По повод 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите
Колекционирањето на културното и на природното наследство на одредена територија е условено од повеќе фактори, а тука се: погодноста на таа територија, нивото на организираност на световните и на верските институции, како и јавниот интерес на општествената заедница и на поединците.
Изложувањето на музејските предмети е третата основа задача во музеологијата, покрај нивното пронаоѓање и конзервација како артефакти. Начинот на нивното претставување треба да биде на современ и високопрофесионален начин со цел да се задржи што повеќе оригиналноста и природната состојба на предметите. Со тоа се обезбедува и подолг век и можност да бидат наследени од идните генерации. Ова е најубавиот дел од животот на музејските предмети. На тој начин, тие се претставени во сета своја убавина и раскош пред посетителите и стручните лица кои треба да ги вреднуваат.
Територијата на етничка Македонија е погодна за музеолошка обработка. Тоа го потврдува бројното културно-историско и природно наследство речиси во сите делови на Македонија. Нема место на нејзината територија каде што нема одредени белези од минатото, а природното наследство го карактеризираат и автохтони специфики.
На територијата од Македонија во минатото има различен степен и интензитет на државна организираност кон културното наследство (старините), а најзбалежлив е дисконтинуитетот на таа организираност како резултат на нестабилноста на државните институции, која, пак, произилегува од честата промена на надворешните завладувања, особено во XX век. Поради тоа, состојбата со колекционирањето не може да се следи во еден континуитет.
Познато е од историјата дека Македонија по Самoил немала своја држава која би била гарант за заштитата на нејзиното културно наследство (старините). Во вековите што изминале низ неа поминувале разни патопсци и притоа поголемиот дел од нив однесувале предмети со значење на културното наследство за Македонците. Многу предмети се нашле во збирките на француските, англиските, руските, австриските, германските, италијанските, српските, хрватските, бугарските и уште чии ли не музеи, осиромашувајќи го културно-историското наследство на македонскиот народ. За осиромашувањето на македонското културно наследство ненамерно придонесувале и некои македонски преродбеници, кои во желбата да го заштитат културното наследство на својот народ од негрижата на Османлиите, како и од уништувачкиот поход на грчките свештеници, особено по укинувањето на Охридската архиепископија 1767 година, многу предмети од тоа наследство предале на словенските држави, како што се: Русија, Србија и Бугарија, каде што и денес се наоѓаат во нивните музејски и библиотечни збирки.
Во XVII век во Македонија била евидентирана една приватна збирка. Имено, во Битола, во Зандан Куле, битолскиот муфтија Хаџи Махмуд имал изложено ракописи, книги, носии и други предмети, а збирката постоела сѐ до хуриетот 1908 година.
Во 1920 се формира Филозофскиот факултет, а во негови рамки и првата збирка од археолошки карактер како резултат на преземените археолошки истражувања. Таа збирка во 1924 година прераснува Историско-археолошки музеј со лапидариум во Куршумли ан под името Музејот на Јужна Србија кој се оформил 1924 година како Историско-археолошки музеј со лапидариум во Куршумли ан. Подоцна, во состав овој музеј се формираат одделенија, како етнографско-антропогеографско (1925), зоолошко (1926) и геолошко-петрографско (1927). Истата, 1924 година, во Струга д-р Никола Незлобински формира приватна збирка од примероци на фауната од околината на Струга, која подоцна прераснува во музеј. Ова се првите институционални форми на современо музејско работење на територијата од Македонија.
Музејската дејност во Република Македонија се темели на три правни постулати. Во прв ред тоа е Законот за културата, како генеричка основа за постоење на предметната дејност, Законот за музеите, како правна регулатива за непосредно функционирање на дејноста и Законот за заштита на културното наследство, како специјализирана правна основа за заштита на културното.
