Неверојатни научнички, писателки, политичарки, актерки, спортистки, уметници, феминистки и хуманитарки – тие дадоа свој придонес во светот во кој живееме денес. И го направија подобро место. Светската листа на вакви жени е долга, но ни македонската не заостанува зад неа. Од многубројните жени што ја обележале историјата на Македонија, но и нејзината современост, што на длабок и моќен начин го промениле погледот на светот кон Македонија, во овој празничен број избираме осум (симболична бројка за еден осмомартовски број) успешни жени во различни општествени области. Тие покажале дека женската моќ не се отелотворува само во убавината, страста и шармот туку и во можноста да се влијае на цивилизациските текови и на тоа како нѐ гледа светот.
Мајка Тереза
Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година во Скопје. На 18-годишна возраст, водена од желбата да стане мисионерка, Гонџа ги напушта својот дом и родното Скопје за да им се приклучи на сестрите од Лорето во Ирска, од каде што тргнува со брод за Индија. Во 1948 година, со декрет од папата Пиј Дванаесетти добива дозвола да ја започне својата мисија меѓу најсиромашните на улиците во Калкута. Во 1965 година, со декрет од папата Павле Шести, Мисијата на сестрите на љубовта е ставен директно под папска јурисдикција и се шири и надвор од границите на Индија. Денес има повеќе од 5.000 активни мисионерки на љубовта во повеќе од 137 држави низ целиот свет. Во 2016 година, еден ден пред годишнината од нејзината смрт (5 септември 1997 година), папата Фрањо ја прогласува Мајка Тереза за светица. Крајот на животниот пат на еден од најголемите алтруисти на столетието ги трогна сите, најмногу оние што ја почувствувале нејзината хуманост, гладните, бездомниците и болните. Во текот на својот живот, Мајка Тереза за својата хуманитарна работа има добиено повеќе од 700 награди, меѓу кои и Нобеловата, и се смета за најнаградуваната личност на 20 век.
Есма Реџепова
Есма Реџепова (1943-2016) е позната македонска пејачка и хуманитарка. Нарекувана е кралица на ромската музика во светски рамки. Во 2013 г. ја доби престижната титула национален уметник на Република Македонија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот водач Муамер Гадафи, кога летувал во резиденцијата на Бриони. Кога пеела во Келн, публика од 20.000 гледачи занемела пред нејзиниот глас. Двапати е номинирана за Нобелова награда за мир. Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка сцена, таа е жена што животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Жената со божествениот глас, почнувајќи од првото музичко откривање на 11 март, благодарение на ангелскиот глас стана светски прифатена и признаена, таа со песната, темпераментот и ромскиот музички ритам го освои светот. Есма стана лесно препознатлив македонски бренд во светот со својата оригиналност и музичка виртуозност.
Васка Илиева
За половина век, колку што беше присутна на сцената, Васка Илиева (1923, Скопје – 2001), отпеа безмалку 1.000 изворни македонски народни песни, различни по тематика, од кои 150 авторски композиции, и по текст и по музика. Беше позната и барана насекаде, на сите континенти. Беше најголемиот амбасадор на Македонија, на исклучителниот македонски мелос, на македонската песна, на нашата особена вековна традиција и култура. Исполнувајќи исклучиво изворни народни песни со кои го прикажа животот на македонскиот народ и интерпретирајќи ги на изворно оригинален начин, оваа ведета на македонската народна песна стана и остана една, единствена и исклучителна. Меѓу многубројните антологиски хитови и денес препознатливи се: „Излегол Јане Сандански“, „Таму далеку на Балканот“, „Заплакало е Мариово“, „Не плачи мајко, не жалај“, „Кога се мажеше што ти се чинеше“, „Врати се мило либе“, „Земјо македонска“… Беше и неуморен трагач на народни умотворби на кои им даде мелодија.
Нада Поп-Јорданова
Академик Нада Поп-Јорданова (р.1947, Скопје) завршила на Медицинскиот факултет, дипломирала психологија на Филозофскиот факултет, а во 1983 г. го одбранила докторскиот труд „Психолошки фактори кај идиопатската адипозност кај школските деца“ преку кој за првпат во педијатријата го воведува психосоматскиот приод во етиологијата на заболувањата. Нејзиниот интерес за психолошката медицина и психосоматиката ја мотивира за надградба и усовршување во оваа област. Работејќи и објавувајќи трудови од областа на менталното здравје и психофизиологијата станува меѓународно препознатливо име, за што говори нејзиниот избор за редовен член на Интернационалниот колеџ за психосоматска медицина, Европската асоцијација за истражување на адолесценцијата, Швајцарското здружение за детска и адолесцентска психијатрија, Интернационалната организација за психосоциологија и др. Објавила над 500 научни трудови, поголемиот број објавени во меѓународни научни списанија, досега објавила 21 книга. Член е на Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006) и на Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012). За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 4 јуни 2012 година.
