Бугарскиот претседател Радев со јасни пораки до македонското работно тело за уставни измени

Никој не знае во која насока се бараат решенијата за уставните измени со кои бугарското малцинство би било вклучено во македонскиот устав, што е едно од барањата на официјална Софија и услов Македонија да почне да ги отвора преговарачките поглавја.
Она што е единствено јасно, тоа е дека Бугарија во никој случај нема да се согласи на решенија што нема да бидат на иста линија како што таа замислила, а тоа неодамна го потврди лично бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој на неодамнешната средба со еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји му се пожалил поради одолжувањето со уставните измени од страна на македонските власти, јасно истакнувајќи дека за Бугарија ова е исклучително важно прашање. Вчера Радев отиде и чекор понатаму.
– Раководството на РСМ може да зборува дека гради модерно мултиетничко општество тогаш кога ќе собере сила да ги впише сонародниците на Гоце Делчев во својот устав – истакна Радев.
Имајќи го предвид јасниот став на бугарската држава дека за нив Гоце Делчев е бугарски револуционер, станува јасно дека пораката што ја испраќа бугарскиот претседател е многу прецизна, дека Бугарите во македонскиот устав можат да бидат внесени како државотворен народ и ништо помалку, алудирајќи на нивниот историски наратив дека Гоце Делчев како Бугарин се борел за создавање македонска држава и дека заслугата е на сите „бугарски“ борци што ја следеле неговата кауза.

Од друга страна, ваквите изјави ја прават целосно беспредметна работата на работното тело за уставни измени во земјава, бидејќи без оглед какви решенија тоа ќе подготви, тие нема да бидат земени предвид ако од нив не е задоволна официјална Софија. Со други зборови, тоа значи дека Бугарија нема да прифати само обично допишување на Бугарите во Уставот заедно со сите други малцинства, туку ќе бара многу повеќе. Тука треба да се бараат причините за нивните негаторски ставови во однос на посебноста на македонскиот идентитет, јазик и историја.
– Таму нема прогрес, а таму се учебниците и говорот на омраза, таму се медиумите, таму се отворањето на архивите и извинувањето за етничките репресии кон Бугарите во историјата. Таму има важни работи како нашето културно наследство – рече Радев.
И додека во јавноста и натаму е во тек дебата околу потребата за уставни измени и дали тие ќе се случат или не, паралелно се дискутира и за потребата од носење целосно нов устав, со оглед дека стариот со многубројните измени и крпеници веќе не ја отсликува реалната состојба во државата, туку е предмет на постојани нови барања за промени.
Познавачите на состојбите сметаат дека најдоброто решение е носење на нов устав, во кој македонскиот народ ќе го добие заслуженото место како главен носител на државноста, а сите други ќе ги уживаат највисоките малцински права. На тој начин ќе се избегнат и замките што Софија сака да ѝ ги постави на земјава. С.Т.


Премиерот му одговори на Радев

Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот устав. Вака македонскиот премиер Димитар Ковачевски одговори на вчерашната провокација на бугарскиот претседател Румен Радев.
Ковачевски кажа дека уставните измени се дел од преговарачката рамка со ЕУ и ние преговараме со ЕУ, а не со Бугарија.
– Тоа е нешто што ќе тече како процес и треба да се случи за граѓаните да станат дел од Унијата – категоричен е Ковачевски.
Премиерот не сакаше дополнително да ја коментира споредбата на политичкиот дискурс на Бугарија со Русија што ја направи завчера на самитот на Советот на Европа, која предизвика лавина реакции во Софија.
На прашањето за барањето на Алијансата за Албанците за смена на формулацијата „јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, Ковачевски рече дека се води дискусија во рамките на работната група за уставните амандмани. Сепак, смета Ковачевски, приоритет е да се исполнат условите што произлегуваат од преговарачката рамка и затоа треба да се држиме до тоа.