Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – ВЕЧЕРВА ФИНАЛЕ НА КОНФЕРЕНЦИСКАТА ЛИГА

Фиорентина сезонава во Конференциската лига постигна 36 гола на 14 меча, а Вест хем на 12-те средби оствари 11 победи и едно реми

Фиорентина (Италија), најефикасната екипа во натпреварувањето сезонава, ќе се сретне со непоразениот Вест хем (Англија) во денешното финале на Конференциската лига во Прага, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Двата клуба вечерва (од 21 часот) во финалниот дуел во чешкиот главен град имаат шанса за втор европски успех, по пауза од повеќе од половина век.

Единствениот европски трофеј на Фиорентина е тој од Купот на победниците на куповите (КПК) во 1961 година, кога во финалето во две средби го победи Глазгов ренџерс со вкупно 4-1. Вест Хем го освои истиот трофеј четири години подоцна, совладувајќи го Минхен 1860 со 2-0 во финалето играно на стадионот „Вембли“.

Оттогаш ниту еден од годинашните финалисти во Конференциската лига не освои европски пехар. Вест хем повторно стигна до финалето на КПК (натпреварување што во 1999 година се спои со Купот на УЕФА) во 1976 година, но загуби од Андерлехт со 4-2. Фиорентина загуби во првото финале на Купот на шампионите (сега Лига на шампионите) во 1957 година од Реал Мадрид, а подоцна и во КПК од Атлетико во 1962 година, како и од Јувентус во 1989 година во тогашниот Куп на УЕФА (сега натпреварување со име Лига Европа). Во Прага, Фиорентина ќе стане првиот клуб што ќе настапи во сите четири големи финалиња на европските купови.

Сезонава Фиорентина одигра 14 меча во Конференциската лига (шест во групната фаза и осум во нокаут-делот), постигна вкупно 36 гола (14 во групата и 22 во елиминацискиот дел) и забележа 10 победи, едно реми и три пораза, со вкупна гол-разлика 36-16. Вест хем, пак, одигра 12 средби (како првопласиран во групата го прескокна плејофот за влез во осминафиналето) и забележа 11 победи и едно реми, со вкупна гол-разлика 27-7.