Како да се популаризира и актуализира стандардниот македонски јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите и идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
Да го негуваме македонскиот јазик за да ни остане наш најубав мајчин јазик, а да ги следи трендовите
Голем број јазици во светот во последниве децении на интернетска глобализација се соочуваат во помала или во поголема мера со „напад“ од англискиот јазик како нов „есперанто“. Во македонскиот јазик, за жал, напливот на англицизми е речиси без филтер и тој секојдневно навлегува и лексички, со појавувањето на нови зборови, но и структурно во македонскиот јазик. Помладите генерации веќе прво кажуваат некој збор на англиски јазик, па потоа размислуваат како тоа да го кажат на македонски. Тоа се должи на фактот што се зависни од социјалните мрежи, каде што се постојано опкружени со англиски јазик. Во таа смисла, проблемот е многуслоен и веќе станува сериозен системски проблем.
Ние, лингвистите, ги проучуваме работите, зборуваме за проблемот, но ако не сме поддржани од државата, медиумите – сите наши согледувања и сугестии едноставно остануваат во нашиот затворен научен круг. Затоа, за да се подобрат работите, неопходна е организирана акција на ниво на држава којашто ќе придонесе за подигнување на свеста кај младите за убавината на македонскиот јазик. Таа акција подразбира емисии на македонски јазик и за македонскиот јазик, кои ќе бидат интересни за младите, и тоа не само на традиционалните медиуми: телевизијата и радиото, туку и на медиумите што се популарни кај младите, како што се Инстаграм, Тикток, Фејсбук и сл. Едноставно, потребно е едно популаризирање кое нема да се почувствува како наметнување, но кое суптилно ќе ја наложи употребата на македонскиот јазик.
Факт е дека во времето во кое живееме постојано излегуваат нови поими за кои се потребни нови зборови како одраз на модерното време. Оттука, потребно е да се воспостави систем за збогатување на нашиот речник во духот на македонскиот јазик. Кај нас се изработуваат многу мал број речници, наспрема ситуацијата со други јазици, на пример со англискиот јазик. И не само тоа туку речниците што ќе се создадат мора постојано да се ажурираат, да се подновуваат со нови зборови, што повторно подразбира една поопфатна стратегија и буџет. Државата мора да предвиди средства во буџетот за финансирање на популаризирањето на македонскиот јазик, зашто без средства сè е оставено само на алтруизмот на поединци и тоа не дава плод.
Понатаму, за да се подобрат состојбите, би требало да се формира некоја комисија, одбор или советодавно тело што ќе почне веднаш да се занимава со смислување решенија за голем број зборови коишто сега недостигаат во јазикот, но тоа тело истовремено да биде поврзано со некое гласило или специјална веб-страница каде што секој ќе може да се информира и да праша што е правилно, а што не во јазикот.
За негата на мајчиниот јазик треба да бидеме заинтересирани сите, не само ние, лингвистите. Но, за жал, свеста не е доволна – потребна е една организирана културна акција за негување, афирмирање и развивање на македонскиот јазик – за да може тој и понатаму да го следи и научниот и технолошкиот напредок, а истовремено да остане убав и наш.
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Kатедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“ во Скопје