На самитот во Вилнус во јули се очекува Атлантската алијанса да ја одобри новата стратегија, како приспособување на новата геополитичка реалност
НАТО ја подготвува најголемата воена реформа од Студената војна
НАТО ја финализира реформата на заедничката стратегија за справување со различни безбедносни предизвици во актуелната геополитичка реалност. Според шпанскиот весник „Ел паис“, следува „најголемата реконфигурација од Студената војна“, изјавија извори од НАТО за документот на реформите, кој има околу 4.000 страници и ја прикажува првата целосна и обединета реформа на доктрината на НАТО во последните три децении.
Дистанцирање од големи интервенции
Меѓу предлозите се измените на воената стратегија на Алијансата – оддалечување од големите интервенции за да му се даде приоритет на распоредувањето помали оперативни воени единици, како и регионални експерти – и нејзините методи за анализа и обезбедување ажурирања за различните закани, меѓу кои и воени, сајбер и хибридни напади и одговорот на НАТО на овие сценарија.
Воените лидери на 31 земја-членка на НАТО и експертите на Атлантската алијанса сега ја разгледуваат стратегијата, која ги обединува националните и регионалните планови. Оваа реформа се очекува да биде одобрена на самитот на НАТО во Вилнус во јули, каде што главни точки на агендата ќе бидат војната во Украина и обврските што Алијансата може да му ги понуди на Киев, кој формално аплицираше за членство во септември минатата година.
– Плановите ќе бараат подобрен модел на сили на НАТО што ќе произведе повеќе војници со висока готовност за нашата алијанса – додаде поручник-адмирал Роб Бауер, претседател на Воениот комитет на НАТО.
Новитети во НАТО: Што е тоа „стратегиска капа“?
НАТО продолжува со своите ажурирани, географски специфични одбранбени планови, во кои е наведено како Алијансата може да одговори на нападите врз земјите-членки и како ќе дејствува наспроти заканата за глобален тероризам. Стратегијата дава и насоки за одбрана на клучни локации.
– За првпат од крајот на Студената војна ќе имаме објективни цели за способност засновани на закани – рече Бауер.
Речиси од своето основање, НАТО имаше планови за справување со потенцијалната закана од Русија, всушност, Алијансата беше организација создадена визави СССР. Но војната во Украина драстично го промени односот на НАТО, кој со години вклучуваше дипломатски врски на високо ниво и билатерален совет за соработка. Новата стратегија ќе работи на различни нивоа: на национално ниво, т.н. „стратегиска капа“, која опфаќа три големи географски области (Северен Атлантик, Централна Европа и југ, од Шпанија до Турција), ќе обезбеди детална анализа на заканите и можните реакции, категоризирано по домен: копно, море, воздух, вселена и сајбер-простор.
Сценаријата на НАТО
НАТО дијагностицира повеќе закани, како и препознава повеќе сценарија за реализација на тие закани: од ранливостите на инфраструктурата на земјите-членки, па сѐ до можноста Русија да распореди илјадници војници на границите на источното крило на Алијансата.
За потсетување, последниот самит на НАТО, одржан во јуни минатата година во Мадрид, ја прогласи Руската Федерација за „најзначајна и директна закана за безбедноста на сојузниците и за мирот и стабилноста во евроатлантската област“ и повика на значително зајакнување на одбраната, забрзувајќи го развојот на регионалните планови. Во новата шема, фокусот повеќе не е само на зајакнувањето на источното крило на НАТО туку на потребата од воспоставување цврста одбранбена мрежа заснована на таканаречениот „пристап од 360 степени“ – оној што ја покрива целата територија на НАТО. Новата стратегија, на пример, има цел да ја намали зависноста од распоредувањето голем број борбени групи и наместо тоа да користи единици со големина на бригада (составени од околу 5.000 лица воен персонал), кои можат да се движат без фиксни структури и да се распоредат побрзо, со возила, тенкови и борци однапред позиционирани на теренот.
Меѓутоа, новиот концепт не ги направи најсреќни источноевропските членки на НАТО, кои територијално се поблиску до Русија. Овие држави-членки на Алијансата се загрижени дека „новите планови на НАТО претставуваат премногу теоретска рамка и бараат поконкретни елементи, како и дополнително зајакнување на присуството на Алијансата на нивното крило. За да се воспостави новата стратегија, на Алијансата ќе ѝ требаат повеќе инвестиции“, велат претставници од источноевропските членки на НАТО.
Повторно испорачано барање за зголемување на трошоците за одбрана на земјите-членки на Алијансата
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, деновиве уште еднаш испорача барање дека членките на НАТО мора да ги зголемат трошоците за одбрана. Неговата цел е да се договори за нова обврска, која сега е 2 отсто од БДП „како минимум“. Сепак, иако некои земји, вклучувајќи ја и Канада, ги зголемија буџетите за одбрана, други се едвај над 1 отсто од БДП – Шпанија е на 1,09 отсто и Белгија со 1,18 отсто, на пример – и државите не се обврзани да ја достигнат целта од 2 отсто. Шпанија си постави цел да достигне 2 отсто до 2029 година, но исто така се залага придонесите во Алијансата да не се мерат само во однос на инвестициите во одбраната туку според воените распоредувања и други фактори.