Интерпол започна кампања без преседан насочена кон пошироката јавност, со чија помош се надева дека ќе ги идентификува телата на 22 жени пронајдени во текот на неколку децении во Германија, Белгија и Холандија и ќе се постигне напредок во истрагата за овие таканаречени „студени досиеја“.
Првото тело беше пронајдено на паркинг на автопат во Холандија во октомври 1976 година, а последното во парк во Белгија во август 2019 година. Телата не можеа да бидат идентификувани од националните полициски служби „делумно“ бидејќи жените не беа од тие земји – според Интерпол.
„Можно е овие тела да се оставени таму каде што се пронајдени за да се отежне истрагата за злосторствата“, нагласуваат во своето соопштение од меѓународната организација за полициска соработка. Таа на својата веб-страница и на социјалните мрежи ќе објавува информации кои претходно биле за внатрешна употреба и се содржани во нејзините „црни билтени“, со кои бараат информации за неидентификувани човечки останки. За секоја од 22-те жртви ќе биде објавена фотографија базирана на технологија за реконструкција на лицето, како и информации за локацијата и датумот на откривање на телото, лични предмети, облека.
Сите индиции за кои се сметаше дека се неопходни за решавање на овие случаи се разгледани. Истрагите се во застој и се надеваме дека вниманието на јавноста ќе им овозможи да напредуваат. Семејството, пријателите, колегите кои еден ден престануваат да го гледаат дадениот човек, би можеле да дадат информации, дури и мала трага, изјави Франсоа-Ксавиер Лоран, шеф на ДНК базите на податоци во Интерпол.
– Се верува дека некои од овие жени доаѓаат од области во Источна Европа. Тоа би можеле да бидат жени кои решиле да одат на туристичко патување, но и потенцијални жртви на трговија со луѓе – се вели во соопштението
Кампањата за идентификација подоцна може да биде проширена за да вклучи и други случаи.