Кој ќе гласа за уставни измени, а кој не, и кој е против членство во Европската унија (ЕУ) и викендов се главна партиска тема за меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата.
Владејачките ДУИ и СДСМ тврдат дека сите пратеници од мнозинството, како и пратеници од опозицијата ќе бидат за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да гласаат промените на Уставот и повикува на предвремени парламентарни избори.
-Европскиот сон и стремеж на нашите граѓани зависи од пратениците во Собранието и нивната храброст да донесат одлука за следните генерации, а не за следните избори. Повикуваме на општ општествен европски фронт и формирање на сојуз за Европска Македонија – објави вчера ДУИ во повикот до опозицијата.
Оттаму велат дека се загрижени поради „недвосмислените изјави на предводниците на опозицијата против европската интеграција и одбивањето на помошта од меѓународните партнери“. Сепак, како што од Мала Речица изјави вицеперемиерот, Артан Груби, „во ВМРО-ДПМНЕ има пратеници кои би ги поддржале уставните измени“.
И од СДСМ велат дека во редовите на опозицијата има пратеници кои ќе дадат поддршка за уставните измени кога процесот ќе влезе во Собранието, и покрај тоа што нивниот претседател Христијан Мицкоски „прави опструкции со спинови“.
-Верувам дека кога ќе влезе процесот во Собранието ќе бидете уверени дека сите пратеници од владејачкото мнозинство, вклучувајќи голем број пратеници и од опозицијата, ќе бидат за, со аргументи и ставови за уставните измени. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат преку спинови и лажни соопштенија да го одвлече притосокот што го има од неговите поддржувачи во ВМРО-ДПМНЕ – изјави портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, на вчерашната прес-конференција.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера излегоа со прашање до премиерот Димитар Ковачевски дали е точно дека тој побарал од пратениците на СДСМ да излезат со заеднички став и документ кој ќе биде потпишан од секој од нив поединечно дека безусловно ќе гласаат за уставните измени и влез на Бугарите во Уставот како и да се формулирани тие.
-Исто така, документот имале во план да го објават вчера (петок) со што би ги демантирале нашите изјави, но тоа не се случило поради изричното несогласување на веќе споменатите пратеници. Ковачевски залудно се труди со притисоци да го промени мислењето на сите оние кои се против ваквите уставни измени затоа што дури и во самата негова партија нема доверба за спроведување на ваков процес, истакна вчера на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ – изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Таа рече дека „Ковачевски свикал групна координација со пратениците“ на која, како што посочи, тој сакал да ги убеди дека ова е единствениот начин СДС да опстане уште некој месец на власт и дека само така ќе може да ги убеди албанските партии да дадат максимална поддршка за опстанок на владата.
Претходно, во интервју за МИА, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека во рамки на Министерството за правда е формирана работна група за уставни измени во која што ќе учествуваат експерти по уставно право, а ќе бидат повикани и експерти од опозициските партии исто како што биле повикани на првиот ден од отпочнување на преговорите во првата фаза на скринингот.