Корупцијата излезе на виделина по истрагата на даночните власти за компанијата „Дансил 95“ на поранешниот потпретседател на Техничкиот судиски комитет на Шпанија и поранешен фудбалски судија, Хозе Марија Енрикез Негреира. Барселона ѝ исплатила на компанијата вкупна вредност во износ од 1,4 милион евра (1,2 милион фунти) помеѓу 2016 и 2018 година, а на Негреира околу седум милиони евра (6,2 милиони фунти) помеѓу 2001 и 2018 годин

ФУДБАЛ

Веста дека Барселона му платила на поранешниот потпретседател на Техничкиот судиски комитет на Шпанија и поранешен фудбалски судија (1975-1992), Хозе Марија Енрикез Негреира, околу седум милиони евра (6,2 милиони фунти) помеѓу 2001 и 2018 година, а на компанијата што тој ја поседува „Дансил 95“ вкупно 8,4 милиони евра (7,4 милиони фунти) и понатаму е топ тема во Шпанија. Судот во Барселона во петокот сослуша поранешни функционери на клубот, како и Негреира, кои се обвинети за корупција, прекршување на довербата и лажни деловни досиеја. Овие тужби, поднесени од Jавното обвинителство на Барселона, се насочени кон клубот и неговите поранешни претседатели Жозеп Марија Бартомеу и Сандро Росел – пишува Би-би-си.
– Барселона доби и одржуваше строго доверлив вербален договор со Негреира (77), така што, во својство на заменик-претседател на Техничкиот судиски комитет и во замена за пари, тој ќе спроведе дејства од корист на Барселона во одлуки на судиите – велат од Јавното обвинителство.
Извршниот директор на Ла лига, Хавиер Тебас, изјави дека актуелниот претседател на ФК Барселона, Жоан Лапорта, треба да поднесе оставка доколку не може да ги објасни исплатите.
– Нека биде јасно, Барселона никогаш не купувала и никогаш немала намера да купува судии, апсолутно никогаш – изјави Лапорта, потенцирајќи дека нема намера да поднесе оставка.

УЕФА НЕ САКА ЕКИПИ ПОВРЗАНИ СО МОЖНО МЕСТЕЊЕ НАТПРЕВАРИ

Барселона призна дека клубот му платил на „Дансил 95“, кој го опиша како „надворешен технички консултант“, за да составува видеоизвештаи поврзани со професионални судии „со цел да се дополнат информациите што ги бара стручниот штаб“. Се додава и тоа дека договарањето на извештаите е „вообичаена практика меѓу професионалните клубови“. Аферата ескалира кога 18 од 20-те клуба од Ла лига издадоа соопштение за да изразат „длабока загриженост“ за ситуацијата, а Лапорта возврати дека клубот ќе започне внатрешна истрага за исплатите. Тренерот на Барселона, Чави Ернандес, кој со клубот освои осум титули во Примера-дивизија како играч во периодот од 1998 до 2015 година, рече дека не знаел за плаќањата и никогаш немал чувство дека неговиот тим има предност.
– Отсекогаш сакав да победувам, но праведно. Ако мислев дека мамиме, ќе си одев дома – рече тој по ремито на Барселона со Манчестер Јунајтед (2-2) во Лига Европа (ЛЕ) минатиот месец, пишува Би-би-си.
Уште во 2017 година, Европската фудбалска унија (УЕФА) ги промени правилата за подобност на нивните натпреварувања. Тоа го направија поради неколку преседани, но особено поради случаите со Андерлехт во 1996 и со Милан десет години подоцна. Таа промена може да влијае на Барселона, која може да добие забрана за настап во следното издание на ЛШ. Клубовите што сакаат да учествуваат на европските натпреварувања мора да ја достават потребната документација до 1 јуни. УЕФА во 1996 година одлучи да формира внатрешна комисија што ќе ги истражи наводите дека Андерлехт наводно купил два натпревара. Осумнаесет месеци подоцна, во септември 1997, Извршниот комитет (ИО) на УЕФА донесе одлука да го прогласи белгискиот клуб за неподобен да учествува во нивните натпреварувања за сезоната 1998/1999 – пишува шпанска „Марка“.

АНДЕРЛЕХТ И МИЛАН – ПРЕСЕДАНИ

ИО на УЕФА заклучи дека Андерлехт бил вмешан во два случаја на местење мечеви. Првиот поврзан во Купот на УЕФА помеѓу Андерлехт и Баник Острава (19 октомври 1983), а вториот во полуфиналето на Купот на УЕФА помеѓу Андерлехт и Нотингем форест (25 април 1984). Белгискиот клуб се закани дека ќе оди на редовните судови, па случајот заврши во Техничкиот арбитражен суд, кој ја усвои жалбата и покрај доказите за местење мечеви, наложувајќи дека извршната власт на УЕФА треба да ја прифати судската одлука.
Десет години подоцна историјата се повтори, но сега со Милан, по скандалот со наместени натпревари, познат како Калчополи. Истрагата водена од италијанската полиција откри дека мрежа на менаџери на клубови, функционери одговорни за судиите и други лица, се обидела да влијае на исходот на неколку меча во Серија А. Неколку клуба, како што се Милан, Фиорентина, Реџина и Лацио, беа санкционирани од Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ), додека Јувентус испадна од лигата. Сепак, Милан успеа да се квалификува за ЛШ 2006/2007. УЕФА, пак, се соочи со правна дилема дали да дозволи клуб што бил санкциониран поради вмешаност во Калчополи да учествува во натпреварување на УЕФА следната сезона или не.
Комисијата за итни случаи на УЕФА заклучи дека немале друг избор освен да го прифатат учеството на Милан во натпреварувања на УЕФА таа година на формална база, поради недоволната правна основа во прописите во одредени околности. Милан продолжи со натпреварувањето и го победи во финалето Ливерпул (23 мај 2007).
Но понатамошниот одговор на УЕФА за случајот со Милан беше брз. На следниот конгрес на УЕФА, кој се одржа во јануари 2007, беше одобрен нов амандман за членот 50 од Статутот на УЕФА. Со тој амандман, кој и денес е уште во сила, беше воспоставен процес во две фази, со цел да се обезбеди интегритет на натпреварите на УЕФА. Првата фаза се состои од административна мерка, со која клубот што е сторител на прекршок се исклучува од европските натпреварувања на една сезона. Втората фаза, пак, се состои од дисциплински санкции што можат да се изречат по административната мерка и немаат максимално времетраење.
– Приемот во натпреварување на УЕФА на асоцијација-членка или клуб директно или индиректно вклучен во каква било активност насочена кон договарање или влијание врз исходот на натпревар на национално или меѓународно ниво може да биде непосредно одбиен, без да се нарушат какви било можни дисциплински мерки – стои во членот 50(3) од Статутот на УЕФА – пишува понатаму „Марка“.
Логично, оваа регулатива е инкорпорирана и во законите со кои се регулираат ЛШ, ЛЕ и Лигата на конференциите.
– За да има право да учествува во едно од овие натпреварувања, клубот мора да ги исполнува следниве критериуми: да не е директно или индиректно вклучен, од стапувањето во сила на членот 50(3), донесен на 27 април 2007, во секоја активност насочена кон договарање или влијание врз исходот на натпревар на национално или меѓународно ниво, и тоа мора писмено да ѝ го потврди на администрацијата на УЕФА – стои во правилникот на УЕФА.
Откако УЕФА ги модифицира своите статути, на оваа мерка се приклучија и преостанатите конфедерации, почнувајќи од азиските, што може да се смета како универзална одлука и една од најважните во светот на фудбалот во последните години.Г.И.