Откако Финска во вторникот стана 31-та членка на НАТО, „честитката на Москва“ беше што таа јавно потсети дека „Русија ќе мора да преземе мерки од воено-техничка и друга природа за да ги спречи заканите за нејзината национална безбедност што произлегуваат од новата геополитичка реалност“.
НАТО и Москва ќе градат нови бази и ќе инсталираат ново оружје на финската граница…
– Русија сега ќе може да инсталира ново оружје на границата и да гради бази, што ќе биде предност за земјата. Сега на сите им е во фокусот копнената граница од 1.200 километри меѓу НАТО и Русија и, според тоа, НАТО сега може безбедно да ги распореди своите ракети, своите бази во Финска. Тоа е од една страна. Од друга страна исто така Русија сега може на таа граница и службено да ги распореди своите ракети и бази. Како што тие можат да вршат притисок врз нас, така и ние сега можеме врз нив – смета политикологот Рамил Харисов.
Финскиот дипломат Хели Хаутала и Николас Локер од аналитичкиот центар за нова американска безбедност веруваат дека Русија ќе го смета членството на Финска во НАТО како закана за полуостровот Кола. Регионот, кој го опфаќа Мурманск, ѝ е дом на руската северна флота, која вклучува подморници со балистички ракети со нуклеарен погон и површински поморски бродови опремени со крстосувачки ракети. Нивната анализа предупреди дека „нуклеарното оружје ќе игра поголема улога во стратегијата на Русија додека земјата не успее да ги обнови своите сили“ што се пренасочени кон Украина. Во октомври, според норвешките извештаи, Русија распоредила неколку бомбардери со нуклеарни способности на полуостровот, сигнализирајќи стратегија што НАТО мора да ја сфати „сериозно“.
Мултиплицирање на концентрацијата на оружје на двете страни
„Русија се обидува да се справи со зголемената закана во Северна Европа и затоа најверојатно ќе го удвои акцентот на своите нуклеарни капацитети во тој регион“, напишаа Хаутала и Локер.
Отсега секоја нова инфраструктура на НАТО во Шведска и Финска – како што се надградените аеродроми, разузнавачките објекти или, што е најважно, нуклеарното оружје – само ќе го засили интересот на Русија за нордиско-балтичко-арктичкиот регион. Од друга страна, следните чекори на НАТО би можеле да вклучат големи вежби во Северна Европа и засилена воздушна и ракетна одбрана, вклучувајќи посилно разузнавање, надзор и извидување. Финска ќе стационира нови борбени авиони „Ф-35“ во Лапонија во 2026 година, а НАТО ги разгледува плановите за создавање мисија за воздушна одбрана за регионот на Балтичко Море.
Шојгу: Русија ќе формира воен корпус во Република Карелија
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу минатата година објави дека Русија презема „соодветни контрамерки“ и дека ќе формира 12 единици и дивизии во својот западен воен округ. За време на состанокот со претседателот Владимир Путин и шефовите на одбраната на 21 декември 2022 година, Шојгу тврдеше дека овој чекор е неопходен „поради желбата на НАТО да го зголеми своето присуство во близината на руските граници и да се прошири на сметка на Финска и Шведска“.
Потоа, во јануари, руската војска објави дека ќе започне со создавање армиски корпус во регионот што граничи со Финска. Во соопштението објавено од руското министерство за одбрана, Сергеј Шојгу рече дека Москва „ќе формира воен корпус во Република Карелија“, која се наоѓа веднаш до Финска, која исто така има два региона, Северна Карелија и Јужна Карелија.
Шојгу исто така најави „три моторизирани стрелачки дивизии во копнените сили и две дивизии за воздушен напад во воздушните сили“, како и две нови воени области, Москва и Ленинград. Тој исто така рече дека Владимир Путин одлучил да го зголеми бројот на вооружените сили на 1,5 милион војници, што следуваше по состанокот на воениот врв на 21 декември.
Од рускиот остров Гогланд до Хелсинки се потребни само 10 минути со хеликоптер
Во 2016 година, два противвоздушни ракетни системи „С-400“ беа преместени кон финската граница на полуостровот Кола, а претходно такви ракети беа поставени и на Крим. Руски извори аргументираат дека тој потег бил заради замена на постарите ракети „С-300“. Следствено на тоа, во март оваа година Русија изгради и радарска станица и воен хелиодром на островот Гогланд. За потсетување, островот Гогланд е со површина од 21 квадратен километар, во непосредна близина на Финска. Гогланд е руска територија, односно на СССР од времето на т.н. Зимска војна 1939 – 1940 година. Руските воени активности таму постојано се зголемуваат од 2014 година, кога на Гогланд почнаа да се одржуваат вежби на руските десантни трупи, а тој остров се наоѓа на околу 40 километри јужно од финското пристаниште Котка и 55 километри северно од естонскиот брег. А од Гогланд до Хелсинки се потребни само десет минути со хеликоптер, велат фински извори за јавноста.
Една новинарска анализа го идентификува Гогланд како „веројатен извор на дисторзија на ГПС-сигналот“, што, според нив, доведе до прекин на воздушниот сообраќај во јужна Финска минатата година.
– Руските активности на островот не претставуваа физичка закана за Финска, но географијата е нешто што треба да се земе предвид при планирањето на одбранбените мерки, особено во однос на пренасочување и извидување – предупреди Чарли Салониус-Пастернак, водечки експерт на Фински институт за меѓународни односи.
Сателитските фотографии, според фински извори, покажале дека Русите изградиле кула за контрола на летање на Гогланд заедно со метеоролошка станица, станица за полнење гориво и специјализирано осветлување.