Фото: Игор Бансколиев

Тренд на сѐ поголема неизвесност во македонскиот градежен сектор, кој финансиски и технички слабее или, уште попрецизно, принуден е и притиснат да пропаѓа, бидејќи во амбиентот што се креира во тој сектор од домашните институции нема стимулативни политики, нема активно учество на државата во процесите на реструктурирање на градежните компании по тешкиот кризен удар за тој сектор изминативе години. Згора на сето тоа, преференцијалниот статус во концептот на домашното инфраструктурно градежништво го имаат странските компании. Од здруженијата на градежните компании посочија на тоа дека „податоците за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 покажуваат дека околу 96 отсто од средствата за капиталните инвестиции се одлеваат кон странски компании наспроти само четири отсто кон домашни компании

Домашните градежни компании добиваат мал дел од капиталните проекти на домашниот пазар

Мал дел од капиталните расходи во државниот буџет наменети за реализација на инфраструктурни проекти во Македонија пристигнува до домашните градежни компании. Проблемот со недостигот од поголем фронт на работа за македонските градежници е присутен со години, а една од причините за тоа се нееднаквите услови, односно фаворизирањето на странските компании во изградбата на главните сообраќајни делници, кои ги добиваат јавните тендери. Последиците од тоа се веќе видливи и се гледа низ сѐ помалото учество на домашните компании, кои се принудени да работат како подизведувачи, по пониски цени на услугите или, пак, да се пренасочат во изградбата на станови, во кои владеат други „правила“ во градежниот бизнис. Иако во изминатите години растат капиталните инвестиции, големите градежни компании во земјава се соочуваат со неможноста да обезбедат доволна работа за своите вработени. Тоа влијае на сѐ поголемата неизвесност на македонскиот градежен сектор, кој финансиски и технички слабее или, уште попрецизно, принуден е и притиснат да пропаѓа, бидејќи во амбиентот што се креира во тој сектор од домашните институции нема стимулативни политики, нема активно учество на државата во процесите на реструктурирање на градежните компании по тешкиот кризен удар за тој сектор изминативе години. Згора на сето тоа, преференцијалниот статус во концептот на домашното инфраструктурно градежништво го имаат странските компании.
Во таквиот амбиент, домашните градежни компании стануваат неконкурентни, а крајниот резултат од тоа е и трајно губење на квалификуваните работници и на високообразовниот кадар, кој е принуден да бара посигурна егзистенција во странство.

Сериозно предупредување на домашните градежници за „нееднаквиот
третман“

Компаниите од македонскиот градежен сектор деновиве упатија сериозно предупредување за „нееднаквиот третман“ при доделувањето на државните тендери, а непосреден повод за тоа беше потпишувањето на предлогот на Комитетот за преговори за изградба на коридорите 8 и 10 Д, проект вреден над милијарди евра.
– Владата го одобри договорот за изградба на планираните четири автопатски делници на овие коридори – информира Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби.
Одобрувањето на договорот за изградба на коридорите 8 и 10 Д доаѓа по четиринеделните преговори што се водеа меѓу консултантот за финансиски трансакции на Владата, ИРД, и меѓународниот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Од здруженијата на градежните компании посочија на тоа дека „податоците за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10 покажуваат дека околу 96 отсто од средствата за капиталните инвестиции се одлеваат кон странски компании наспроти само четири отсто кон домашни компании. Ова наедно значи дека не се почитува законот, кој беше усвоен лани, а кој содржи одредба со која се предвидува обврска „стратегискиот партнер да користи најмалку 51 отсто на локални ресурси“.
– Немаме увид во договорот на надлежните органи со стратегискиот партнер, меѓутоа законот што беше усвоен претходната година содржи одредба со која се предвидува обврска „стратегискиот партнер да користи најмалку 51 отсто на локални ресурси“. Според нас, законската одредба е многу општа и за најавената градежна офанзива да отвори простор за развој на домашната градежна оператива, истата таа мора да се толкува како обврска за домашните градежни компании да бидат ангажирани во проектирањето и изведбата на патните делници на коридорите 8 и 10 – изјави Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора.

Колку од колачот за домашните градежници,а колку за странците

Според анализите на Здружението за градежништво при Комората, во однос на капиталните проекти, околу 1.926.859.761 евро од државата ќе се излеат кон странски компании и странски работници, а само 80.877.532 кон домашни компании и домашни работници. Забелешките на домашните градежни компании се однесуваат на тоа што иако имаме докажани кадри од сите фази на изградба, меѓу кои и за надзор, и тоа со голем бројни референци што се конкурентни и настапуваат на странскиот пазар, тоа знаење и искуството не можат да го применат на домашниот пазар.
– Според нас, законската одредба е многу општа и за најавената градежна офанзива да отвори простор за развој на домашната градежна оператива, истата таа мора да се толкува како обврска за домашните градежни компании да бидат ангажирани во проектирањето и изведбата на патните делници на коридорите 8 и 10 – вели Серафимовски.
Заложбата на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите е условите за натпревар и за работа на домашниот пазар да бидат исти и за домашните и за странските компании.
– Од Владата кажаа дека 650 милиони евра ќе одат за домашните компании, па затоа бараме, кога ќе започне неговата реализација, во тие 51 процент да се дефинира обезбедена работа за македонските компании во делот на проектирањето, изведбата и надзорот, кои би обезбедиле економски и стратегиски развој, а кој би бил доволен за да обезбеди и редовни работни услови за работниците во домашните компании. Со ваков пристап за домашните компании, ова значи и зголемување на референтната листа на изведени работи, со што фирмите стануваат поконкурентни како на домашниот, така и на странскиот пазар – изјави Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора на Северна Македонија и советничка за економски развој и инфраструктура во Кабинетот на претседателот на Комората.

Во повеќеслојната длабока криза подобро би било да им се подаде рака на
градежниците, отколку да се остават да пропаднат

Градежниот сектор истакнува дека во овој период навистина многу ги чувствува последиците од мултикризата.
– Растот на трошоците за изведба, во отсуство на можност за корекција на цените кај договорите за јавни набавки, проследен со одредени законски решенија, како на пример недела неработен ден, кои негативно влијаат врз интензитетот на изведбата, го ставија и овој економски сектор во незавидна положба – објаснува Георгиева Јовевска.
Официјалните статистички податоци покажуваат дека во последните пет години бројот на градежни работници е паднат под 50 илјади, односно само за една година е намален за околу 12.000 работници. Бројките покажуваат и дека во последните години домашните градежни компании сè помалку се присутни не само на странскиот туку и на домашниот пазар, особено кога станува збор за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и на железничката инфраструктура на коридорите 8 и 10.
Изминатиот период две од трите делници на железничката пруга 8 (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка), во вредност од околу 200 милиони евра, им беа доделени на странски компании. Автопатиштата на коридорот 8 (делница Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и на коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола), во вредност од над 1,3 милијарда евра, му се доделени на странскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
Во 2023 година за капитални инвестиции се планирани 48,8 милијарди денари (околу 800 милиони евра), кои се за 51,8 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, во енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем.