Актуелно се наметнува прашањето на каков начин Македонија може да ја искористи како аргумент пресудата на грчкиот суд, со која Грција практично го признава постоењето на македонскиот јазик на своја територија, во дебатата за јазичната посебност на македонскиот од бугарскиот јазик
Бугарските политикантски оспорувања на македонскиот јазик, грчкиот суд ги урна со правно аргументирани докази
Како што Преспанскиот договор ги отвори апетитите на Бугарија за добивање историско-идентитетски отстапки од Македонија, слични на оние што ги доби Грција, сега би требало да се очекува какви ефекти ќе предизвика пресудата на грчкиот суд за продолжување на регистрацијата на Центарот за македонски јазик во оваа земја, врз бугарската кампања во ЕУ за оспорување на посебноста на македонскиот јазик, преку настојување да се наметне нивната позиција дека е дијалект на бугарскиот јазик. Оваа позиција за македонскиот јазик како дијалектна форма на бугарскиот, официјална Софија ја има изразено во неколку документи испратени до Брисел и земјите-членки на Унијата, но и ултимативно е наведена во Декларацијата на бугарското собрание. И покрај тоа што во последно време се нагласува дека со потпишувањето на договорот на Македонија со Фронтекс (кој Бугарија го блокираше две години) е позитивно решено прашањето за статусот на македонскиот јазик како еден од рамноправните јазици во ЕУ, како скриена закана и понатаму загрижува фактот што позициите од Декларацијата на бугарското собрание имплицитно (преку протоколите од меѓувладините седници) се вградени во преговарачката рамка за Македонија со ЕУ, т.е. таканаречениот француски предлог. Во таквиот сложен контекст на македонските евроинтеграции, обременети со националните аспирации на соседите спрема македонскиот идентитет, Македонија е поставена во ситуација на постојано аргументирање и докажување на својата посебност во постоењето. Актуелно се наметнува прашањето на каков начин Македонија може да ја искористи како аргумент пресудата на грчкиот суд, со кој Грција практично го признава постоењето на македонскиот јазик на своја територија, во дебатата за јазичната посебност на македонскиот од бугарскиот јазик.
– Одобрувањето на грчкиот суд на постоењето на Центарот за македонски јазик на своевиден начин ги отфрла и бугарските аспирации спрема македонскиот јазик. Бугарите ги сметаат егејските дијалекти во Грција како дијалекти на бугарскиот јазик и настојуваат таа теза да ја наметнат во славистичката наука, иако во научниот свет не им е прифатена. Со постоењето на Центарот за македонски јазик, грчката држава практично ја легитимира реалната состојба дека егејските дијалекти му припаѓаат на македонскиот јазик. Односно оние граѓани на Грција што го формираат Центарот за македонски јазик, за изучување на својот мајчин јазик (како нивно основно човеково право во делот на малцинските права), всушност говорат на македонски јазик. Оваа пресуда на грчкиот суд може да биде силен аргумент на Македонија против бугарските аспирации за оспорување на посебноста на македонскиот јазик во ЕУ – вели професорката Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик.
Оспорувањето на постоењето на македонското малцинство во Бугарија, а следствено на тоа и правото за изучување на македонскиот јазик, е ноторна децениска реалност, осудена во 17 пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, кои бугарската држава одбива да ги спроведе. Во сложениот амбиент на соседските односи на Македонија со земјите-членки на ЕУ се наметнува размислувањето дали е можно да се очекува Бугарија да се угледа и да го следи исчекорот на Грција во однос на почитувањето на европските регулативи за малцинските прашања. Односно дали бугарските власти би го следеле примерот на грчкиот суд, кој следејќи ги европските регулативи не го укина Центарот за македонски јазик, па официјална Софија да почне да ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права.
– Надежта на Македонците во Бугарија за спроведување на пресудите од Стразбур, изречени против бугарската држава, се насочени пред сѐ кон Комитетот на министри на ЕУ. Бугарија, во принцип, е во тешка ситуација со нејзините позиции за непризнавање на Македонците како народ посебен од бугарскиот. Целиот свет, и од научен и од политички аспект, ги признава посебноста на македонскиот народ и историската автохтоност на Македонците, а во тој контекст и посебноста и автентичноста на македонскиот јазик. Бугарија е осамена во своите оспорувања на Македонија и сега преку ЕУ настојува да ги наметне тие свои небулозни аспирации. Зашто ако Македонија влезе во ЕУ, тогаш пропаѓаат сите бугарски теории за Македонија и Македонците како дел од бугарската „приказна“.
Одлуката на грчкиот суд за дозвола за постоење на невладина организација што има основано Центар за македонски јазик, секако, многу ја слабее бугарската позиција по ова прашање во ЕУ. Сега на Бугарија ѝ останува само да продолжи со директна уцена врз македонската влада за остварување на своите аспирации – вели Стојко Стојков од ОМО Илинден-Пирин.
Зоран Спасовски од Институтот за македонски јазик смета дека одлуката на грчкиот суд за Центарот за македонски јазик „автоматски значи дека постапката оди директно контра бугарските тврдења за еден јазик и еден народ “.
– Што се однесува на прашањето како може таа одлука да се одрази на бугарските тврдења дека македонскиот е дијалект на бугарскиот и слично, со оглед што се отвора македонски културен центар, под името македонски, значи, кој ќе работи за македонското малцинство во таа земја, тоа автоматски значи дека постапката оди директно контра бугарските тврдења за еден јазик и еден народ и ја покажува состојбата на работите таква каква што е: дека станува збор за два посебни словенски јазика и два посебни словенски народа и дека словенското малцинство во Грција не е бугарско, туку македонско. Пресудата, според нас, значи оди директно во полза на смирување на балканските проблеми и решавање на балканските отворени прашања на позитивен начин и во смисла на растоварување на товарот од некои минати времиња – вели Зоран Спасовски.