„Инсајдер“
Ќе помислите дека архитектите кои ја дизајнираа палатата на Владимир Путин мислеле на сè. На крајот на краиштата, комплексот од 190.000 метри квадратни и вреден милијарди долари, поставен на нерамен гребен со поглед на Црното Море, го има секој луксуз што може да го посака еден автократ. Како што откри истрагата на Алексеј Навални, палатата има своја црква, винарска визба и казино. Има салон за наргилe и лизгалиште за хокејските игри кои Путин сака да ги игра со пријателите. Но, со среќа ако сакате да нарачате нарачате храна со достава – безбедноста е строга. Империјалната дача на Путин е изолирана од земјата со која тој раководи со 17.000 хектари шума и специјална зона за забранети летови, пишува „Инсајдер“.
Мерките на заштита се одраз на паранојата на Путин, наведува медиумот. На почетокот на овој месец, руските власти тврдеа дека две беспилотни летала се обиделе да му направата атентат на Путин во неуспешен напад што завршил со експлозија над Кремљ.
Но, и покрај сите овие кралски луксузи и одбрана слична на онаа на замок, изгледа дека градителите на палатата занемариле еден клучен детал. Тие не успеаја да ги сокријат плановите на кои се прикажани двата сложени тунели, кои минуваат под комплексот на палатата – планови кои секој компетентен безбедносен државен апарат ќе се бори – со заби и нокти – да ги задржи во тајност. Всушност, тие беа јавно објавени на рускиот интернет. Метро Стајл, сега веќе непостоечкиот руски изведувач, ги објави дијаграмите на својата веб-страница на почетокот на 2010-тите. Тие беа видливи на интернет дури во 2016 година.
Подземниот комплекс под палатата на Путин се состои од два посебни тунели поврзани со лифт кој се спушта на околу 50 метри под површината. Архитектонските планови покажуваат дека тунелите обложени со дебел бетон се снабдени со доволно свежа вода, вентилација и обемни кабли за поддршка на ВИП- станарите со денови или недели.
Еден од експертите кој ги прегледал плановите за тунелот забележа јасни знаци на опседнатоста на Путин со преживување во моментите кога другите моќници паѓаа од власт.
-Путин е доста анскиозен заради тоа што не е целосно легитимен лидер на Русија. Знаејќи дека неговиот легитимитет не е целосно обезбеден со избори, тој ќе се обиде да ја максимизира својата лична безбедност преку комплекс од добро заштитени лични резиденции – рече Мајкл К. Кимиџ, поранешен функционер на Стејт департментот кој работеше на политиката кон Русија и Украина.
Долниот тунел вклучува подвижна патека што води до излезот.
-Оваа поставеност на тунелот има секакви видови безбедност и сигурност. Има противпожарен систем. Има вода, има канализација. Ова е наменето за некој да преживее или да избега -рече Тадеус Габрижевски, градежен инженер запознаен со одбранбените структури, кој ги прегледа дијаграмите.
Сите лидери на нуклеарните држави прават планови за екстремни, непредвидени ситуации. Американскиот претседател има бункер за итни случаи под Белата куќа и планината Ведер во Вирџинија. Но, за разлика од американските објекти, комплексот на Црното Море беше приватно финансиран и останува во приватна сопственост. Се чини дека нема за цел да го обезбеди континуитетот на политичкиот систем во толкава мера, колку опстанокот на една индивидуа. Инвестицијата на Путин во комплекс тунели под сосема нова куќа за одмор, изградена во годините кога тој сè уште јавно флертуваше со руската интеграција во Европа, е само уште еден доказ за тоа колку долго рускиот лидер се подготвувал за закани и гo изградил објектот во кој треба да се засолни или да избега.
-На ова мораме да го гледаме како на дел од долгата конфронтација со Западот што ги обележа последните 13 или 14 години од животот на Путин – рече Кимаж.
