Поради исклучително силниот притисок на Грција и нејзините поддржувачи, ОН ја погазија сопствената повелба и ја примија Македонија под привремената референца ПЈРМ, преседан незапаметен во меѓународното право. Таа референца се влечеше 25 години, додека под покровителство на истата светска организација Македонија и Грција преговараа за разликите за името, што на крајот резултира со Преспанската спогодба, со која земјава во ОН беше регистрирана со име со географска одредница, спротивно на желбата на македонските граѓани

Триесет години од приемот во Обединетите нации (ОН) како повод

Македонија одбележува 30 години од своето членство во Организацијата на Обединетите нации, кога на 8 април во 1993 година со акламација во Генералното собрание беше примена за 181. полноправна членка на светската организација, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година.
Тоа беше исклучително важен чин за македонската историја бидејќи со тоа се потврди меѓународноправниот субјективитет на државата по изразената референдумска волја на македонските граѓани на 8 септември 1991 година за самостојна и независна Македонија.
Сега, 30 години подоцна, Македонија наместо да ја зацврсти својата државност од ден на ден се соочува со предизвици што удираат по темелите врз кои беше поставена македонската држава и се закануваат целосно да ја избришат од светската мапа, заедно со македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја.

Преседанот на ОН пред три децении

Но сите овие денешни случувања и премрежиња го влечат коренот токму поради преседанот што пред три децении го направија Обединетите нации, погазувајќи ја сопствената повелба, во која јасно стои дека секоја земја што сака да стане дел од светското семејство на народи има право слободно да се именува како што самата ќе одлучи и тоа е нејзино неприкосновено право.
За жал, ОН, најмногу поради исклучително силниот притисок на Грција, ја погазија сопствената повелба и ја Македонија примија под привремената референца ПЈРМ, преседан незапаметен во меѓународното право. Таа референца, иако првично требаше да биде за месец-два, остана да се провлекува и да ја жигосува земјава цели 25 години, додека во меѓувреме под покровителство на ОН се одвиваа преговори за разликите во врска со името меѓу Македонија и Грција. Тие на крајот резултираа со потпишувањето на Преспанската спогодба, со која земјава беше регистрирана во светската организација со име со географска одредница, спротивно на волјата на македонските граѓани.
Со самото тоа што ОН своевремено дозволија да се погази нивната повелба, тие се соучесници во геноцидот над Република Македонија, како и над македонскиот народ.

Битката за нашето име во ОН не е однапред загубена

Познавачите на состојбите во областа на меѓународното право сметаат дека битката не е загубена и дека Обединетите нации, порано или подоцна, ќе мораат да ја коригираат направената грешка и да ја примат земјата под името што го одбрале нејзините граѓани, но и да се вратат на основните принципи врз кои беа формирани.
– ООН во 1993 година започна со разградба на меѓународноправен субјективитет, бидејќи во ООН беше оспорен основен правен елемент на меѓународноправен субјективитет, а тоа е правниот идентитет на еден меѓународноправен субјект. По приемот во ООН добивме нецелосна правна личност, а од фактот што меѓународноправниот субјективитет е составен дел од државноста (која подразбира суверена територија, население, суверенитет и меѓународноправен субјективитет), ние добивме осакатена државност. Ваквата состојба се должи на нелегално наметнатите услови при зачленувањето во ООН, надвор од критериумите на Повелбата на ООН – вели Игор Јанев, професор по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград.
Воден од своето долгогодишно искуство, експертиза и познавања на меѓународното право, тој многу прецизно ги сецира сите проблематични точки во кои е прекршено правото на една држава да биде примена во ОН во согласност со критериумите на светската организација, но и да функционира во светскиот систем на држави во согласност со утврдените правила.
– Во споредба со другите држави-кандидати за членството во ООН, ние ги добивме следните нелегални услови: 1. референца, која правно значи деноминација (Бивша Југословенска Република Македонија или кусо БЈРМ), 2. обврска – да преговараме за сопствениот државноправен идентитет (т.е. државното име). Овие посебни, односно дополнителните услови што ни се наметнаа за македонскиот прием во ООН се спротивни на Повелбата на ОН (односно на членот 4 од овој највисок и основен правен документ на ООН), според советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата (од Хаг) дадено 1948 година, во кој е искажан ставот дека за специфични дополнителни услови надвор од општите пропишани во член 4 од Повелбата не смее да се гласа во ООН – прецизира професорот Јанев, притоа додавајќи дека таквите дополнителни услови не можат да му бидат поставувани на кандидат за прием во членството во ООН.
Тој појаснува дека токму ова советодавно мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година беше прифатено и од Генералното собрание на ООН истата 1948, како толкување на член 4 од Повелбата на ООН.
– Како резултат на кршење на Повелбата на ООН (во однос на членот 4 од Повелбата на ООН и последично членот 2 од Повелбата, во врска со суверена еднаквост (став 1 од членот 2), и немешање во строга внатрешна јурисдикција (ставот 7 од членот 2) државотворноста е оспорена, а исто така и националниот идентитет, кој стана предмет на билатерални преговори! Сегашната ситуација е таква, што привремената деноминација е само заменета со трајна деноминација, односно нелегитимното државно и ненационалното име „Република Северна Македонија“. Со ова ново наметнато нелегално и нелегитимното „име“ и со Преспанскиот договор се врши културоцид и етноцид врз македонскиот народ, со одземање на основното право на национален идентитет – посочува Јанев.


