Годинашната церемонија на „оскарите“ главно беше без контроверзии, но и невообичаено тивка, пишува Николас Барбер во неговиот осврт на доделувањето на најпрестижните филмски награди за „Би-би-си“, додавајќи дека отсуството на дел од најголемите имиња во Холивуд претставува знак дека се нарушуваат досегашните прилики во американската филмска индустрија.
– На крајот на „оскарите“ водителот Џими Кимел се шегуваше за минатогодишниот инцидент во кој Вил Смит му удри шлаканица на тогашниот водител Крис Рок. Во изминатите неколку години „оскарите“ честопати претставуваа дебакл, без разлика дали поради забуна со пликоата со имињата на добитниците во 2017 година или поради социјалното дистанцирање во 2021 година. Но овој пат, настанот помина доволно глатко за организаторите да ве уверат дека знаат што прават. Кимел беше опуштен, а никој не направи гафови или лапсуси. Фустаните беа блескави, а украсите на сцената потсетија на златното доба на Холивуд. Се укажуваше на тоа дека грешките од претходните години беа само лош сон – пишува Барбер.
Тој укажува и на очигледните пропусти за време на церемонијата
– Точно е дека долги делови од три и пол часовното шоу беа здодевни и одбивни, но тоа е речиси секогаш случај со церемониите на доделување награди, а имаше само неколку очигледни пропусти, како што е практиката на отпочнување на музика пред добитниците да завршат со говорите по примањето на статуетките – наведува авторот.
Највпечатливо според Барбер било отсуството на дел од големите холивудски ѕвезди.
– Остуството на толку многу од најголемите имиња во Холивуд, меѓу кои се Том Круз и Џејмс Камерон (актерот Дензел Вашингтон и режисерот Спајк Ли ги пропуштија „оскарите“ за да го гледаат натпреварот од кошаркарската НБА-лига помеѓу Лос Анџелес лејкерс и Њујорк никс – н.з.), навести дека досегашните прилики во американската филмска индустрија се нарушени. Големите историски студија мораа да се задоволат со наградата за најдобар звук за „Топ Ган: Маверик“, за визуелни ефекти за „Аватар: Патот кон водата“, како и за најдобра костимографија за „Црниот Пантер: Ваканда засекогаш“. Независното студио „А24“ стои зад големиот победник „Сѐ во исто време“ што освои седум „оскари“, како и зад „Китот“, за кој Брендан Фрејзер го освои признанието за најдобар актер – пишува Барбер.
Целата вечер можеше да се протолкува како признанието на Холивуд дека веќе не ги прави најдобрите филмови, или барем не оние филмови што добиваат „оскари“. Па можеби Кимел згреши кога кажа дека церемонијата поминала без инцидент. Тоа беше среќен настан, но исто така и шлаканица во лицето на Холивуд, заклучува авторот.