Република Македонија има создадено широка и системска мрежа за остварување на музејската дејност на целата територија од државата. Основната поделба на таа мрежа е распределбата на национални и локалани музејски установи. Понатаму, во делот на националните музеи, поделбата се движи во правец на самостојни музеи и музеи во состав на заводите за заштита на спомениците на културата. Во однос на бројната поставеност кај националните музејски установи состојбата е следна: 12 самостојни музеи: Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј на Македонија, Музејот – Гевгелија, Музејот на тетовскиот крај – Тетово, Музејот – Куманово, Музејот „д-р Никола Незлобински“ – Струга, Историскиот музеј – Крушево, Музејот „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, Музејот на современата уметност, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Археолошкиот музеј на Македонија, Музејот на албанската азбука – Битола; 2 галерии: Национална галерија на Македонија и Уметничката галерија – Тетово и 2 спомен-куќи: Спомен-куќа на мајка тереза и Спомен-куќа на Тодор Проески – Крушево, како и 5 музеи во состав на заводите за заштита на спомениците на културата во: Прилеп, Битола, Охрид, Штип и Струмица.
Во делот, пак, кај локалните музејски установи, важно е да се напомене дека со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа од 2004 година, кога е и создадена поделбата на национални и локални установи, е создаедена мрежа од 6 локани музеи: Музејот на град Скопје, Музејот на град Неготино, Народен музеј – Велес, Музеј-галерија – Кавадарци, Народен музеј – Свети Николе и Музеј на град Кратово, кои функционираат со блок-дотации од централната власт, додека по донесувањето на овој закон се создадени се уште 2 локални музејски установи кои речиси целосно функционираат под покро¬вителство на локалната самоуправа: Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница и Градскиот музеј – Крива Паланка.
Во однос на тематската и хронолошката поставеност во Република Македонија најбројни се музеите од општ карактер. Тоа значи дека тие музеи се должни да поседуваат збирки од: археологијата, историјата, историјата на уметноста, етнологијата и современата уметност и тука, главно, се вбројуваат националните музеи во состав на заводите за заштита на спомениците на културата, а и некои самостојни музеи како: Музејот – Гевгелија, Музејот – Куманово. Понатаму, постојат и темтски, односно хронолошки музеи кои обработуваат конкретна тема или определен временски период, а овој сегмент би го илуструрале со Археолошкиот музеј на Македонија, Природонаучниот музеј на Македонија, Музејот на албанската азбука и Историскиот музеј – Крушево.
Република Македонија поседува и три форми на музејско претставување по отворено небо, а тоа се: Неолотското село Тумба – Маџари во Скопје, кое функционира при Археолошкиот музеј на Македонија; Музејот на вода Залив на Kоските, кој претставува реконструкција на прасториска наколна наслелба на Охридскот Езеро, а функционира во рамките на Заводот и музеј – Охрид, како и Националната установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско, која претставува своевиден музеј под отворено небо.
Првите две децении на XXI век претставуваат ренесанса во македонската музеологија, која произлегува од желбата за приказ пред светот дека долготрајната и исцрпувачка борба и истрајност за независна и самостојна македонска држава се исплатела. Широки се темите на музејско преставување на Македонија. Музејот на македонската борба за државност и самостојност (2011), Музејот на ВМРО за Штип и Штипско 1893 – 1934 (2014), Спомен-куќата на Христо Татарчев во Ресен (2016), постојаната музејска поставка – Граѓанската војна во Грција 1946 – 1949 и евакуацијата на децата од егејскиот дел на Македонија (2014), Археолошкиот музеј на Македонија, (2014) музеите под отворено небо: Неолитското село Тумба – Маџари (2008), Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид (2010) и Националната установа за управување со археолошкиот локалиотет Стоби – Градско (2008); потоа Спомен-куќата на Мајка Тереза (2009), Спомен-куќата на Тодор Проески (2011), Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија (2011), Музејот на албанската азбука во Битола (2012), Спомен-куќата на Мустафа Кемал Ататурк и роднинска куќа во селото Коџаџик – Центар-Жупа (2014), Уметничка галерија во Тетово (2007), Живиот свет на Дојранското Езеро и Котлина, подружницата на Природонаучниот музеј на Македонија (2017), Градскиот музеј – Крива Паланка (2006) и Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница (2006) се избликот на музеолошката креативност, врутокот на енергетскиот набој да се прикаже пред светот богатоста и разноличието на животот и творењето на македонскиот простор.
