Во периодот на одбележување на својата 25-годишнина, Европската централна банка подготвува предлог – дизајн за дигитална верзија на еврото, одговарајќи на притисокот од развојот на технологијата, која може да го промени начинот на кој ќе се користат парите во следните децении, пишува „Асошиејтед прес“.
Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард вели дека дигиталното евро треба на луѓето да им понуди начин да купуваат стоки без да зависат од давателите на платежни услуги, контролирани од неевропски компании. Тоа би можело да се однесува на Мастеркард, Виза, Епл пеј и Гугл пеј.
Во следните неколку недели се очекува извршната комисија на Европската унија да излезе со предлог – закон за идејата, велат претставници на ЕЦБ, додека деталниот предлог за дизајн на дигитална валута ќе се промовира во октомври.
Централните банки ширум светот, вклучително и Федералните резерви на САД, внимателно ги проучуваат дигиталните валути, бидејќи готовината сè повеќе им отстапува место на електронските плаќања. Некои помали економии како што се Нигерија, Бахамите и Јамајка веќе воведоа дигитални валути, додека Кина се уште испробува модели на функционирање.
Централните банки реагираат и на појавата на криптовалути, кои предизвикаа загриженост дека еден ден луѓето би можеле да се свртат кон ривалските форми на дигиталните пари, со што би се подривале количествата национални валути.
Дигиталната валута поддржана од централна банка би била безбедно и стабилно средство за плаќање – за разлика од нестабилното крипто, чиишто лански падови во вредноста и колапсот на берзите поттикнаа повици за регулација.
Додека Европа размислува за сопствена дигитална валута базирана на ЕЦР, најголемото прашање кое „држи вода“ е: Како новитетот би го подобрил она што е веќе достапно за потрошувачите?
-Никој не може да одговори на ова прашање, дури ни ЕЦБ. Како корисник, јас се прашувам која е користа од ваквото решение – рече рече Филип Санднер, директор на Блокчејн центарот при Франкфуртската школа за финансии и менаџмент.
На пример, Епл пеј им овозможува на луѓето да си купат утринско кафе – или што било друго – со два клика на нивните телефони – беспрекорна услуга, на која дигиталното евро ќе треба да ѝ „парира“.
-Треба да бидете барем исто толку добри како Епл пеј и Мастеркард, што е тешко, инаку луѓето нема да ве користат- додава тој.
-Целта на дигиталното евро би била автономија и отпорност на Европа кога станува збор за големите системи кои ги пренесуваат парите од потрошувачите до трговците преку банките и давателите на платежни услуги -рече Лагард во неодамнешната панел дискусија, правејќи аналогија на претходното потпирање на Европа на руската нафта и природен гас, што доведе до енергетска криза кога инвазијата на Украина го наруши тоа снабдување.
-Многу е нездраво да се потпреме на еден единствен извор на енергија, многу е нездраво да се потпреме на еден единствен извор на плаќање – додаде таа.
Дигиталното евро, исто така, може да им помогне на луѓето кои немаат банкарски сметки, бидејќи тие би можеле да чуваат пари на своите телефони.
Потегот за зголемена дигитализација доаѓа во годината кога ЕЦБ одбележува 25 години од своето формирање – 1 јуни 1998 година, седум месеци пред воведувањето на евровалутата.
Визијата на ЕЦБ предвидува дигитал евро за малопродажба, кое дури може да се пренесе офлајн – со помош на дигитален паричник во телефонот. Почетните дизајни ќе бараат стандардна апликација, заедно со користење на постоечките апликации за онлајн банкарство. Тоа нема да ја замени готовината, но ќе додаде уште еден начин за пазарен проток на еврото.
По објавувањето на предлогот ќе има период од три години тестирање. Конечната одлуката за воведување на дигиталното евро ќе дојде после тоа и ќе бара одобрение од институциите на ЕУ. Фабио Панета, член на извршниот одбор на ЕЦБ и шеф на работната група за дигитално евро, вели дека тоа нема да ја замени готовината и луѓето ќе го имаат дигиталното евро како дополнителна опција, а не како обврска за користење.
-Тоа би ја намалило зависноста од неколку доминантни даватели на услуги, зголемувајќи ја конкуренцијата и издржливоста – рече тој пред европските пратеници во својот говор минатиот месец.
Европските банки претпазливо го поздравија предлогот. Тие предупредуваат дека без строги ограничувања, дигиталните евра би можеле да влечат депозити од комерцијалните банки – лишувајќи ги од финансирање на работи како деловни заеми и хипотеки.
Иако Европската банкарска федерација ја поддржува автономијата во плаќањето, таа е сепак на ставот дека дигиталното евро само по себе нема да ја постигне, доколку банките и компаниите за платежни услуги не создадат нови и подобри начини да се справуваат со плаќањата.
-Дигиталното евро во малопродажбата – особено ако не може да понуди конкретен дополнителен квалитет во споредба со постоечките електронски плаќања – не е соодветна или доволна алатка за исполнување на сите поставени цели – велат од федерацијата.
Според Санднер, трговците теоретски би можеле да се заложат за прифаќање на овој новитет, но само доколку утврдат дека плаќањето во дигитални евра им помага да ги избегнат таксите што ги наплаќаат компаниите за кредитни картички.
Подготви: Валбурга Батева Николоска