Фото: Игор Бансколиев

Во време кога Македонија се соочува со сериозни предизвици на меѓународен план, кога во тек е скрининг-процесот со Европската Унија, кога треба да се најде начин да се релаксираат односите со Бугарија, кога земјава претседава со ОБСЕ во момент кога беснее стравотна војна во Украина и има сериозни безбедносни тензии и во други европски земји, прифаќајќи ја задачата да го средува чаирскиот разгранок Османи јасно демонстрира дека не ја одвоил партиската од државната функција. Впрочем, дека спојот на државната и партиската функција предизвикува конфузии кај носителите се потврди неодамна со констатацијата на Државната комисија за спречување корупција и Владата, кога комисијата потврди дека министерот за надворешни работи користел службени возила на МНР за изборни и партиски активности

СЕСТРАН МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ: ПОКРАЈ ДРЖАВНАТА И РЕГИОНАЛНАТА, ТОЈ ВРШИ И РЕДИЦА ПАРТИСКИ ФУНКЦИИ

Носителите на високи државни функции треба целосно да се посветени на функцијата што ја вршат исклучиво во интерес на државата и на граѓаните, а секаков друг дополнителен ангажман отвора простор за помала посветеност кон примарната задача.
Имено, министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна беше назначен од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за партиски координатор за Чаир, со уверување дека ќе се реактивира чаирскиот разгранок „по тригодишна неактивност“.

Од избраните носители на јавни функции се бара граѓанска и државна, а не париска одговорност

Во време кога Македонија се соочува со сериозни предизвици на меѓународен план, кога во тек е скрининг-процесот со Европската Унија, кога треба да се најде начин да се релаксираат односите со Бугарија, кога земјава претседава со ОБСЕ во момент кога беснее стравотна војна во Украина и има сериозни безбедносни тензии и во други европски земји, прифаќајќи ја задачата да го средува чаирскиот разгранок Османи јасно демонстрира дека не ја одвоил партиската од државната функција. Впрочем, неодамна, покрај Државната комисија за спречување на корупција, и Владата потврди дека министерот за надворешни работи злоупотребил службени возила на МНР за изборни и партиски активности.
Имајќи го предвид сето ова, клучното прашање на кое македонската јавност бара одговор е дали Османи е министер за надворешни работи на Република Македонија или, пак, човек од доверба на Ахмети, чиј приоритет е да ги средува внатрепартиските превирања во ДУИ.
Ако станува збор за првото, тогаш Османи треба да се заблагодари за понудата на својот партиски лидер и јасно да се огради од партиската функција, во спротивно произлегува дека тој ги користи државните привилегии и народните пари исклучиво за партиски цели.
Во развиените европски демократии високата државна функција подразбира замрзнување на сите партиски активности, бидејќи граѓаните очекуваат од избраниот функционер да е посветен и да работи за интересите на нивната земја, а не за сопствената партија.
Неоспорен факт е дека еден човек не може квалитетно да врши повеќе функции колку и да е способен, така што без целосна посветеност и макотрпна работа, резултатите во делот на надворешната политика ќе бидат незадоволителни, што во вакви турбулентни времиња е крајно опасно за државата.

Што има приоритет – граѓанската или партиската одговорност

Соговорниците со кои се консултиравме немаат дилема дека еден човек не може квалитетно да врши повеќе функции, а дека главен и единствен приоритет мора да му биде функцијата што му ја доверила државата и за која е платен од граѓаните.
– Мојот став е дека тие министерски позиции во принцип бараат целосен ангажман, постојана присутност со следење на проблемите, консултации со соработници, експерти и слично. Кога зборуваме за едно министерско место, особено од надворешна политика и уште повеќе за нашата држава во однос на комуницирање со светот, еве и со претседавањето со ОБСЕ, тоа значи дека еден човечки природен ангажман е доволен за да може таа функција да се врши успешно, квалитетно и одговорно – вели Живко Андревски, универзитетски професор во пензија.
Според него, партиите си проценуваат според своите околности колку некој нивен функционер може да испорача и затоа му доделуваат и партиска покрај државната функција.
– Секој може да каже дека партијата проценила оти нејзиниот министер може да врши и други функции. Но освен што ова прашање е организациско и принципиелно, тоа е и етичко прашање, односно конкретен човек да знае колку самиот може да постигне, под услов да не станува збор за формулација дека тој ќе фигурира како портпарол или како координатор на разгранок, а во принцип тоа ќе го врши некој друг – појаснува Андревски.
Тој смета дека кога станува збор за клучните ресори важни за државата, како надворешни и внатрешни работи, како и одбрана, потребен е целосно посветен човек на овие функции.
– Мојот генерален став е дека трите министерства, за внатрешни и надворешни работи и за одбрана, во принцип бараат цел човек, полн капацитет на ангажман, постојана комуникација со соработници, следење на проблемите, односно активно дејствување, и дека многу е тешко еден човек да одговори на овие функции, а не, пак, да има и дополнителни задачи надвор од ресорот. Дури и да е најспособен, сепак сметам дека треба да ѝ се посвети на основната функција што му е доверена и таа да ја води. Ако има толкав капацитет, уште подобро, ќе ја унапреди работата во својот ресор, ќе наоѓа решенија за проблемите, нови можности, што во секој случај ќе биде добро за државата и граѓаните – категоричен е Андревски.