Како е да се биде жена во една од најпознатите групи на ограбувачи на златарници, како функционирала познатата „Пинк Пантер“ и каква судбина дочекале, за сите тие искуства раскажуваат двете познати членки на пантерите, кои добар дел од животот го поминале зад решетки поради делата што ги извршиле
Покајнички исповеди на две дами од криминалната група „Пинк Пантер“
Докторка од Ниш, позната под псевдонимот Ева Кант, и Оливера Ќирковиќ беа двете познати дами од уште попознатата разбојничка банда именувана како „Пинк Пантер“ од Србија. За потсетување, „Пинк Пантер“ е позната по спектакуларните грабежи на златарници, од каде што насилно присвојувале накит, злато и дијаманти. Сега криминалните поведенија се зад нив, но во своите раскажувања за бурното криминално минато, за кое се каат и за кое раскажуваат како негативен пример, откриваат детали за тоа како е да се биде дел од една од најпознатите криминални организации во светот.
Жена змеј, па жена пајак
Кога светските медиуми ја објавија веста за „жената пајак“ што во март 2012 година беше уапсена како еден од мозоците на најпознатата банда во светот „Пинк Пантер“, а потоа и дека побегнала од најчуваниот затвор во Атина, „Коридалос“, јавноста во Србија беше шокирана. Стануваше збор за Оливера Ќирковиќ, поранешна кошаркарка на Црвена звезда, која медиумите во Србија веднаш ја нарекоа „жена змеј“, прекар поради кој стана еден од препознатливите криминалци од балканските простори.
Имено, Оливера Ќирковиќ по завршувањето на спортската кариера почнала да продава бунди и брендирана облека во Белград. Но нејзината работа била на работ на законот, бидејќи стоката што ја продавала била со сомнително потекло. Сепак, таа ја продолжила вносната работа „на црно“ и почнала да ги зголемува обемот и мрежата за нелегална трговија. Така, таа полека почнала да навлегува во водите на криминалот, шверцот, нелегалната трговија, шверцувањето брендирана стока… Пресвртот во криминалната кариера на полошо се случил кога таа била уапсена за првпат на Крит, во 2006 година, каде што била организатор на грабеж на златарница. Во тој период таа веќе некое време била членка на „Пинк Пантер“. За ова дело таа помина две и пол години во затвор. По ослободувањето продолжила со криминалните активности, главно ограбувајќи златарници.
Следниот пат била уапсена во март 2012 година, додека подготвувала нова кражба. Веќе во јули истата година таа влезе во историјата како единствената жена што успеала да побегне од грчки затвор. Самиот чин на бегство од затвор наиде на голема медиумска поддршка. За време на нејзините грабежи никој не бил повреден или ранет, поради што добила прекари како Амазон, Жена Змеј, Кралица и слично.
Во септември истата година повторно била уапсена и осудена на 32 и пол години затвор. По многубројните жалби до апелациските судови, таа беше ослободена во август 2017 година. Во Србија даваше многу интервјуа, гостуваше на телевизија и напиша две книги „Јас, Пинк Пантер“, во кои ги откри сите тајни на нејзиниот живот, но секогаш со препораки кон младите да не ги имитираат ниту да ги сметаат за свои идоли криминалците, бидејќи тоа не е пат за личен, семеен и општествен напредок.
ПРВАТА КРАЖБА
Ќирковиќ вели дека била професионална кошаркарка во Југославија, но дека спортувала и во Грција и во Словенија. Запознавањето со маж со кого брзо се омажила и со кого добила син целосно ѝ го променило животот. Криминалната „кариера“ ја започнала од другата страна на законот во Грција, а нејзиниот прв „плен“ била продавница за крзно.
– Налетав на една продавница за крзно што беше одлична, со добри парчиња. Веднаш се поврзав кој би бил погоден да го направи тоа на најнежниот можен начин. Познавав човек што може да копа ѕид. Ѕидот беше ископан, бундите беа изнесени во тишина, без да се вклучи алармот, бидејќи сензорите и ласерите беа вперени кон вратата, никој не очекува дека некој ќе излезе од ѕидот. Ѕидот во задниот дел на продавницата беше раскопан, без аларм. Дури следниот ден работникот видел дека продавницата е празна – го раскажува првиот грабеж Ќирковиќ.
Ќирковиќ по грабеж на Крит заврши во грчки затвор.
