Уште непочната изградбата на автопатиштата во Македонија, се навестуваат „опасни кривини“ забележани во подготовките за имплементација на проектот. Имено, тие не се регистрирани во градежниот проект, но експертската јавност дефинитивно регистрира забележливи намери да се направат „слалом-кривини за почитувањето на правниот систем и владеењето на правото во државата“. Имајќи ги предвид ваквите индикатори презентирани во јавноста, претседателот Пендаровски го изнесе својот став дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10 Д, по што во консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе ги потпише
Влегувањето во Собрание на првично девет, па потоа осум, закони што треба да претрпат измени за да му се овозможи полесна и поефикасна работа на градежниот конзорциум „Бехтел и Енка“ при изградбата на автопатната инфраструктура во Македонија на коридорите 8 и 10 Д, се чини дека се претвори во ново искушение на правната држава и владеењето на правото во земјава.
Првата „кривина“ делумно исправена
Уште на почетокот на собраниската процедура за измена на деветте закони, по протестите и аргументите на Здружението на археолозите на Македонија, беше отфрлен предлогот за измена на Законот за културно наследство, кој предвидуваше при евентуално откривање археолошки артефакти да биде известен само надлежниот оперативен инженер, исклучувајќи ги археолозите, односно институциите во државата задолжени за заштита на културното наследство. Сепак, археолозите сметаат дека проблемот е само делумно решен, зашто други стапици поврзани со заштитата на овој вид културно наследство се скриени во измените што треба да се направат во други закони, како Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Второ, силни реакции кај експертската и политичката јавност, но и во собраниските комисии предизвика предлогот за измени и дополнувања на Законот за работни односи, поврзани со коридорите 8 и 10 Д, со кои се предвидува 60-часовна работна седмица, како и недела да биде работен ден, односно ангажирање работници за прекувремена работа со нивна согласност.
Втора кривина на автопатот: 60-часовна работна седмица?!
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека понекогаш процесите за изградба на инфраструктура бараат итност, а некои не можат да се прекинат. Оваа одредба би била неуставна, според неа, само доколку 60-часовната недела се однесува на сите работници.
– Станува збор за стратегиски проект и од национален интерес за државата. Станува збор за прекувремена работа исклучиво со согласност на работникот и не станува збор за прекувремена работа на сите ангажирани работници туку станува збор за прекувремена работа само доколку процесот го бара тоа. Во градежништвото, особено во инфраструктурата, има одредени процеси што бараат итност и во тие случаи ќе имаме прекувремена работа на работникот, која ќе биде платена во согласност со законската регулатива во државата, меѓутоа прекувремена работа исклучиво само со согласност односно доколку работникот е согласен… Тоа е предлогот што е даден во Собранието од страна на пратениците… Неуставна одредба е ако донесеме право на сите работници. Кај нас неделното работно време е 40 часа. Овде велиме за исклучителни проекти, за проекти што се од стратегиски и национален интерес на државата – изјави Тренчевска.
Трета „кривина“ на автопатот: Договорот на Владата со „Бехтел и Енка“
класифициран како државна тајна?
Контроверзиите во јавноста за оваа тема речиси секојдневно се множат поради ставот на вицепремиерот Артан Груби, задолжен за овие проекти, дека договорот на Владата со конзорциумот „Бехтел и Енка“ е класифициран како државна тајна и не смее да биде јавно достапен, дури и пратениците во Собранието, кои треба да ги усвојат предложените законски измени, треба тоа го сторат без да имаат увид во договорот. Според вицепремиерот Груби, увид во договорот може да има само по барање на Јавното обвинителство. Освен тоа, им се упатуваат предупредувања на медиумите што објавиле делови од договорот дека можат да бидат судски гонети за објавување државна тајна.
Од Државната комисија за спречување корупција, каде што е отворен предмет за истражување на сомневањата за корупција поврзани со овој договор за изградба на коридорите 8 и 10 Д, велат дека имаат отежнати услови за работа токму поради непристапноста до документацијата.
Уште непочната изградбата на автопатиштата во Македонија, се навестуваат „опасни кривини“, но за правниот систем и владеењето на правото во државата. Претседателот Стево Пендаровски, пак, го изнесе својот став дека ќе ги чека конечните верзии на пакетот закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10 Д, по што во консултација со неговиот правен тим ќе одлучи дали ќе ги потпише.