Централните банки се обидуваат преку зголемувањето на каматните стапки да влијаат на намалување на општата потрошувачка, со што би се намалил и инфлаторниот притисок во земјите од Европа, но попусто, цените на храната остануваат високи…
Повторно раст на цените на храната
на глобално ниво
По какво-такво стабилизирање на цените на основните прехранбени производи што имаа влијание на високата инфлација на глобално ниво, цените на храната на светските пазари повторно се во пораст. Глобалниот индекс на цените на храната сега е на 20 отсто повисоко ниво од рекордот постигнат во март лани, по почетокот на војната во Украина. Тој индекс на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), кој ги следи цените на најтргуваните прехранбени производи во светот, минатиот месец во просек изнесуваше 127,2 поени, наспроти 126,5 поени во март.
Индексот на цените на шеќерот скокна за 17,6 отсто во однос на март и достигна највисока вредност од октомври 2011 година. ФАО е загрижен поради намалената понуда по надолното ревидирање на производството во Индија и Кина, како и пониското производство во Тајланд и Европската Унија (ЕУ). Индексот на месото е повисок за 1,3 отсто на месечно ниво, а цените на млечните производи поевтинија за 1,7 отсто, на растителното масло за 1,3 отсто, а на житарките за 1,7 отсто.
Колку најновите поскапувања на шеќерот, месото и на оризот ќе се одразат и на високата стапка на инфлација во земјите од Европа, ќе се знае во наредниот период. Како што е познато, цените на храната остануваат високи, а централните банки се обидуваат преку зголемувањето на каматните стапки да влијаат на намалување на општата потрошувачка, со што би се намалил и инфлаторниот притисок. Економистите високата инфлација во Македонија ја објаснуваат со поголемото учество на храната во структурата на потрошувачката на македонското семејство, споредено со земјите од Европската Унија. Во март годинава во Македонија на годишно ниво храната била поскапа за 21,7 отсто, што сепак е помалку од еден месец претходно, кога изнесувала 25,3 отсто. Нашата земја била во групата со Романија, каде што во март цените на храната на годишно ниво биле поголеми за 21,5 отсто, во Германија за 21,2 отсто и во Бугарија за 21 отсто.
Во изминатата година храната најмногу поскапела во Турција, дури за 67,89 отсто, потоа во Унгарија за 44,8 отсто, во Словачка за 28,2 отсто и во Литванија за 27,6 отсто. Високо на табелата е и Србија, каде што според мартовските податоци, храната на годишно ниво била поскапа за 25,4 отсто.
На долниот дел од табелата е Русија, со раст на цените на храната од само 2,57 отсто, потоа Швајцарија со 6,3 отсто, Кипар со 7,1 отсто, Норвешка со 8,61 отсто и Албанија, каде што храната за една година поскапела 11 отсто.
Инфлацијата на храната значително варира во различни земји поради структурните фактори. Франција, Италија и Шпанија забележаа инфлација на храната под европскиот просек во 2022 година, а од друга страна, Германија, Полска и Словачка забележаа натпросечна инфлација на храната, што се објаснува со структурата на малопродажниот пазар, потоа навиките за потрошувачка, зависноста од увоз на храна од Украина итн.
Во анализа на групацијата „Алијанц“, еден од водечките даватели на интегрирани финансиски услуги низ светот, се вели дека цените на храната во Европа остануваат високи и ќе се намалат дури подоцна оваа година. Во март, вкупната инфлација во еврозоната се намали на 6,9 отсто на годишно ниво, што е помалку од 8,5 отсто во февруари, како резултат на големиот пад на инфлацијата на енергијата на -0,9 отсто (намалување од 13,7 отсто годишно во февруари). Сепак, инфлацијата на храната, алкохолот и тутунот повторно порасна на 15,4 отсто и најверојатно ќе остане висока до крајот на годината, се вели во анализата.
Дел од инфлацијата на храната останува „необјаснет“ поради желбата за профит. Тоа би можело да произлезе од тоа што фирмите во прехранбениот сектор ги надоместуваат тешките месеци помеѓу март и јуни 2022 година. Се проценува дека домаќинствата изгубиле меѓу 1,1 отсто и 9,2 отсто од куповната моќ во текот на изминатата година, а најтешко се погодени земјите од Источна Европа.
Македонската влада донесе одлука со која до 31 мај се продолжува рокот на траење на одлуката за определување највисоки цени на овошјето и зеленчукот во трговијата на големо и трговијата на мало. Образложението од Министерството за економија беше дека состојбата на пазарот укажува дека цените сѐ уште не се стабилизирани. Но ограничувањето немаше некое поголемо влијание за стабилизирање на цените на зелените пазари и маркети, каде што земјоделските производи се продаваа по повисоки цени. Денеска од Државниот завод за статистика ќе бидат објавени најновите податоци за индекси на трошоците на животот за последниот набљудуван месец. М.Ј.