Во своето обраќање, министерот за внатрешни работи, испраќајќи силна и недвосмислена порака до опскурните кујни во кои се сака да се ретушира и ревидира историјата, истакна дека овој датум се одбележува и ќе се чествува бидејќи е „водилка за понатамошниот тек на Народноослободителната и антифашистичка војна“. Токму овој светол датум претставува и непобитен доказ за самосвеста на македонскиот народ, за силната и непоколеблива волја, победничкиот морал и слободарски дух на припадниците на партизанското движење на Македонија, изразен со високата политичка свест на борците и на населението за постигнување на крајната цел – создавање македонска држава
Одбележен исклучителен јубилеј за македонската држава и народ:
80 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија
На 19 март, пред 80 години, во Тетово беше формирана Комунистичката партија на Македонија, која го понесе товарот на борбата против бугарските, германските, италијанските и балистичките фашистички војски во Втората светска војна. По тој повод, боречката организација организираше свечено одбележување на овој голем датум во куќата каде што се случил овој значаен настан на 19 март 1943 г., која сега е Меморијален музеј на Централниот комитет на КПМ (Куќа на Јовановци) во населбата Два Бреста.
Министерот Спасовски испрати силни, недвосмислени и решителни пораки до оние што сакаат да ја ретушираат историјата
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, чествувајќи го овој настан, порача дека одлуката за формирање на партијата во 1943 г. е главниот придонес за долгопосакуваната повоена македонска државност.
– И денеска 80 години подоцна, ѕидовите на оваа историска куќа на семејството Јовановци љубоморно ја чуваат историјата на големите одлуки што беа донесени на 19 март 1943 г., со кои е конституиран Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија. Оттука овој датум се смета за ден на формирањето на Комунистичката партија на Македонија и водилка за понатамошниот тек на Народноослободителната и антифашистичка војна. Овој светол датум претставува и непобитен доказ за самосвеста на македонскиот народ, за силната и непоколеблива волја, победничкиот морал и слободарски дух на припадниците на партизанското движење на Македонија, изразен со високата политичка свест на борците и на населението за постигнување на крајната цел – создавање македонска држава – истакна Спасовски.
Тој од свое име и од името на МВР ги изрази почитта и благодарноста кон сите членови на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија, честитајќи го денешниот голем јубилеј – 80 години од формирањето на Централниот комитет на КПМ.
– Овие големи датуми, но и хероите присутни тука, нè потсетуваат дека слободата никому не му е подарена, а визијата на секој лидер е да ја чува и негува татковината, да ги носи вистинските одлуки во вистинско време за доброто на својот народ, за својата држава, почитувајќи ги слободарската традиција, херојската историја и идејата на антифашизмот. Тоа бил и останува нашиот вистински пат, истакна Спасовски, упатувајќи желби што поскоро големите датуми од нашето минато, од нашата крвава антифашистичка историја да ги одбележуваме со комплетно исполнети стратегиски определби, наши и на нашите предци, во модерна демократска држава со европски вредности.
Историски час на Никола Стојановски, претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија, и на Миќо Стојчевски, директор
на Музејот на тетовскиот крај
За одбележување во врска со настанот е присуството на претседателот на Здружението на борците, Никола Стојановски, кој неодамна го прослави својот 100-ти роденден.
Пред присутните се обрати и Никола Стојановски, претседател на Главниот одбор на Сојузот на борците од НОБ на Македонија.
– Народот веруваше во КПМ, затоа што единствено тргна да го ослободи македонскиот народ. Тоа беше прифатено од сите граѓаните. Јас сум 100 години, а тогаш бевме деца, но тргнавме по партизанските одреди и се боревме за да создадеме држава, прва по Самоиловото Царство. Направивме сѐ за да ја зачуваме и народот направи сè што може да биде добра држава – рече Стојановски.
– На Балканот до Втората светска војна егзистираат пет буржоаско-монархистички држави, со многу нерешени внатрешни проблеми. Во три од нив непризнаен живееше македонскиот народ, кој не уживаше никакви национални права. Но во платформа на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) се истакнуваше дека секој народ во борбата против фашистичкиот ослободител го решава и своето право на самоопределување. КПЈ беше единствена што имаше изградено правилен став по македонското национално прашање. Македонскиот народ беше посебно мотивиран за прифаќање на борбениот повик. Формирањето на Комунистичката партија на Македонија (КПМ) на 19 март 1943 година и изборот на Централниот комитет (ЦК) значеше осамостојување на политичкото раководство на Македонија – истакна во историскиот час Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовскиот крај. Д.Ст.
