Моменталните случувања во ДУИ се само пресликување на генералните состојби во речиси сите партии на македонската политичка сцена, каде што партиските статути не дозволуваат никаква внатрепартиска демократија, туку само ја зацврстуваат одлуката на лидерот да одлучува буквално за сè, од партиската до државната политика. Впрочем, тоа најдобро се гледа кога се избира лидерот на партијата, кој обично однапред веќе е познат, а внатрепартиските избори се обична фарса во која многу „статисти“ само си ја одигруваат улогата глумејќи внатрепартиска демократија
Реалната внатрепартиска демократија и натаму табу-тема на македонската политичка сцена
Политичките партии во Македонија ниту по три децении плурализам не успеаја да изградат демократски капацитет да дозволат различно мислење во сопствените редови и тоа да го легализираат преку фракционерство што ќе води кон подигање на квалитетот на политичката понуда, а со тоа и на подобрување на состојбите во општеството.
Досегашните обиди за фракционерско дејствување во партиите се покажаа исклучиво како политикантски, како обична претстава за јавноста, кои речиси без исклучок беа инспирирани од нечие незадоволство заради разни кадровски решенија, заради некаква прераспределба на средства во која тие не биле вклучени или, пак, заради некакви други најчесто лукративни причини, а најмалку заради суштинските потреби да им се излезе во пресрет на граѓаните и на оние што им ја дале довербата на избори. Искуствата покажаа дека ниту една различна од т.н. мејнстрим-идеја на партиската врхушка, што некои уште ја нарекуваат и „фракционерска“, на македонската партиско-политичка сцена вистински не заживеа, туку следуваа внатрепартиски борби, медиумски пресметки, за на крајот сето тоа да резултира со исклучување на незадоволните од партијата и основање некаков нов политички субјект, кој најчесто не пушта подлабок корен на политичката сцена.
Партиските статути читај: лидери) ја држат во пранги демократијата во партиите
Најновата најава за вакво фракционерско дејствување пристигнува од таканаречената „огнена група“ во Демократската унија за интеграција, која своето незадоволство од кадровските решенија на партијата го манифестираше така што побара смена на првиот вицепремиер и министрите назначени од нивната партија, со оцена дека не ги исполнувале партиските програмски цели.
– Разликите се големи и од организациски аспект внатре во ДУИ, но и дебатата за програмската определба врз основа на што ја добивме и довербата од граѓаните. За жал, немаме можност за реална дебата и се користат двојни или тројни критериуми во однос на одредени исти и слични прашања и затоа од денеска ние ќе имаме наши ставови бидејќи ќе дејствуваме како фракција во рамките на ДУИ. Сметаме дека министрите ја узурпираа партијата со своите одлуки. Тоа што е надлежност на партијата преминува во надлежност на членовите на Владата и тука, да се разбереме, не се само кадровските прашања, тие се релевантни и значајни, зборуваме за програмските определби на ДУИ – изјави Блерим Беџети, еден од предводниците на „огнената група“ и актуелен организациски секретар во ДУИ.
Лидерот на партијата, Али Ахмети, им одговори на незадоволните сопартијци дека фракции во ДУИ не се дозволени и дека за такво нешто ќе мора да чекаат до следниот конгрес на партијата.
– ДУИ е партија што почитува вредности и почитува демократија. Се разбира, го почитува и размислувањето против. Секое дејствување спротивно на статутот е анархија, а анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството. Инаку би биле анархична партија, каде што секој прави што сака. Фракционерството не е дозволено во согласност со статутот, но не дискутиравме за исклучување. Демократијата е да се прифати ставот на мнозинството. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе бидам тој што ќе поддржи еден таков став за фракционерско дејствување – одговори Ахмети по најавата на неговите сопартијци за фракционерско дејствување.
Моменталните случувања во ДУИ се само пресликување на генералните состојби во речиси сите партии на македонската политичка сцена, каде што партиските статути не дозволуваат никаква внатрепартиска демократија, туку само ја зацврстуваат одлуката на лидерот да одлучува буквално за сè, од партиската до државната политика. Впрочем, тоа најдобро се гледа кога се избира лидерот на партијата, кој обично однапред веќе е познат, а внатрепартиските избори се обична фарса во која многу „статисти“ само си ја одигруваат улогата глумејќи внатрепартиска демократија.
Сето ова остава впечаток дека партиите во земјава само декларативно се изјаснуваат за демократски, иако во реалност тие се екстремно централизирани.
Во секој случај, тоа е погубно за напредокот на земјата бидејќи не овозможува партиите да станат демократски расадник на политики и идеи што ќе бидат во полза на граѓаните и државата, туку сè се сведува на замислите на лидерите, од тоа кој ќе биде министер, кој ќе се најде на изборни листи, кој ќе биде директор на јавно претпријатие, обвинител, судија, кандидат за градоначалник, па дури се оди дотаму лидерот да одлучува кој ќе биде чувар во некое јавно претпријатие. Затоа и сите најави за фракционерство беа инспирирани од лични причини и некакво лично незадоволство, а не генерално заради подобрување на состојбите во државата.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски често употребува термин „султан-партии“ кога ги коментира внатрепартиската демократија и слободата на различни мислења.
