ВЛАЖНОТО ВРЕМЕ ГО ПРИВЛЕЧЕ АЗИСКИОТ ТИГРЕСТ КОМАРЕЦ?

Црни со бели линии, исклучително агресивни, дрски и упорни, со поинтензивни убоди, но и повеќекратни убоди се карактеризираат овие старо-нови комарци, кои сѐ повеќе ги има во главниот град. Станува збор за видот азиски тигрест комарец, кој, како што говори и името, потекнува од азиските предели. Карактеристични за овој вид инсекти се нивната упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди. И покрај тоа што времето воопшто не наликува на лето, во Скопје „врие“ од комарци

И покрај тоа што временските услови сѐ уште не се ни навидум летни како што се очекуваше за овој период од годината, граѓаните веќе мака мачат со наездата на упорните комарци, кои се чини чекаа мал пораст на температурите за да почнат да напаѓаат. Скопјани веќе некое време се борат со упорните мали и жедни за крв суштества, кои воопшто не се плашат и тешко се истребуваат.

АГРЕСИВНИ, НАПАДНИ И НЕУМОРНИ

Градот Скопје веќе неколкупати досега прскаше против ларви од комарци и против комарци, но тоа во реалноста и не смени баш многу. Комарците веќе интензивно напаѓаат, а граѓаните не можат да излезат накрај со нив.
Овие комарци, според скопјани, не се како во минатото. Напротив. Овој „нов сој“ комарци се агресивни, неуморни, не се плашат од ништо и доколку се обидувате да ги избркате се чини дека го навлекувате нивниот револт, па уште толку стануваат здодевни, напорни и неуморни.

Црни со бели линии, доста агресивни и нападни, со поинтензивни убоди, но и повеќекратни убоди се карактеризираат овие старо-нови комарци, кои сѐ повеќе ги има во главниот град. Станува збор за видот азиски тигрест комарец, кој, како што говори и името, потекнува од азиските предели.
Карактеристични за овој вид инсекти се нивната упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди.

И покрај тоа што времето воопшто не наликува на лето, во Скопје „врие“ од комарци.
Граѓаните веќе петта година по ред мака мачат со овој вид. Тие велат дека се чувствуваат беспомошно поради многуте неуспешни начини да се ослободат од нив. Убодите се болни, а потоа иритацијата неконтролирано чеша, па делови од кожата се со мали ранички и крв како последица на чешањето. Особено страдаат малите деца, кои не знаат и не можат да одолеат на нагонот за неконтролирано чешање.
– Нема дел од Скопје каде што ги нема комарците. Не е вообичаена ваквата нападност и агресивност. Ти го бркаш, тој се враќа поупорен. Касаат насекаде, на лице, на раце, во глава, на уши, во голем број напаѓаат… касаат и преку облека, се пикаат во алишта што се сушат, таму се кријат за да влезат внатре. Сега, дека навечер е посвежо, како да демнат на врата, чекаат само да отвориме за да влезат. Како да имаат стратегија на однесување и напаѓање – со доза хумор вели Славица Стојановска, жителка на Автокоманда. Според неа, нема повеќе разлика каде се наоѓаш. Комарци има насекаде.

АВИОНСКОТО ПРСКАЊЕ НЕ ДАВА РЕЗУЛТАТИ

И минатата година сериозен проблем за скопјани беа комарците. Уште тогаш „Нова Македонија“ откри дека авиодезинсекцијата не ги дава потребните резултати и токму затоа и треба истата таа да се искорени, факт што го потврдија и експертите.
Според експертите, овој вид комарци освојуваат територии, па затоа можат да се забележат на нови локации.
– Ги има на локации каде што има повеќе влага, зеленило и вода. Освојуваат територии, се прошируваат и затоа ги има и на локации каде што досега ги немало – вели Николина Соколовска, медицински ентомолог, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје.

Овој вид комарец првпат во земјава е детектиран во 2016 година во реонот на Богданци, но во 2018 година е забележано неговото проширување во Дојран и во повеќе општини во Скопје.
– Овој комарец има различни однесувања, различен животен циклус и активноста му е 24 часа. Неговите убоди се болни – вели Соколовска.

Соколовска уште минатата година истакна дека надлежните треба да направат нов оперативен план, според кој ќе дејствуваат против комарците.
– Треба надлежните служби да направат нов оперативен план со зголемена површина на третирање. Да се исклучи авиодезинсекција над населено место, бидејќи не дава задоволителни резултати од многу причини, пред сѐ од биологијата на комарците, особено тигрестиот – потенцира Соколовска.