Анета Светиева
Д-р Анета Светиева (1944, Битола) е уметница и редовна професорка во пензија на Институтот за етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет. Во 1971 година ги завршува постдипломските студии на Академијата за ликовни уметности. До 1974 година живее и работи во Белград. Во периодот 1965 – 1971 се истакнува со забележителни достигнувања во современата скулптура, за што добива три престижни студентски награди и една професионална награда на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Работи во Институтот за фолклор каде што ја брани докторската дисертација под наслов „Резбарени тавани долапи и врати во Македонија“, која спаѓа меѓу малобројните во тоа време каде што зададената тема е документирано обработена на територијата на етничка Македонија. Има објавено повеќе од 60 (шеесет) стручни и научни трудови, од кои повеќе од дваесетина се во странски списанија. Изложувала на престижни изложби надвор од границите на земјава: Мумок – Виена, Белград – 10. Октомвриски салон, Грац, Виена, Клагенфурт, Истанбул, Будимпешта, била претставничка на Македонија на 47. Венециско биенале на уметноста.
Лидија Димковска
Лидија Димковска (1971 г.) е македонска поетеса, прозаистка, есеистка, теоретичарка на книжевноста и преведувачка. Завршила Филолошки факултет во Скопје, а докторирала на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како предавач по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Таа е една од најпреведуваните македонски писателки и, секако, најнаградувана во меѓународни рамки. И денес продолжува да ја трасира патеката на македонската литература на меѓународната книжевна сцена, да освојува награди поради кои нејзиното име стои до имиња на нобеловци. Добитничка е на наградата „Петру Крду“ што ја имаат добиено писатели како Падрон, Транстромер, Симиќ, Малдун, Ружевич… Во последните десетина години има добиено повеќе значајни европски награди. Таа е едно од ретките имиња на млади македонски писатели што сами го пробија својот пат на европската и на светската книжевна сцена во изминатата деценија. Нејзината книга „рН неутрална историја“ се најде на листата на шест најдобри поетски книги преведени на англиски јазик во САД. Таа е добитничка на престижната Награда за литература на ЕУ, двојна добитничка на наградата „Стале Попов“, како и на светските награди „Тудор Ергези“ и „Хуберт Бурда“. Димковска живее и твори во Словенија.
Теона Митевска
Теона Стругар Митевска (р.1974, Скопје) е една од најплодните македонски режисерки и продуцентка, која со своите остварувања ги помина границите на земјава. Нејзина сестра е глумицата Лабина Митевска, која исто така можеше да се најде на оваа листа. Во нејзината филмографија се запишани: „Како убив светец“ (2004), „Јас сум од Титов Велес“ (2007), „Вета“ (2001), „Жената што ги избриша солзите“ (2012), „Кога денот немаше име“ (2017), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ (2019) и „Најсреќниот човек на светот“ (2022). За „Како убив светец“ доби номинации на „Ротердам филм фестивал“ и на „Брисел филм фестивал“, а на Сараевскиот фестивал награда за најдобар глумец. За „Јас сум од Титов Велес“ доби специјална награда од жирито на „Сараево филм фестивал“, како и награди на Филмскиот фестивал во Приштина и на Филмскиот фестивал во Лече, Италија. „Жената што ги избриша солзите“ беше награден за најдобра камера на „Монтенегро филм фестивал“. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е прв македонски филм во трка за „златната мечка“ на Берлинале, а „Најсреќниот човек на светот“ ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, по дведецениско отсуство на македонски филм на овој фестивал.
Ана Дурловски
Ана Дурловски (р. 1978, Штип) е македонска првенка на операта при Македонска опера и балет. Од 1997 до 2001 студирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. На сцената на Македонската опера и балет како Лучија ди Ламермур дебитираше во 2000 година. Оттогаш харизматичниот сопран Ана Дурловски го освојува светот. Физичката убавина, драматичниот оган и лирскиот интензитет што ги поседува Дурловски ја носат на сцените во оперските куќи во светот. Во 2001 г. таа започнува да ја украсува својата софистицирана вокална техника во Виена. Соработува со оперските куќи од Виена, Берлин, Мајнц, Минхен, Загреб, Осиек, Сплит, Сараево, Софија, Букурешт, Белград, Тирана и други. Во 2006 година, Ана Дурловски е добитник на наградата „Маријана Радев“ за најдобро женско оперско остварување во Хрватска. Во јуни 2006 г. дебитира на сцената на реномираната виенска Државна опера, каде што добива постојан ангажман. Дурловски ја доби престижната германска театарска награда „Фауст“ за најдобар оперски пејач, која, според критиката, се смета за „оскар“ во музичкиот свет.