Усвоени општ данок за компаниите и закон за климата
Во Швајцарија во неделава што измина се одржа референдум на кој беше усвоен општ минимален данок за компаниите, како и Законот за климата, кој има цел да ја намали употребата на фосилни горива и да достигне нула емисии на штетни гасови до 2050 година. Имено, 80 отсто од гласачите го поддржаа зголемувањето на општите деловни даноци на 15 отсто, од сегашните 11 отсто. Околу даночниот закон во јавноста имаше поголема согласност и се знаеше дека тој ќе помине на референдумот. Меѓутоа, кога станува збор за Законот за климата, кој не беше усвоен во 2021 година, а сега е изменет, имаше многу поголема дебата, особено активно учествуваа во јавна дебата оние што беа против споменатиот закон, во претходните недели.
Речиси 60 отсто од гласачите гласаа за воведување на новиот закон. Поддржувачите велат дека тоа е „минимумот што една здрава земја треба да го направи за да ја докаже својата посветеност во борбата против климатските промени“, додека противниците, главно десничари, велат дека тоа ќе ја загрози енергетската стабилност.
Во 2021 година Швајцарија ѝ се приклучи на групата од речиси 140 земји што го потпишаа договорот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за одредување минимална даночна стапка за големите компании, потег што има за цел да ја ограничи практиката на префрлање на добивката на ниски даноци.
ЕУ ќе финансира изградба на водороден гасовод од Шпанија до Франција
Проектот за водороден гасовод H2Med, помеѓу шпанската Барселона и францускиот Марсеј, во кој се вклучени Шпанија, Франција, Португалија и Германија, ја доби својата прва позитивна техничка оцена од Европската комисија (ЕК) за да се квалификува за финансирање од страна на ЕУ.
Во врска со тој проект, во јануари годинава францускиот претседател Емануел Макрон најави дека споменатиот гасовод ќе биде продолжен до Германија, додавајќи дека изградбата на гасоводот треба да заврши до 2030 година.
Како што пренесуваат медиумите, ќе следуваат дополнителни политички анализи, по што во ноември во Брисел ќе биде објавена конечната листа на која ќе бидат наведени проектите што ќе бидат класифицирани како „од заеднички европски интерес“ (PCI).
На крајот на 2022 година, Франција, Шпанија и Португалија се договорија да создадат зелен коридор што ќе го замени гасоводот „Мидкет“. Тоа треба да овозможи транспорт на гас и водород од Барселона до Марсеј, што би отворило пристап до енергетскиот пазар на ЕУ за земјите од Пиринејскиот Полуостров.
Проектот (H2Med) ќе се состои од два главни дела. Првиот коридор ќе ја поврзе Селорика да Беира, лоцирана во источниот дел на Португалија, со шпанскиот град Самара на северозапад од земјата (Церза). Вториот коридор ќе ја поврзува Барселона со француски Марсеј (Бармар).
Подготвил: Mарјан Велевски