Фото:ЕПА

Помеките ставови на западноевропските земји во врска со Русија сè повеќе ги фрустрираат нивните источноевропски сојузници, како што се Полска и балтичките земји, чија тврда линија кон Русија ги стави навидум во спротивни табори по тоа прашање. А токму тој став поттикнува кај тврдолинијашите (Полска и балтичките земји) уште поголема желба и стремеж да го задржат американското присуство во Европа (наспроти иницијативите и залагањата на Франција за „стратегиска автономија за Европа“.) Но повоздржаниот однос на Франција и Германија кон Русија не се заснова на попустлив или колеблив став или, пак, на некаков страв или безидејност. Напротив, тие многу мудро и далековидо ги анализираат појавите во светот и геостратегиски играат на „долги патеки“

Зошто држави од Западна Европа имаат различни „перцепции за руската закана“, за разлика од источноевропските држави

Додека францускиот претседател Емануел Макрон се залагаше за стратегиска автономија во последниве години, а германскиот канцелар Олаф Шолц објави историска „пресвртна точка“ („Zeitenwende“) во делот од одбранбената политика, како одговор на руската воена операција, двете земји како забележливо да го продолжија мекиот приод кон односите со Москва и претпазливо презедоа чекори во врска со одредени политички и економски прашања за текот на војната. Германија неволно испрати тенкови „леопард 2“ во Украина по паралелните потези на Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство, додека Макрон инсистираше на тоа дека повоената резолуција мора да вклучува „признавање на руските безбедносни грижи“.

Од каде потекнуваат различните перцепции за Русија на истокот и на западот на Европа?

На прв поглед, различните перцепции на Западна и на Источна Европа сугерираат дека двете половини на Европа, всушност, не се ниту станале „природни сојузници“!? И точно и неточно.
Историски гледано, Источна Европа (балтичките земји, Полска Чешка, Словачка, Унгарија, Романија…) ја имаа судбината да бидат тампон-зона меѓу Западна Европа и Русија. Но токму во таа улога тие веќе не сакаат да се вратат.
Ваквото во основа асиметрично гледање на работите и различните перцепции на Истокот и Западот на Европа спрема Русија беа изразени особено со процесот на проширување на НАТО, со напорите да ги вклучи источноевропските држави од 1990-тите па наваму.
Но меките ставови на западноевропските земји сè повеќе ги фрустрираат нивните источноевропските сојузници, како што се Полска и балтичките земји, чија тврда линија кон Русија ги стави навидум во спротивност со она што западњаците го гледаат „меколинијашки“, дури и со доза амбивалентност. Но тоа поттикнува кај тврдолинијашите (Полска и балтичките земји) уште поголема желба и стремеж да го задржат американското присуство во Европа (наспроти иницијативите и залагањата на Франција за „стратегиска автономија за Европа“.)
Но повоздржаниот однос на Франција и Германија кон Русија не се заснова на попустлив или колеблив став, некаков страв или безидејност. Напротив, тие многу мудро и далековидо ги анализираат појавите во светот и геостратегиски играат на „долги патеки“.

Улогата на САД

Со реакциите на многу западни коментатори во кои се обвинуваат Франција и Германија дека „не ја поддржуваат Украина агресивно“ се намалува и нивниот (западен) кредибилитет во очите на Источна Европа. Токму надолниот тренд на нивниот кредибилитет го принудува Берлин да се потпира уште повеќе на Вашингтон, а исто така и за да ги ублажи сопствените безбедносни стравови. Според одредени експликации, „Западна Европа треба да се постави на сериозна воена основа и да помогне во водењето политики против Русија“. Но постојат неколку причини за да се гледаат скептично ваквите тврдења.
На прво место, перформансите на руската војска прават одговорот на Франција и Германија да изгледа релативно разумен, неизбрзан и пропорционален. Имено, Русија со месеци се бори да го освои малиот регионален град Бахмут, а тоа секако имплицира заклучок дека руските сили „нема да маршираат во Варшава во скоро време“, ниту сака ниту има сила за тоа. Во основа, западноевропските земји негуваат став дека нема основа за таквиот страв на источноевропските земји. На истото конто, Франција и Германија, пак, отсекогаш признавале дека Русија, веројатно, секогаш ќе биде сила во регионот и дека мирниот соживот бара некој вид разумно заемно разбирање.
Второ, аналитичарите оценуваат дека Соединетите Американски Држави не треба да очекуваат дека преголемите мерки што ги применуваат за да го поддржат кредибилитетот на продолженото одвраќање, апсолутно и вечно ќе бидат поддржувани од Европа. Според аргументите на аналитичарите, за поголема „поделба на товарот“ (колку што може да биде изедначено распределувањето на обврските и одговорностите во Алијансата) меѓу сојузниците, најдобриот начин е САД да ги охрабрат своите способни, побогати сојузници, да направат повеќе за своја одбрана.

Постепено Американците да го намалуваат сопствениот придонес за безбедноста на Стариот Континент?

Алтернативното гледиште е дека најдобриот начин да се охрабрат богатите и способни земји од Западна Европа да преземат поголема одговорност во европскиот сојуз е полека, но стабилно и отворено Американците да го намалуваат сопствениот придонес за безбедноста на континентот.
Но ова не би било поголемо „споделување на товарот“, туку „поместување на товарот“, велат американските аналитичари.
Ако европската безбедност е навистина целта, се вели една анализата што деновиве ја објави „Нешнел интерест“, треба да очекуваме способните држави како Франција и Германија „да дејствуваат како и секоја друга држава без гарант: да ги развијат независните способности за кои сметаат дека се неопходни за сопственото загрижувачко опкружување и да управуваат со своите сојузи“.
Според истото гледиште „Полска и балтичките земји претпочитаат американска гаранција, но тие веројатно сè уште долго ќе можат мирно да спијат ноќе со гаранција од нивните помоќни и нуклеарно вооружени западноевропски соседи“.
Меѓутоа, практично никој во американскиот надворешнополитички естаблишмент всушност не сака да се откаже од позицијата на Соединетите Американски Држави на чело на НАТО, што ја става Европа во сферата на влијание на Америка.
Затоа, некое време, како што вели историчарот Ричард Саква: „постоењето на НАТО ќе продолжи да биде оправдано со потребата да се управува со безбедносните закани предизвикани од неговото (сопствено) проширување“.