Постигнавте значителен напредок кон членството во НАТО. Ова членство се повеќе е на дофат на рака, меѓутоа одлуката е целосно на вас, на вашиот народ и Влада, порача денеска заменик претседавачот на Воениот комитет на НАТО, генерал-потполковник Стивен Шепро во обраќањето на состанокот на високи воени претставниците на 29 земји-членки на овој комитет и Армијата на Република Македонија.
На состанокот, чиј домаќин е началникот на ГШ на АРМ, генерал мајор Васко Ѓурчиновски, на кој целта е запознавање со постигнувањата, подготвеноста и идните планови на АРМ за полноправно членство во НАТО, генерал-потполковник Шепро се заблагодари за придонесот на Македонија и нејзините војници во мировните мисии и придонесот во меѓународната безбедност и ги поздрави воените реформи.
-Ве охрабруваме да продолжите со овие реформи, а ние ќе продолжиме тесно да соработуваме со вас во натамошниот развој на вашите одбранбени способности во согласност со стандардите на НАТО. Тоа ве прави побезбедни, посилни и поинтероперабилни со НАТО сојузниците и партнерите. Вашата стабилност и стабилноста на овој регион се важни за НАТО. Посетата на Воениот комитет е важна порака како и двете посети на генералниот секретар изминатата година, рече генерал Шепро.
Во обраќањето до постојаните воени претставници на Воениот комитет на НАТО, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска рече дека оваа клучна активност на највисокото воено тело на НАТО, што се случува денес во Скопје, само по себе кажува дека интеграцијата на Македонија во Алијансата веќе добива свој облик и форма.
-Јавноста денеска има прилика да види со свои очи дека членството во НАТО веќе не е далечна и недостижна цел. Испуштената шанса во 2008 година ја вративме на маса и одработивме покана и почeток на пристапните разговори со најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината. Денес, Македонија е домаќин на најстарото постојано тело на Алијансата по Северноатланскиот совет. Ова тело е најважната врска меѓу политичките одлуки и воената структура на НАТО. Ова е увертира во однос на тоа што значи наша заедничка стратешка цел, а тоа е РМ да биде на масата на која се одлучува за крупните прашања на денешнината. Состанокот е порака дека 29-те земји членки на Алијансата се обединети во поддршката да станеме 30-та членка на НАТО, рече Шекеринска.
Таа порача дека состанокот е симбол, но не е случаен, туку е заслужен со бројните политички реформи и резултати кои ги испорачавме.
-Република Македонија станува дел од заедницата на напредни држави, и тоа веќе влијае позитивно на нашата безбедност, но и на економијата, инвестициите и квалитетот на живот. Секаде, а особено на Балканот, сигурноста е единствената влезница за просперитет. Евроатлантската иднина на Македонија има големо геополитичко значење и важност и ќе служи како поттик за прогрес на другите земји аспиранти, рече Шекеринска.
Началникот на генералштабот на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски во своето обраќање, рече дека АРМ цврсто се заложува да ги исполни критериумите за членство во НАТО, а модернизацијата и оптимизацијата заедно со придонесот кон меѓународните мисии остануваат наш голем приоритет
-Новиот стратешки одбранбен преглед веќе е усвоен и со неговата имплементација АРМ ќе се трансформира во мала компактна флексибилна армија која ќе може да одговори на сите предизвици пред кои ќе биде исправена Алијансата заедно со нас. Партнерството и соработката се процес што треба постојано да се надградува и одржува. Патот до успехот не е лесен, исто како и нашата професија, но искуството од минатото, и цврстата определба не прават уште посилни, рече Ѓурчиновски.
Досега околу 4.000 војници биле дел од мировните мисии на НАТО, а годинава го зголеми учеството во вакви операции за 20 отсто.