Стапува во сила Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата која Владата ја донесе пред една година врз основа на Законот за употреба на јазиците, во главниот град Скопје и во другите општини каде што живеат најмалку 20 отсто граѓани од заедниците.
Во Градот Скопје, во општините во Градот Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, ознаките на основната униформа се: натпис ПОЛИЦИЈА, POLICIA, POLICE, натпис СООБРАЌАЈНА ПОЛИЦИЈА, POLICIA E TRAFIKUT, TRAFFIC POLICE, амблем ПОЛИЦИЈА, POLICIA, POLICE, амблем ГРАНИЧНА ПОЛИЦИЈА, POLICIA KUFITARE, BORDER POLICE, амблем во форма на штит со намалени димензии и метална ознака за шапка, пишува во Уредбата.
Тројазични стануваат и амблемите на Единицата за интервентна полиција.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски лани најави дека најдоцна до март годинава униформите на полицајците ќе бидат двојазични – на македонски и на албански јазик.
Лани, на 24 ноември Левица поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со која Владата воведува двојазичност на униформите на полицијата. Според оваа партија, овој подзаконски акт донесен од Владата е во директна спротивност со Уставот, Законот за полиција, Законот за внатрешните работи и Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата на полицијата.