– Откога постои времето на плурализмот во Македонија, никогаш немало внатрепартиска демократија, па затоа немаме ниту демократија во државата. Сè се тоа султан-партии, без оглед дали е голема или мала партија. Од тие причини немаме демократски процеси и државата пати токму поради тоа што во партиите нема демократија – категоричен е Давитковски.
Во Европа т.н. партиско фракционерство е само квалитет повеќе
И додека во Македонија фракционерското дејствување во партиите е табу, во развиените демократии тоа се смета за исклучителен квалитет што води кон подобро функционирање на самите партии. Таму лидерот на партијата не само што дозволува фракционерско дејствување туку и самиот го стимулира бидејќи знае дека тоа е добро за партијата, бидејќи како нејзин предводник добива повеќе предлози, идеи и решенија за одделни проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Покрај тоа, фракционерите таму истапуваат со сопствени идеи за различни прашања и се обидуваат да ја наметнат сопствената агенда нудејќи издржани факти и аргументи, а во никој случај тоа не се прави заради гол популизам и подобро себепозиционирање.
Токму тоа ја прави и суштинската разлика меѓу дејствувањето на партиите во Европа и во Македонија, бидејќи таму партиите работат во интерес на државата и сопствените граѓани. Во оној момент кога одредена партија ќе ја освои власта, за неа остварувањето на програмските цели што им ги ветила на граѓаните пред изборите стануваат приоритет, додека кај нас, освојувањето на власта се сфаќа како можност државата да се стави во служба на партијата и партиските недемократски практики да се пресликаат и на државно ниво.
Тука и треба да се бараат причините зошто Македонија со години ја влече етикетата „заробена“, „хибридна“ и уште каква не држава, само никако оваа етикета да стане „демократска“.
Од друга страна, вистинското фракционерство води кон поголема конкурентска борба на идеи, така што тој што нуди поквалитетни решенија му остава простор на лидерот да решава како подобро да се решаваат проблемите со кои се соочува државата, како и граѓаните. Со тоа расте и рејтингот на самата партија, како политички субјект што секогаш нуди квалитетни и издржани решенија.
– Многу големи партии во Европа имаат регулирано со нивниот статут како фракциите можат да дејствуваат внатрепартиски. Дури не е ниту неопходно фракциите да се поларизираат по сите прашања и однапред предвидлива логика. Фракциите можат да настанат на разликите од едно до друго прашање. Уште подобро е кога тие фракции ќе се јават во партијата ако таа е на власт, нудејќи нови свежи идеи за напредок на државните политики и воопшто на животот на граѓаните – велат нашите соговорници.
Според нив, во самиот Европски парламент има голем број фракции што овозможуваат секогаш да се изнесат повеќе решенија за различни проблеми со кои се соочуваат европските граѓани.
Фракциите се гледаат како закана по партијата
Познавачите на состојбите околу внатрепартиската демократија се категорични дека коренот на недозволувањето фракционерско дејствување во партиите треба да се бара во недемократските партиски статути.
– Кај нас работата е во тоа што статутарно сите партии се мошне недемократски. Од тука таа вертикална хиерархија не кореспондира со фракциите. Кога партиите сакаат да му угодат на врвот, фракцијата се гледа како закана по самата партија – сметаат аналитичарите.
Според нив, партиите без оглед на декларативните заложби за демократско однесување во рамките на партијата, сè уште му се апсолутно подредени на лидерот, а на фракциите се гледа како на чекор кон формирање нова партија.
– Речиси ништо не е променето уште од времето на Сојузот на комунистите на Југославија кога најголем „политички грев“ беше фракционерството. Но во партискиот монизам, фракционерството беше толкувано како застранување од идеолошката матрица на „единствениот пат на Сојузот на комунистите, кој беше идентичен со концептот на развој на државата. Тогаш фракционерството доби и епитет на државен непријател. Денес, во повеќепартизмот, богатството и различноста на идеите ја прават партијата поконкурентна со иницијативите, поиновативна и пофлексибилна за да може да го извлече најдоброто од своите човечки ресурси, да го преточи во своите партиски програми, а потоа, доколку се избори за власт, тоа да го стипулира и во владината програма. Но кај нас сѐ уште не се согледуваат добрите страни на фракцијата, пред сè што се нуди алтернатива на доминантната идеја и се јакне динамиката на внатрепартискиот живот. Во Европа сè поотворено се прифаќаат фракциите, кои дури одржуваат и свои конгреси – истакнуваат аналитичарите.
Тие сметаат дека кога ќе се демократизираат партиите, ќе се види и остварување на владината програма со свежи идеи.
– Кога ќе имаме демократски партии и Владата ќе биде демократска, ќе се настапува со свежи идеи, ќе се одбираат најдобрите решенија, тогаш и опозицијата ќе може конструктивно да се вклучува во сите процеси бидејќи ќе се уважува и нејзиното мислење, а не само да биде опозиција само заради опозиција, без никаква вклученост во политичките процеси. На тој начин ќе се амортизира и длабокиот политички антагонизам меѓу партиите, а политичката борба наместо борба со подметнувања, навреди и безидејност, ќе стане борба со идеи, проекти, решенија и сето тоа за доброто на граѓаните, а не во полза на партиите. Кога политичките партии ќе почнат да ја водат така државата, тогаш и општеството ќе напредува, државата ќе оди напред, а граѓаните ќе имаат подобар живот – заклучуваат нашите соговорници.