Двата тунела се долги приближно 40 и 60 метри, а широки се 6 метри, создавајќи околу 6.500 квадратни метри потенцијален простор за живеење што има назнаки дека е отпорен на експлозија. Многу детали сугерираат дека Путин ја нарачал структурата имајќи ги на ум најлошите сценарија. Огромниот волумен на каналот што минува низ долниот тунел е важен бидејќи е многу поголем одошто е потребно управување со внатрешните системи на тунелот. Наместо да служат само како коридор за бегство, се чини дека една од намените на тунелите е да бидат некој вид „’рбетен мозок“ за итни случаи во комплексот на палатата.
Ниту московската компанија која го купи Метро Стил, ниту пак Дмитриј Песков, главниот портпарол на Кремљ, не одговорија на барањата за коментар. Во услови на масовни протести предизвикани од видео истрагата на Навални во 2021 година, Путин негираше дека е сопственик на палатата во Црното Море.
Метро Стајл, компанија основана во 90-тите од тројца мажи кои досега имаат основано неколку градежни компании, беше ангажирана од руската влада да копа тунели за метрото под Москва. Кога компанијата ги објави дијаграмите на нивната веб-страница, таа не прецизираше дека тунелите во Црното Море се изградени за Путин. Наместо тоа, тие опишаа скиците како „комплекс од подземни објекти за пансион во градот Геленџик, Краснодарска територија“. Геленџик е градот кој е најблиску до комплексот на палатата, на пет часа возење од туристичкиот град Сочи.
Постоењето на утврдените тунели, речиси 1.000 милји оддалечени од Москва, покажува дека Путин не е фокусиран само на уживање на висока нога. Негова најголема грижа е да остане жив.
-Веројатен главен двигател за далечната локација на тунелите била потребата за преживување. Во руската историја двапати имаше голема транзиција – 1917 и 1991 година – статусот на главниот град и позицијата на лидерот и во двата случаи претставуваа голем проблем. Путин ја решава таквата непредвидена ситуација со воспоставување мрежа на резиденции што се колку што е можно подалеку од центарот. Од тој аспект гледано, системот на тунели во комплексот на Црното Море има многу смисла. Дури и без присуство на активна закана, рускиот челник ќе се грижи за евентуално ваков развој на настаните – вели Кимиџ, поранешен претставник на Стејт департментот, кој во моментов е професор на Католичкиот универзитет.
На дијаграмот што ја прикажува внатрешноста на лифтот што ги поврзува двата тунели се прикажани шест посебни вентилациони вратила, дизајнирани да доставуваат свеж или филтриран воздух до станарите во тунелот.
-Повеќекратните вентилациони шахти и двата одделни тунели би можеле да бидат дизајнирани со мисла за хемиски напад. Двата одделни портали на ридот „создаваат секундарна и терцијарна резервна копија за вентилација – рече Габрижевски.
-Ако има некој вид на напад, Путин има два извори на довод на воздух, еден висок и еден низок – додаде тој.
Габрижевски истакнува една област блиску до крајот на патот, покрај комплексот тунели, што би можела да се користи за утовар и истовар на пратки со залихи. Инаку, дијаграмите првпат му беа посочени на „Инсајдер“ од страна на анонимец, кој рече дека е поврзан со група наречена „Секта Зе“. Портпаролот на групата во својот имејл напиша дека тие ги споделуваат своите наоди „затоа што сме уморни од глупавото лице на Путин и сакаме да го покажеме неговиот параноичен подземен транспорт“. Во последователниот видео повик, тој рече дека зборува јавно за да го „прикаже појасно крајот на режимот“.
Кимиџ, поранешен функционер на Стејт департментот, рече дека внимателните подготовки на Путин пред повеќе од една деценија покажуваат колку долго неговиот ум бил фокусиран на можноста за егзистенцијален конфликт со Западот.
-Во оваа војна во Украина има говори, има пропаганда, има претерување – има еден перформативен аспект што „игра“ за внатрешната политика на Русија. Но, ова е исто така и смртно реално. Путин се доживува себеси како личност во конфронтација со Западот. Нуклеарната димензија е важен дел од приказната. Тој знае дека стои на врвот на вулкан. Се чини дека не е толкав психопат за да иницира нуклеарен конфликт – има внуци – но сепак, тој стои на самиот раб многу долго време. Овие тунели, овој бункер – тие се дел од сето тоа – заклучува Кимиџ.
Подготви: Валбурга Батева Николоска