Стотици илјадници Израелци излегоа на улиците низ земјата изминатиов викенд, во она што беше опишано како најголемите протести во историјата на Израел. Протестите беа организирани поради плановите на израелската влада да ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, за кои критичарите велат дека ја поткопуваат независноста на судството и ја загрозуваат демократијата, објави Би-би-си.
Бранејќи ги плановите на владата, премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека реформите ќе ја вратат рамнотежата меѓу гранките на власта.
Прашањето предизвика длабоки поделби во израелското општество и, како што го опиша лидерот на опозицијата Јаир Лапид, ова е „најголемата криза“ со која се соочува Израел од своето основање.
Организаторите во саботата рекоа дека до 500.000 демонстранти излегле на улиците на градовите низ земјата, во она што дневниот весник „Хаарец“ ги опиша како „најголемите протести во историјата на земјата“. Само во Тел Авив, наводно околу 200.000 луѓе протестирале во саботата, а во северниот град Хаифа, наводно, имало 50.000 демонстранти.
Според Јоланда Кнел, дописничка на Би-би-си од Ерусалим, „промените во правосудниот систем се камен-темелник на политиката на новата израелска националистичко-верска коалиција предводена од Нетанјаху“, која беше формирана во декември.
-Целта на реформите е да и се овозможи на владата да има пресудно влијание врз изборот на судии и да ја ограничи способноста на Врховниот суд да пресудува против извршната власт или да поништува закони – додава таа.
Според предлозите, политичарите ќе имаат доминантна улога во изборот на судии и ќе му овозможат на парламентот – Кнесетот – да ги поништи одлуките на Врховниот суд со просто мнозинство и целосно да отстрани некои закони од судска ревизија.
Критичарите велат дека ова го загрозува политичкиот систем на контрола и рамнотежа, бидејќи Израел нема устав, туку само Парламент контролиран од владејачката коалиција.
Во центарот на оваа борба е Бенјамин Нетанјаху, кој доминираше во израелската политика во последните две децении.
И покрај тоа што му се судеше по обвиненијата за мито, измама и корупција, што тој ги негира, беше реизбран за премиер во ноември 2022 година по 18 месеци во опозиција.
Ова е негов шести мандат како премиер и сега има мнозинство во Кнесетот (парламентот) на чело на коалициската влада на екстремно десничарски и верски партии.
Откако владата ги претстави плановите за реформи во судството во јануари, десетици илјади луѓе учествуваа во неделните масовни демонстрации против новиот закон, за кој моментално се расправа во Кнесетот.
Анкетите покажуваат дека планот на владата е непопуларен и дека повеќето Израелци се за компромис.
Претседателот на државата Исак Херцог, кој главно има протоколарна улога, се залага за дијалог меѓу власта и опозицијата, предупредувајќи дека земјата е на работ на „уставен и социјален колапс“.
Некои од странските сојузници на Израел, исто така, изразија загриженост поради планираните реформи.
-Забавете малку, можеби сè уште ќе ги соберете луѓето, обидете се да изградите консензус – рече американскиот амбасадор во Израел Том Нидс на почетокот на март.
Израелската влада, која ги нарече демонстрантите анархисти, е цврсто против протестите, тврдејќи дека тие се поттикнати од политички противници.
Прашањето предизвикува длабоки поделби во израелското општество, па дури и резервистите, столбот на израелската армија, се заканија дека ќе ја одбијат воената служба во знак на протест. Минатата недела, десетици резервни борбени пилоти во елитната ескадрила на израелските воздухопловни сили рекоа дека нема да се јават на обука, потег без преседан во земјата. Подоцна, тие малку го променија ставот и се согласија да разговараат со нивните команданти.
-Тоа е сосема невообичаено – изјави еден резервен офицер за Би-би-си.
-Ние се стремиме да останеме непристрасни за овие прашања, но ова не е обична политичка дискусија. Тоа е драматична промена. Загрижени сме дека клучните принципи на нашата демократија ќе бидат целосно уништени.
Вработените во ИТ секторот, адвокатите и банкарите, исто така, изразија загриженост поради потенцијалното влијание на реформите.
Нетанјаху очекува нацрт-законите да бидат усвоени пред крајот на тековната седница на Кнесетот на 4 април.