Сè уште не знаеме како да ја излечиме деменцијата наречена Алцхајмерова болест, но научниците постојано дознаваат повеќе за факторите што го зголемуваат или намалуваат ризикот од нејзино развивање – а еден од тие фактори на ризик се чини дека е исхраната на која сме навикнати ние, во западниот свет, пишува „Саенс алерт“.
Последната ревизија на 38 поранешни студии од последниве пет години го идентификува западниот модел на исхрана како фактор на ризик за развој на благи до умерени случаи на Алцхајмерова болест. Од друга страна, се чини дека медитеранската исхрана, кето-диетата и дополнувањето на исхраната со омега-3 масни киселини и пробиотици штитат од оваа болест, но само кај благи до умерени случаи.
Истражувачите од неколку институции во Кина сугерираат дека промената во исхраната би можела да биде еден од начините за намалување на ризикот од развој на Алцхајмерова и други видови деменција, како и за ограничување на штетата што таа им ја нанесува на нашите когнитивни способности.
-Одредени интервенции во исхраната може да ја забават прогресијата на Алцхајмеровата болест и да ја подобрат когнитивната функција и квалитетот на животот – пишуваат кинеските истражувачи во нивниот објавен труд.
Анализираните студии покажаа дека овие нутриционистички промени ја подобриле когнитивната функција и квалитетот на животот на оние со блага до умерена Алцхајмерова болест.
Исто така, се чини дека тие ја забавуваат и прогресијата на болеста.
Иако не знаеме што точно го предизвикува Алцхајмер, знаеме дека оваа деменција предизвикува акумулација на амилоид-бета (Aβ) пептиди и тау протеински наслаги во мозокот, што доведува до распаѓање на невроните клучни за размислување и паметење. Врз основа на истражувањето, начинот на кој прехранбените избори влијаат на воспалението може да биде од клучно значење: западната храна е богата со заситени масти, шеќер и сол може да ги стави нашите тела под дополнителен стрес, што на некој начин не прави поранливи на деменција.
-Главните механизми се засноваат на намалување на оксидативниот стрес и воспаление, како и на помала акумулација на Aβ пептиди – сметаат истражувачите.
Медитеранската исхрана е богата со интегрални житарки, овошје, зеленчук и морска храна, додека кетогената диета е многу специфична, богата со масти и ниски јаглени хидрати. Како што истакнуваат истражувачите, кето – диетата, иако многу популарна, не е без ризик во однос на целокупното здравје и треба да се користи само по консултација со лекар.
Се смета дека од 2020 година досега, од деменција заболеле повеќе од 50 милиони луѓе ширум светот, а бројките постојано се зголемуваат. Пронаоѓањето начини за намалување на ризикот додека трае потрагата по сигурен лек може да направи значителна разлика.
Главна цел на оваа студија и други слични е да им помогнат на научниците да се добие попрецизна слика за тоа како она што го јадеме влијае на нашиот мозок.
-Резултатите покажаа дека интервенциите во исхраната се способни да ја забават стапката на прогресија на Алцхајмеровата болест, да ја подобрат когнитивната функција и да го зголемат квалитетот на животот на овие пациенти – пишуваат истражувачите.
Подготви: Валбурга Батева Николоска