Една анализа за посетеноста на националните музеи во Македонија од 2014 година потврдува дека посветеноста во вложувањето кај музејската дејност била полн погодок, а нумеричките вредности се несоборлив доказ за сето тоа: Mузеј на Mакедонија: 3.500 годишно; Природонаучен музеј на Македонија: 7.000-8.000 годишно; Музеј – Гевгелија: 2500-3000 годишно; Музеј на тетовскиот крај: 2.000-3.000 годишно; Музеј – Куманово: 3000-4000 на Кокино и на Меморијалниот центар АСНОМ, 7000 во Уметничката галеријата, 3000-4000 за постојаната поставка (годишно); Музеј „д-р Никола Незлобински“ – Струга: 7000-8000 годишно; Историски музеј – Крушево: 2000-3000 годишно; Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево: .1000 годишно; Спомен-куќа на Мајка Тереза: 300 дневно; Музеј на современата уметност: 10.000 годишно; Национална галерија на Македонија: 3.000-3.500 годишно; Уметничка галерија – Тетово: 100 дневно; Спомен-куќа на Тодор Проески: 50-60 дневно; Музеј на македонската борба за државност и самостојност: 50.000 годишно; Археолошки музеј на Македонија: 300 дневно; Музеј на албанската азбука – Битола: 3000-3500 годишно; Завод и музеј – Штип: 2500 годишно; Завод и музеј – Струмица: постојана музејска поставка 600, Турска пошта 200, Галерија на икони 150, Спомен-куќа на Благој Мучето 150 (годишно); Завод и музеј – Прилеп: 6.000 годишно; Завод и музеј – Охрид: Музеј на вода: 50.000, Самоилова тврдина 63.000; Галерија на икони 4.650; Куќа на Робевци 4900 (годишно); Завод и музеј – Битола: 45.000-50.000 годишно; Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско: 14.000 годишно и Конзерваторски центар – Скопје (Св. Спас): 6.000 годишно.
Но веќе во третата деценија од XXI век имаме пресвртница во овој музеолошки подем. Како со нож е пресечено нагорното и ентузијастичко чекорење во една од најблагородните професии, односно да се прикаже убавината и разнообразната богатост на сопствената земја – Македонија. Веќе ја нема нумизматиката во Археолошкиот музеј на Македонија, претставувањето на оригиналното злато е заменето со печатени форекси, клучниот тернин „државност“ веќе го нема во Музејот на македонската борба, готовите музеи на Скопското Кале посветени на скопската праисторија и османлискиот период оставуваат неми сведоци на некогашниот ентузијастички порив, а дневната рутина се претставува како спектакл. Ова е фазата на македонската музејската депресија, со ретки индивидуали заложби, но исклучокот не ја гради целината.
Но во овој период на музејска депресија има и еден општествен парадокс изразен преку музеологијата. Имено, како резултат на рехабилитацијата на историската личност на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Президумот на АСНОМ, со намера за подостојно расветлување на неговата личност и дело, имаме една квалитетна движна изложба посветена токму за него, од Заводот за заштита на спомениците на кутурата и музеј – Прилеп. И намерата е легитимна, систематизирана музејска експозиција на борбата за македонското национално достоинство во времето во кое живеел. Но наспроти тоа, во сегашоста, заради истата таа борба, за македонско национално достоинство, негов потомок е осуден. Во исто време Македонија е и награда и казна!
М-р Александар Јорданоски, лингвист и експерт за заштита на културното наследство