70-годишниот јубилеј од своето постоење, како и 120 години од издавањето на книгата „За македонцките работи“ од својот патрон Крсте Мисирков. Оваа научна институција е основана во 1953 година, со цел сестрано да го проучува македонскиот јазик, да ги поттикнува творечките потфати во таа област и да се грижи за усовршување на научните и на стручните работници во него. Во актуелниот современ геополитички контекст исполнет со предизвици за македонскиот национален идентитет, постоењето и работата на Институтот за македонски јазик треба да претставуваат извориште на научната аргументација за милениумската посебност и автентичност на македонскиот јазик, како на глобален лингвистички план, така и во своето семејство на словенски јазици. Македонскиот јазик како еден од елементарните атрибути на македонското постоење е носечкиот столб на македонскиот национален идентитет. Седумдесетте години на Институтот за македонски јазик се една современа отсечка на стандардизирано битисување на македонскиот јазик во долгата линија на временски континуитет, која се протега до времињата на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата во 9 век од сесловенските просветители Кирил и Методиј.
– Институтот за македонски јазик израсна во реномиран центар за изучување на македонскиот јазик, а преку трудовите што се појавуваат минатиот период – во еминентен славистички центар. Резултатите од научната дејност на Институтот се вреднувани со највисоките општествени признанија – истакна на свечената академија Елена Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик.
Таа им се заблагодари на основоположниците на Институтот и на кадарот во пензија за, како што рече, „визионерската моќ и пожртвуваноста во развојот и растежот на оваа институција“, меѓу кои на првиот директор Крум Тошев и на долгогодишниот прв човек д-р Трајко Стаматоски.
Свое обраќање на одбележувањето на 70-годишнината од Институтот за македонски јазик имаше и премиерот на македонската влада Димитар Ковачевски, кој порача дека „сè додека има луѓе што го употребуваат македонскиот јазик, тој ќе постои, а со тоа и ние Македонците, а и нашата татковина, Република С. Македонија“.
– Зборовите на Мисирков денес се реалност, неговиот аманет е испочитуван. Успеавме да го поставиме македонскиот јазик на еднакво рамниште со сите други официјални јазици во Европа, со ланското отворање на преговорите со Европската Унија, а со тоа и македонскиот народ и идентитет на исто рамниште со другите народи што ја сочинуваат ЕУ – истакна премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија.
Почетоците на дејноста на Институтот се насочени кон собирање и обработка на лексичка граѓа, што придонесува за издавање на тритомниот Речник на македонскиот јазик до 1966 година и подготовка на Правописот на македонскиот литературен јазик до 1970 година.
Во исто време се одвиваат и интензивните теренски истражувања, собирање дијалектолошки материјал како основа за изработка на Македонски дијалектен атлас и ономастички материјал, избор и ексцерпција на старите црковнословенски текстови како основа за Речникот на македонските црковнословенски текстови. Богатиот, макотрпно собиран картотечен фонд го претставува лексичкиот фонд на македонскиот јазик на историски и на современ план.
Институтот денес ја продолжува работата врз трите долгорочни проекти. Толковниот речник на македонскиот јазик како незаменлива основа за истражување на лексичкиот систем на македонскиот јазик. Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција, меѓународно координиран проект, може преку дигитализацијата на средновековните ракописи да даде голем прилог во создавањето на стандардизиран електронски јазичен корпус како дел од идниот интернационален црковнословенски корпус. Работата врз Македонскиот дијалектен атлас ги претставува лексичкото богатство и диференцијалните особености на македонските дијалекти. Ј.П.