Планот на Германија за изградба на најмалку осум нови терминали за течен гас како замена за увозот на руски гас сега е доведен во прашање со излегувањето во јавност на интерната анализа за потребите на германското министерство за економија и климатски активности
Германското министерство за економија и климатски активности објави своја интерна анализа
Потпирањето на евтин руски гас е главната причина поради која во Германија порано не се градеа терминали за природен течен гас (ЛНГ). Затоа, откако во 2021 година Москва почна да го стега обрачот, општините и креаторите на политики на развој се најдоа во состојба на паника. Помалку од 10 дена по навлегувањето на руските трупи во Украина, Германија почна „сериозно да се насочува кон енергетска независност“. Јорг Кукис, десна рака на германскиот канцелар, најави дека владата ќе инвестира во првиот германски терминал за ЛНГ во Брунсбител. Во наредните месеци владата договори уште пет нови подвижни терминали за ЛНГ, односно бродови, кои ќе го претвораат во гасна состојба течното гориво по влегување во пристаништето.
Од Хамбург до Лубмин, градот каде што поддржаниот од Русија гасовод „Северен тек 1“ се појавува на германско тло, се намножија амбициите за изградба на нови терминали за ЛНГ. Инвеститорите предвидоа околу десет такви терминали, со кои би се заменил рускиот увоз на гас. Новиот германски закон за забрзана изградба на овие терминали, усвоен во октомври 2022 година, ги потврди овие амбиции и постави основа за изградба на осум пловни и четири постојани копнени терминали. Се очекуваше само пловните терминали да бидат доволно големи за да ги заменат 45-те милијарди кубни метри гас, што некогаш „дотекуваа“ директно од Русија. Истовремено, копнените терминали би обезбедувале капацитет сличен на оној увозниот.
Колку се реални амбициите за терминали за ЛНГ?
Но денес овие амбиции сè почесто се доведуваат во прашање. Според обелоденетата во јавност интерна анализа, спроведена за потребите на германското министерство за економија и климатски активности, можно е поголемиот број планирани терминали воопшто да не бидат потребни. Анализата јасно покажува дека германската влада планира огромно претрупување со ЛНГ, според Саша Милер Кренер, генерален директор на „Еколошка акција Германија“, кој ја обелодени анализата пред јавноста. Еколошкиот активист нагласи дека двата фиксни терминали во Штаде и Вилхелмсхавен и мегатерминалот кај Риген веќе не се тема на размислувања.
Според анализите, планираните нови терминали за ЛНГ до 2030 година ќе работат со капацитет под 50 отсто, под претпоставка дека ќе се спроведат владините политики за климатска и енергетска заштита.
Вртење кон обновливи извори на енергија
Со потрошувачка од околу 85 милијарди кубни метри, Германија сè уште е голем потрошувач на гас. Како што призна Клаус Милер, прв човек на федералниот мрежен регулатор, „во минатото практично секое второ домаќинство во земјата се потпираше на греење на гас“. Сепак, оваа состојба сега е променета поради високите цени на гасот, кои поттикнаа огромни напори за штедење енергија и диверзификација. Во наредниве години побарувачката на гас постепено ќе се намалува, бидејќи Германија работи на тоа да се ослободи од руските фосилни горива и да стане климатски неутрална до 2045 година. Со цел да се заменат гасните котли, минатата година федералната влада почна иницијатива за масовно инсталирање топлотни пумпи, кое се одвиваше во рамките на реновирањето на живеалиштата. Како резултат на сево ова, се очекува годишната побарувачка на гас во Германија да падне под 60 милијарди кубни метри, што е многу помалку од сегашната, која изнесува 85 милијарди кубни метри. Овие проекции имаат амортизирачки ефект врз инвестирањето во ЛНГ. Имено, германскиот копнен терминал во Брунсбител останува единствениот изграден досега и единствен што има јасни финансиски покровители.
Планирање за најлошите сценарија
На 19 февруари, за првпат во 2023 година, германските гасни резерви покажаа квантитативно зголемување.
– Со оглед на фактот што магацинските резерви се стабилни на безбедното ниво од 70 отсто, разговорите за вишок капацитети на ЛНГ носат ризик од „несогледување на големата слика“ – изјави Милер за радиото ДЛФ.
Меѓутоа, студените зими нема да ја погодат само Германија, туку и поголемиот дел од Централна Европа. Така, според него, кога ќе има студена зима, соседните држави ќе може да се потпрат на проток на гас од Германија.
Милер идентификуваше три фактори на ризик што би можеле да предизвикаат недостиг од гас во иднина, а тоа се многу студени зими, недоволни заштеди на гас или можни проблеми во соседните земји, како што е Австрија. Милер призна дека многу нешта ќе зависат од временските услови. Тој додаде дека доколку претстојната зима повторно биде „многу блага“, германската влада ќе биде присилена да признае дека државата има преобилна инфраструктура.
Сепак, доколку се остварат најлошите сценарија, германските потрошувачи ќе имаат потреба од резервно решение.