Ирак неодамна ги забрани трансакциите во американски долари, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати планираат да продаваат нафта без нив, а има планови да воспостават сосема нова валута за да го заобиколат
Каква е состојбата во светската трговија
Секој во Ирак кој сакаше неодамна да купи автомобил или куќа беше непријатно изненаден, бидејќи ирачката влада објави забрана за склучување лични или деловни зделки во американски долари. Со децении американскиот долар беше најдобрата валута на Блискиот Исток за оној којшто немаше доволно дирхами, динари, ријали или фунти при рака. Но, тоа можеби почнува да се менува. Во текот на изминатите неколку месеци, високи политичари во голем број земји од Блискиот Исток дадоа изјави кои укажуваат на тоа дека доминацијата на доларот во регионот може да се намали.
Во Ирак, американските власти го отежнуваа внесувањето долари во земјата. Тие очигледно беа загрижени дека премногу американски пари се шверцуваат во соседната иранска влада, која е под санкции, но тоа се премолчува, бидејќи добива поддршка од многу ирачки политичари. Овој недостиг од долари доведе до нестабилност на вредноста на ирачкиот динар, кој е врзан за американската валута. Во февруари, исто така, делумно благодарение на кризата на американската валута, Ирак рече дека ќе работи со Кина користејќи јуани наместо долари.
Блискиот Исток бара алтернативи
Претходно оваа година, министерот за финансии на Саудиска Арабија рече дека неговата земја исто така е „отворена“ за продажба на нафта користејќи различни валути, вклучувајќи ги еврото и кинескиот јуан. Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека ќе соработуваат со Индија, користејќи ја индиската рупија. Минатата година, Египет објави планови за издавање обврзници во кинески јуани. Државата веќе имаше издадено обврзници во јапонски јени.
Дополнително, неколку земји од Блискиот Исток како Египет, Саудиска Арабија, ОАЕ, Алжир и Бахреин рекоа дека сакаат да се приклучат на геополитичкиот блок познат како БРИКС, акроним за Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Русија веќе соопшти дека на претстојниот состанок во јуни, сојузот ќе разговара за создавање нов вид валута за прекугранична трговија меѓу членките.
Од 2021 година, ОАЕ, исто така, се дел од пилот-проектот воден од швајцарската банка за меѓународни порамнувања, еден вид централна банка за централните банки. Овој проект ги разгледува дигиталните, прекугранични плаќања кои би можеле да го заобиколат доларот. Други учесници се Тајланд, Хонгконг и Кина.
Дали на американскиот долар му се одбројани деновите?
Овие алтернативи на американскиот долар доведоа до неодамнешниот наплив на вознемирувачки наслови во американските медиуми. Американските долари сега сочинуваат околу 58 отсто од официјалните девизни резерви на глобално ниво, објави „Блумберг“, што е пад од 73 отсто во 2001 година. Во доцните 1970-ти, таа бројка беше 85 отсто. Сепак, повеќето експерти инсистираат дека оддалечувањето од доларот оди многу побавно отколку што сугерираат неодамнешните наслови. И ова секако важи за Блискиот Исток.
Од 1970-тите, земјите од Персискиот Залив што произведуваат нафта имаат партнерство со САД, во кое Америка дава безбедност, а земјите како Саудиска Арабија и ОАЕ извезуваат нафта. Повеќето земји од Персискиот Залив, со исклучок на Кувајт, ги врзаа своите валути со американскиот долар. Според Хасан Алхасан, научен соработник за политиката на Блискиот Исток на Меѓународниот институт за стратегиски студии со седиште во Лондон, еден од најголемите показатели за сериозно оддалечување од доларот би било тие валути да се оттргнат од него, но досега нема такви знаци.
Експертите со кои разговараше „Дојче веле“ се согласија дека најверојатно има две главни причини за заканите на жителите на Блискиот Исток да користат други валути. Прво, рекоа тие, тоа има врска со војната во Украина. Мекдауел тврди дека „колку повеќе САД го користат доларот како оружје на надворешната политика, толку повеќе нивните противници ќе ја придвижуваат нивната меѓународна економска активност во други валути“.
Второ, доколку санкциите кон Русија дополнително се заострат, претворајќи ги во она што се познати како секундарни санкции, тогаш тие земји многу потешко ќе ги избегнат. Секундарните санкции ги казнуваат и третите страни кои соработуваат со санкционираниот субјект. Така, секој што ќе сака да соработува со САД или со Европската Унија (ЕУ), ќе му биде тешко да ги заобиколи секундарните санкции.
Закана за нафтениот бизнис
Во март, саудискиот министер за енергија, принцот Абдулазиз бин Салман, рече дека ако која било земја се обиде да воведе ограничување на цената на извозот на саудиска нафта, на ист начин како што беше направено со Русија, неговата нација повеќе нема да тргува со неа. Еден ден подоцна, алжирскиот министер за енергетика, плашејќи се од опасен преседан, ја повтори таа изјава.
Ова е причината зошто оддалечувањето од доларот изгледа дека веројатно ќе продолжи сè додека траат санкциите, тврди Марија Демерцис, професорка по економска политика на Европскиот универзитетски институт во Фиренца, Италија. Но, тоа нема да се случи преку ноќ. Дури и ако некои земји сакаат да го заобиколат доларот како валута, ќе биде потешко да се замени инфраструктурата за порамнување обезбедена од системот управуван од него, посочи Демерцис.
Според Демерцис, фактот што САД и Европа ги замрзнаа резервите на руската централна банка во нивните јурисдикции, исто така ги вооружи централните банки и можеби го оштети меѓународниот финансиски систем. На Блискиот Исток, тоа прерасна во вистинско чувство на загриженост затоа што САД, па дури и ЕУ, можат да го искористат како еден вид оружје во меѓународната трговија и финансии, во контекст на војната со Русија. Ова е причината зошто земјите од Блискиот Исток се подготвуваат за мултиполарен глобален свет, каде што ќе сакаат да бидат најдобро поставени за да дејствуваат внатре и надвор од зони во кои се тргува со долари.