– Му се јавивме на пријател од Белград што ни даде информации за таа златарница и ни ги даде координатите. Заедно отидовме и погледнавме. Тоа е хотелски комплекс, можеш да пешачиш, да одиш на плажа, и сѐ ни беше јасно, немаше посебно планирање. Секогаш кога гледате некои потенцијални цели знаете дали е тешко или лесно. Лесно е затоа што е во затворен комплекс, затоа што нема луѓе, нема шетачи, нема обезбедување. Тешко е затоа што сте на остров, бидејќи бегството на остров е опасно. – објасни Оливера.
Како што вели таа, иако директно не учествувала во грабежот, туку возела пријателка бандит, Оливера била уапсена и осудена.
– Само што излеговме на патот, забележавме патрола што ги запира сите поради кражба што се случи во близината. Отпрвин не разбудивме сомнеж, се однесувавме како туристи, ги дадовме документите, колата беше празна, ништо во багажникот, беше направена рутинска проверка. Но се случуваат грешки, како и секогаш во криминалот, криминалците секогаш паѓаат на глупави работи. Кога полицијата стигна на задните седиште, мојот пријател ги затвори очите, се фати за глава и се сети дека го оставил зад себе лостот и тоа со сметката од продавницата од каде што го купи – раскажува Оливера.
Потоа Ќирковиќ била препознаена од работничка во продавницата, од каде што купувала алат, кој бил користен како главен доказ во судот. По пресудата, Оливера најпрвин била во женски затвор на Крит, каде што делела ќелија со Гркинка и Албанка, а подоцна била затворена во Атина.
ДОКТОРКА ПАНТЕРКА
Нишлијка, скриена зад псевдонимот Ева Кант, од животната улога на невропсихијатар се префрлила во светот на криминалот и исто така своевремено била дел од „Пинк Пантер“. Оваа необична нишлијка откри како и зошто решила да влезе во светот на криминалот и да се врати на лекарскиот живот, без да се обидува да се правда за своите животни избори, но секако нагласи дека се кае и дека нејзините исповеди се само во функција младите да не зачекорат на криминалниот пат, затоа што тој не води во светла иднина.
Кога ја прашале какво било нејзиното прво искуство со кражба, таа рекла дека прво морала да ја смени косата и да се облече како да е подготвена да склучува бизнис-зделки.
– Најпрво ги правевме тие елегантни кражби, каде што не глумам купувач, туку навистина купувам. Сите сме добро облечени, воспитани, насмеани. Понекогаш купуваме пет или шест глупави работи за да може на продавачот да му кажеме да ги завитка бидејќи се подароци… А бидејќи продавачите во Италија се многу среќни кога продаваат нешто, кога се насмевнуваат и се опуштаат, дури тогаш можете да размислите да земете нешто од нив… – вели Ева, објаснувајќи дека биле сместени во скапи хотели, каде што можеле добро да спијат и да се подготват за следниот напад на целниот плен.
Како што вели таа, функционирале како еден вид војска. Будењето било секогаш во одредено време, станувале рано, по договор и разработен план за следниот ден.
– Сепак, не е сѐ така розово како што зборувам сега, бидејќи минатото е голем фалсификатор на настаните. Имаше ситуации кога бегавме, кога една недела не можевме да најдеме работа, а плаќавме скапи хотели и ресторани – опишува Ева.
Таа вели дека не се гледа себеси како пинк пантер, а за луѓето со кои соработувала вели дека сите играле ферплеј и се однесувале витешки во сите ситуации.
– Јас ја знам таа „војска“ со која работев, но овие другите, новите, во меѓувреме што направиле, дали дејствувале насилно или не, не ги знам. Кога работевме таму, имавме шифра да не повредиме никого – додаде Ева.
Докторката од Ниш решила засекогаш да ја напушти работата како крадец на скап накит кога била „продадена“ од млад човек со кого требало да украде само три парчиња накит во Барселона, а тој ѝ го украл целиот плен.
– Многу ризикував и добив шест години. По една година затвор, го признав делото. Ме тепаа три дена и три ноќи во подрумот, а по Шпанија се заколнав дека никогаш повеќе нема да крадам. Се вратив дома во Ниш – вели Ева Кант, која го напиша и автобиографскиот роман „Играј ја својата игра“.
Ева денес повторно работи како невропсихијатар во родниот град, додека редовно оди на саеми за накит, но само за да ја погледне изложената стока.