Кој е излезот од правните лавиринти на ОН

Според професорот Јанев, единствен начин да се исправи грешката што ја направија Обединетите нации пред три децении е тие да овозможат ново гласање во Генералното собрание на кое ќе се одлучува за продолжување на членството на државата под името „Република Македонија“.
– Со цел да се отстрани овој етноциден (Преспански) договор (таквите не смеат да постојат во меѓународноправниот промет) истиот тој мора да се раскине. Ова се врши со дипломатска раскинувачка нота до втората договорна страна, односно Грција. Потоа, државата мора да поттикне акција преку предлог-резолуцијата на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството на „Република Северна Македонија“ под името „Република Македонија“ во ОН. Доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема повторно да го склучи веќе раскинатиот акт, а тоа е суверена одлука на секоја држава, или нема повторно да преговара за новото име, тогаш маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно екстремно лимитиран – потенцира Јанев.
Правејќи споредба со 1993 година, професорот Јанев сега наведува кои резолуции Советот за безбедност на ООН нема да може повеќе да ги донесе, кои би биле на штета на Македонија.
1. Резолуција со која ќе наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ (односно нема да може да ја воспостави „претходната состојба“ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен т.е. административен/несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, посебно Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат „интерферирање во внатрешните работи“ (се разбира заради сопствени интереси);
2. Резолуција со која ќе бара „оваа држава“ (РСМ) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава-членка на ООН. Имено, суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во овие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава (посебно одлуката за уставното име);
3. Резолуција со која ќе наметне нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту „премолчено“) дека ќе репреговара за ново име на државата. Македонија мора да инсистира на името со кое аплицираше во ООН во 1993 г., како единствено легитимно име на нацијата и државата (за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното интерферирање или надворешен акт/договор) – истакнува професорот Јанев.
Поаѓајќи од фактот дека РСМ денес нема веќе привремена референца, а нова не може да се наметне (ниту од македонската страна ќе се прифати), а истовремено државата не се согласува со постојното државно име РСМ (како нелегитимно), ниту со Преспанскиот договор, имајќи и предвид дека СБ на ООН е поделен околу прашањето за интерпретација на концептот за суверенитет, професорот Јанев констатира дека СБ на ООН нема да може да донесе каква било обврзувачка одлука со која повторно би можела да се инсталира привремена или трајна референца (деноминацијата) или да се принуди една суверена држава на преговори за името (т.е. идентитетот, што впрочем не е ниту легално да се бара), ниту, пак, повторно да се натера земјата на склучување на истиот или сличен договор за дефинирање на државното име, односно државниот идентитет.
– Со други зборови, доколку нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН (пример има само претседателско соопштение или препорака), тогаш последниот збор околу државното име на оваа држава го има Генералното собрание на ООН (во кое државите немаат право на вето).
За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните и оние што гласаат. Едноставно кажано, просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание (во кое членуваат 193 држави-членки на ООН). Ако на пример во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Доколку, на пример, не успее акција оваа година, пред Генералното собрание на ООН повторно ќе се почне акција следната (а потоа и ако треба и следната година), сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува како „Република Македонија“ – заклучува професорот Јанев.