Набргу се увиде од какво значење беше формирањето на Комунистичката партија на Македонија и нејзиниот Централен комитет. Се покажа дека тоа е еден од решавачките настани во историјата на Народноослободителната борба и револуцијата во Македонија. Формирањето на КПМ дојде како логичен резултат на борбата што ja водеше македонскиот народ против фашистичките окупатори заедно со другите југословенски народи и народности, како и на правилниот и доследен став на Комунистичката партија на Југославија по националното прашање и нејзината борба за негово решавање
ЗОШТО Е ЗНАЧАЈНО ЧЕСТВУВАЊЕТО НА ГОДИШНИНИТЕ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА КПМ
Решавачки настан во историјата на НОБ во Македонија, во борбата за национално, социјално и ослободување од фашистичкото ропство
Деновиве со повеќе манифестации се одбележуваат 80 години од формирањето на Комунистичката партија на Македонија во Тетово, односно конституирањето на Централниот комитет на КПМ. Во првиот ЦК влегле Лазар Колишевски (политички секретар), Мара Нацева (организациска секретарка), Цветко Узуновски, Кузман Јосифовски-Питу, Страхил Гигов и Бане Андреев.
За основањето на КПМ, Страхил Гигов-Андро (учесник во НОБ, носител на Партизанска споменица 1941 и други високи одликувања, како и народен херој на Југославија) истакнува дека „Комунистичката партија на Македонија е родена во судбоносните денови на нашата Народноослободителна борба и револуцијата. Во тригодишната борба против германско-бугарските и италијанските окупатори македонскиот народ“.
Според него, на основачкиот состанок, меѓу другото било решено Главниот штаб на народноослободителните партизански одреди да се реорганизира и да се преименува во Главен штаб на народноослободителната војска и партизанските одреда на Македонија. Страхил Гигов исто така вели дека многу важна била и одлуката за „засилување на партизанските одреди и формирање поголеми воени единици – баталјони и бригади, што ќе можат самостојно да оперираат.“
Во понатамошниот дел од своето искажување, Гигов посочува дека: „Набргу се увиде од какво значење беше формирањето на Комунистичката партија на Македонија и нејзиниот Централен комитет. Се покажа дека тоа е еден од решавачките настани во историјата на Народноослободителната борба и револуцијата во Македонија. Формирањето на КПМ дојде како логичен резултат на борбата што ja водеше македонскиот народ против фашистичките окупатори заедно со другите југословенски народи и народности, како и на правилниот и доследен став на Комунистичката партија на Југославија по националното прашање и нејзината борба за негово решавање.
Во натамошното консолидирање на партиските организации и во развојот на НОВ и револуцијата, како и во градењето на братството и единството меѓу македонскиот народ и сите народности што живеат во Македонија, КПМ одигра огромна улога. Во Народноослободителниот фронт, партијата успеа да ги собере сите оние што беа на линијата за борба, без разлика на националната и верската припадност“.
По основањето на КПМ, нејзиниот Централен комитет донел неколку историски одлуки. Особено е значајно Преспанското советување од август 1943 година, кога ЦК на КПМ донел клучни одлуки со кои биле создадени политичко-правните претпоставки за свикување на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).
Проф. д-р Александар Литовски од Институтот за национална историја, кој детално го истражувал овој дел од македонската историја, вели дека на Преспанскиот состанок биле донесени клучни одлуки за идниот политички и државоправен статус на вардарскиот дел на Македонија.
– Преспанскиот состанок во историјата на македонскиот народ има исклучително позитивно значење, оти поттикнувачки влијаеше врз развојот на оружената антиокупаторска борба, имаше решавачко влијание за организирањето на АСНОМ и, во крајна линија, имаше пресудно значење за создавањето на македонската национална држава – вели Александар Литовски.
Државотворноста на Комунистичка партија на Македонија е видлива и од прогласот упатен до македонскиот народ од 2 август 1944 година. Во споменатиот проглас, меѓу другото било нагласено: „На 2 август оваа година – на Илинден – во историскиот манастир Св. Прохор Пчињски, се одржа првото заседание на Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија, кое прокламира слободна и равноправна федерална држава Македонија во слободна, демократска и федеративна Југославија.
Вкупно 122 претставители од сите краишта на Македонија, кој по најтешките денови на фашиското ропство е покажаја својата верност на своето народно-ослободително дело, беа полноправни и вистински толкователи на твојата суверена волја. Жртвите кои ги даде во денешната борба против германо-бугарските окупатори и маките кој ги преживе под црното фашиско иго искупени се. Идеите на Делчев, Сандански и други остварени се. Оживотворувајќи историските одлуки на II заседание на Антифашиското веќе на народното ослободуење на Југославија од 29 ноември 1943 година, со кои македонскиот народ биде признат како слободен и равноправен со другите народи во Југославија и Македонија како слободна, равноправна, федерална единица во демократска и федеративна Југославија – Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија се конституиса во врховно, законодавно и извршно претставителство на македонскиот народ. Изградени од коските на илјадници твој најарни синови и ќерки, цементирани со скапата крв на твојте првоборци Орце Николов, Кузман Јосифовски, Страшо Пинџур, Цветан Димов, Мирче Ацев и други, се удрија неразрушивите темели на македонската држава.“ Д.Ст.